Украина и Русија договорија голема размена на заробеници – без напредок за клучните прашања во мировните преговори
Украина и Русија начелно се договориле за голема размена на воени заробеници, по дводневните мировни преговори со посредство на САД во Абу Даби. Иако разговорите завршиле без пробив за клучните прашања што ги раздвојуваат двете страни, договорот за размена на заробеници е конкретниот резултат од средбите, јавува „Еуроњуз“ од Обединетите Арапски Емирати.
Американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер во средата во Абу Даби соопшти дека е постигнат договор, а конечниот број на заробеници што ќе бидат разменети треба да биде утврден во четврток.
„Една од позитивните работи е тоа што се договоривме за најголемата хуманитарна размена на заробеници, а конечниот број ќе го утврдиме утре“, изјави Кушнер.
Планираната размена ја потврдија и главниот украински преговарач Рустем Умеров и неговиот руски колега Владимир Медински, но ниту една од страните не соопшти детали за нејзиниот обем и времето на реализација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека се разговарало за размена на по 1.000 заробеници од двете страни, со можност бројката да се зголеми на по 1.500.
Ова е досега најконкретниот, а засега и единствениот резултат од првите директни преговори меѓу Киев и Москва по девет месеци. Претходната рунда разговори во Женева, во февруари годинава, исто така заврши без значителен напредок.
И во мај 2025 година, за време на преговорите во Истанбул, двете земји се договорија за размена на по 1.000 заробеници, но не успеаја да постигнат договор за прекин на огнот.
Американските пратеници заминуваат во Москва
Кушнер најави дека тој и Стив Виткоф во четврток ќе отпатуваат во Москва, каде што ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин. Потоа треба да заминат во Даблин на разговори со Зеленски.
Русија и понатаму инсистира Украина да се повлече од делови на источниот регион Донбас кои сè уште се под контрола на Киев. Зеленски, пак, смета дека одлуките за територијалните прашања треба да се носат на ниво на државни лидери.
Москва ги отфрла и повиците за итен прекин на огнот, барајќи претходно поширок договор за безбедносните аранжмани.
Во Абу Даби беа присутни и европски претставници, кои одржаа одделни консултации со украински и американски функционери, но не учествуваа директно во трилатералните преговори.
Главниот руски преговарач Владимир Медински изјави дека руската делегација не разговарала со европските претставници и дека не ѝ е јасно во какво својство тие присуствуваат.
„Не, не комунициравме со нив. Навистина не разбираме во какво својство се тука“, изјави Медински пред новинарите.
Тој додаде дека Москва не добила конкретни мировни иницијативи или предлози од европските земји и постави прашање за што би разговарале со нив.
Од украинска страна, Умеров најави дека делегацијата на Киев во средата ќе одржи дополнителни разговори со европските партнери.
Вашингтон порача дека европските земји во одредена фаза треба да се вклучат во преговорите, особено кога разговорите ќе се прошират на прашањата за идната безбедност на европскиот континент.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Украина и Русија договорија голема размена на…
Украина и Русија начелно се договориле за…
„Киев Пост“: Украина го одбила американскиот план…
Украина го отфрли американскиот предлог за прекројување…
Зеленски до Путин: „И јас можам да…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ги изнесе…
Американски војник уапсен во Британија под сомнение…
Високопозициониран американски војник е уапсен во Британија…
Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат во…
Трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина…