Ученик се онесвестил од пеколното време во Бања Лука, наставата е прекината во сите училишта во Р. Српска

t

Наставата во сите основни и средни училишта во Република Српска е прекината поради високите температури, откако еден ученик вчера се онесвестил од горештините за време на настава во Бања Лука, а на една наставничка ѝ се слошило. Министерството за образование и култура на босанско-херцеговскиот ентитет соопшти дека наставата ќе биде прекината до 11 септември, јавија локалните медиуми.

Претседателот на Активот на директорите на основните училишта од бањалучкиот регион, Мирослав Попpжен, изјави дека целта е да се заштити здравјето на учениците и на вработените.

Тој истакна дека екстремните горештини создадоа исклучително тешки услови за работа во сите училишта ширум Република Српска.

„Можеби температурите во овој момент надвор не се екстремно високи, но од јуни училиштата се изложени на постојано загревање. Во текот на целото лето ѕидовите се загреаја, зрачат топлина и дополнително ги отежнуваат условите во училниците. Сметам дека ова е вистинскиот потег и му благодарам на министерот што имаше разбирање за барањето на нашиот Актив. Во наредните неколку дена нема да го изложуваме на ризик здравјето на учениците и наставниците, бидејќи во вакви услови буквално беа загрозени нивните животи“, рече Попpжен.

Според него, во некои училишта веќе имало случаи на здравствени проблеми поради горештините.

„Вчера на еден ученик му се слоши и се онесвести, а попладнето ѝ се слоши и на една наставничка. За среќа, сè заврши добро“, рече Попpжен.

Тој додава дека условите се особено тешки во училниците свртени кон југоисток, каде што престојот станал „апсолутно неподнослив“.

„Ниту еден детски или наставнички живот, ниту нечие здравје, не вреди наставата по секоја цена да се одржува во овие неколку дена“, порача Попpжен.

За надоместувањето на пропуштените часови ќе одлучи Министерството за просвета и култура.

Попpжен вели дека според законските правила, учебната година може успешно да се заврши доколку се реализираат 95 отсто од наставниот план и програма, па прекинот од пет-шест дена може да се надомести без поголеми проблеми.

Иако нема да има настава, училиштата нема целосно да бидат затворени. Административниот и техничкиот персонал ќе продолжи со работа, а наставниците ќе ги извршуваат административните обврски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Денеска се празнува Светиот апостол и евангелист…

Роден е во Антиохија. Во младоста добро…