Три дена осудените за “Диво насеље” штрајкуваат со глад – сакале да одат дома за празници: Роднините велат дека здравствената состојба им се влошува

t

Веќе три дена осудените во случајот „Диво Насеље“ штрајкуваат со глад – спијат и престојуваат во ходник. Роднина на еден од затворениците, за ТВ21 рече дека нивната здравствена состојба се влошува и дека немаат соодветен медицински третман. Меѓутоа, заменикот-директор на Затворот „Шутка“, Садуш Арифи го демантира тоа. Тој за ТВ21 рече дека затворениците од кумановската група се добро и дека затворскиот лекар редовно ги посетува. Според Арифи затворот „Шутка“ не може да им ги дозволи поволностите што ги бараат тие, бидејќи немаат правилници за проценка за безбедност, третман, можност за работа и право на користење слободен викенд.

„Дел од нив ги исполнуваат условите за користење поволности – да излезат за викенд, за одмор и за семејни посети, меѓутоа условите во просториите на затворот „Шутка“ не се такви за да им излеземе пресрет на барањата кои им следуваат како затвореници. Се очекува во текот на месецов да бидат префрлени во затворот „Идризово“ или на друго место, за потоа да можат да го добијат соодветниот третман. Со закон им следува, ги исполнуваат условите, имаа нормално и добро однесување и нема никаква пречка за да им бидат одобрени третманите“, истакна Садуш Арифи.

Тројца од осум затвореници го прекинаа штрајкот. Директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, рече дека со оние кои се откажале од штрајкот постигнале договор да им биде дозволена семејна посета во затвор.

„По мојата посета во затворот „Шутка“ од осум затвореници кои штрајкуваа со глад, три лица го прекинаа, а останатите продолжуваат со штрајкот, но се во добра здравствена состојба. Со лицата кои го прекинаа штрајкот се договоривме да им се овозможи семејна посета во затвор. А што се однесува до останатите поволности, како што се слободни викенди, сме во процес на разговори. Тие сѐ уште немаат можност да излезат вон затворот за време на викенд“, вели Марјан Спасовски.

Деветтемина осудени во случајот „Диво Насеље“ беа донесени привремено во “Шутка“ во март 2020 година од страна на Управата за извршување санкции од безбедносни причини, додава заменикот-директор, Арифи. Сите се наоѓаат во просториите на притворското одделение. Инаку, Арсим Бајрами, Мусадик Пајазити, Ирфан Љутфиу, Елхам Арифи и Садаудин Абдулаху ги исполнуваат условите за користење на горенаведените поволности.

Извор: ТВ21

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ