Објавено на:

Турција и се закани на Грција: Нашата моќ е добро позната

t

Тензиите меѓу Турција и Грција повторно растат, откако турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан упати ново предупредување до Атина поради военото присуство на грчките острови во Егејското Море.

Фидан изјави дека Анкара има „многу сериозна загриженост“ поради милитаризацијата на дел од островите и оцени дека вооружувањето на островите за кои Турција смета дека имаат демилитаризиран статус претставува директна безбедносна закана.

„Милитаризацијата на островите кои имаат демилитаризиран статус претставува закана за нас“, порача шефот на турската дипломатија.

Тој ја повика Грција да ги почитува своите обврски кои, според турското толкување, произлегуваат од меѓународните договори и предупреди дека Атина не треба да создава дополнителен извор на нестабилност во момент кога поширокиот регион веќе се соочува со сериозни безбедносни предизвици.

Фидан истовремено испрати порака дека Анкара не сака натамошно влошување на односите со својот сосед.

„Не сакаме Грција да стане играчка во рацете на оние кои сакаат да го дестабилизираат регионот и да го турнат во хаос. Сакаме да имаме добрососедски односи“, изјави Фидан.

Неговите изјави доаѓаат во чувствителен момент за грчко-турските односи. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис неодамна ги посети Кастелоризо и блиските островчиња Ро и Стронгили, каде што се сретна со припадници на грчките вооружени сили. Турското Министерство за одбрана подоцна оцени дека грчките воени активности на Кастелоризо се спротивни на демилитаризираниот статус што Анкара смета дека произлегува од Парискиот мировен договор од 1947 година.

Атина возврати: Имаме право да ја браниме нашата територија

Одговорот од Грција пристигна брзо.

Грчкото Министерство за надворешни работи ги отфрли турските обвинувања, наведувајќи дека барањата на Анкара за демилитаризација на грчките острови немаат правна основа според грчкото толкување на меѓународното право.

Атина нагласи дека како суверена држава има право да презема мерки за одбрана на својата територија и се повика на правото на самоодбрана.

Грчката страна дополнително го отвори прашањето за турскиот casus belli – одлуката на турскиот парламент од 1995 година поврзана со евентуалното проширување на грчките територијални води во Егејското Море.

Според Атина, контрадикторно е Турција да го нарекува зајакнувањето на одбраната на грчките острови „закана“, додека истовремено ја задржува заканата за употреба на сила во случај Грција да ги прошири своите територијални води.

Повторно растат тензиите во Егејот

Последната размена на пораки покажува дека долгогодишните спорови меѓу двете членки на НАТО остануваат нерешени.

Покрај статусот и вооружувањето на островите, Атина и Анкара со години имаат различни позиции за територијалните води, воздушниот простор, континенталниот гребен и поморските економски зони.

Дополнителна чувствителност создаваат и новите грчки одбранбени програми. Грција инвестира во модернизација на вооружените сили, вклучувајќи Rafale, модернизирани F-16 и планирани F-35, а неодамна склучи и договор со Израел за системот за воздушна одбрана „Achilles Shield“.

Од другата страна, Турција исто така продолжува со јакнење на своите воени капацитети. Посебно внимание во Грција предизвика преместувањето на турската 51. командоска бригада во Соке, во западната провинција Ајдин, спроти грчкиот остров Самос. Турското Министерство за одбрана соопшти дека одлуката за преместувањето била донесена уште во јуни и била поврзана со оперативните потреби на вооружените сили.

И покрај острата реторика, Фидан нагласи дека Турција сака да ги зачува добрососедските односи со Грција.

Сепак, последната размена на пораки меѓу Анкара и Атина покажува дека Егејското Море повторно станува една од почувствителните точки во односите меѓу двете НАТО-сојузнички.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Турција и се закани на Грција: Нашата…

Тензиите меѓу Турција и Грција повторно растат,…

Индија му се спротивставува на Вашингтон: Новите…

Се отвора нов трговски спор меѓу две…

Дизелот станува поголем проблем од нафтата –…

Додека светот секојдневно ја следи цената на…

Фицо предупредува на директна војна Русија–НАТО и…

Словачкиот премиер Роберт Фицо повторно предупреди дека…

Кина натрупала 1,4 милијарди барели нафта –…

Еден од најголемите „скриени играчи“ во актуелната…