Уставниот суд не донесе одлука за Законот за матична евиденција: Судиите се поделија по етничка линија

t

Уставниот суд не донесе одлука дали ќе поведе постапка за Законот за матична евиденција, бидејќи графата за националност во изводите за родени, умрени и за венчани ги подели уставните судии според етничката припадност.

Судијата известител Дарко Костадиновски предложи да се оценува уставноста на три члена, кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, на венчаните и на умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не доби мнозинство, што значи предметот останува отворен.

Во Уставниот суд одлука се носи со најмалку пет гласа „за“.

– Судот дискутираше по предмет во кој се опфатни делови од три члена од Законот за матична евиденција, што е различен од предметот во кој е оспорено Упатството за водење матични книги и во кој останува во сила т.н. времена мерка, односно запирање на извршување поединечни акти што произлегуваат од конкретното Упатство, сè додека Уставниот суд не донесе конечна одлука во тој случај – велат од Судот.

Костадиновски смета дека националната припадност е во групата на сензитивни податоци и дека емпириски е непроверлив податок.

Спротивен став изнесе судијата Осман Кадриу . Тој иако се согласува дека се можни злоупотреби ако остане графата за национална припадност но смета дека Уставот бара да се почитува националноста.

-Уставот го гарантира правтото на самоопределување на националната припадност и ако се суспендира тоа право кое со начин и постапка е предвидено со закон, тогаш тоа право не може да се гарантира со Устав – цени Кадриу.

И судиите Насер Ајдари и Фатмир Скендер се согласуваат со Кадриу, додека претседателката на Уставен Добрила Кацарска е против задолжително наведување на националноста во изводите.

Министерот за правда Кренар Лога очекува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на „Левица“ за бришење на графата за националност од изводите за родени, починати и венчани. Тој не се откажува и најави дека и натаму ќе издаваат изводи на родени, умрени и венчани со графа националност.

– Очекувам дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата на „Левица“ и дека Законот за матична евиденција ќе биде во сила. Најавувам дека штом ќе имаме нова одлука на Уставниот суд, ќе имаме и нови упатства и изводи што значи дека ќе се повтори практиката што ја воведовме со графа националност за да ја спречиме злоупотребата при вработување во целата држава – изјави Лога.

Судот расправаше по иницијатива на „Левица“ за оценување на уставноста на Законот за матична евиденција. „Чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред сè поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство“, се наведува во иницијативата на „Левица“.

Од Уставниот суд информираат дека се оспорени три члена од Законот, односно зборот националност во изводите, каде што покрај основните податоци за раѓање, живеалиште се додава и националноста на новороденчиња, на венчаните и на умрените.

Претходно, на 29 мај годинава Министерството за правда донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.

На почетоков на месецов Уставниот суд со времена мерка го стопира упатството за издавање лични документи со графата за етничка припадност, што значи дека Управата за матични книги нема да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност сè додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вечерна ,,ДИЗЕЛ” математика со Амар Мециновиќ: 64…

Вечерна ,,ДИЗЕЛ" математика со Амар Мециновиќ. -…

Мојсоска: На 8 мај младите ќе стават…

Левица како нова генерација млади политичари на…

Сопругата на Апасиев: Ако те плукаат СДС,…

Ако те плукаат СДС, ДПМНЕ, Алијанса и…