Училишната година со 3.000 првачиња помалку, 26 подрачни училишта привремено затворени поради недостиг на ученици

t

Новата учебна 2026/2027 година во Македонија започнува со промени во мрежата на училиштата, откако 26 подрачни училишта во руралните средини привремено ќе престанат со работа поради недоволен број ученици.

Во дел од овие училишни објекти нема ниту едно запишано прваче, додека во други наставата во изминатиот период ја следеле само неколку ученици. Поради тоа, учениците од овие подрачни училишта ќе го продолжат образованието во најблиските поголеми училишта.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека намалениот број ученици условил и оптимизација на паралелките. Годинава во основното и средното образование ќе има вкупно 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.

Според податоците на Министерството, во образовниот систем моментално има околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се во основното, а 64.000 во средното образование. Досега се запишани 14.952 првачиња и 16.932 ученици во прва година во средно образование, а конечните бројки ќе бидат познати по завршувањето на дополнителните уписни рокови.

Јаневска посочи дека оптимизацијата на паралелките се прави поради намалениот број ученици, при што малите паралелки се спојуваат со цел да се создадат подобри услови за учење и социјализација. Таа нагласи дека ниту еден редовно вработен наставник не останал без работа поради оваа оптимизација.

Особено загрижувачки е податокот дека бројот на училишни објекти без ученици достигнал 148. Тоа, според надлежните, е директна последица на демографските промени и намалувањето на бројот на деца, особено во помалите и руралните населени места.

И покрај затворањето на дел од подрачните училишта, Владата најавува инвестиции во образовната инфраструктура. Во моментов се прошируваат капацитетите на 14 училишта, главно во скопските општини, а во следните месеци треба етапно да започнат уште 15 проекти.

Во меѓувреме, за новата учебна година од Министерството информираат дека учебниците се навреме дистрибуирани во училиштата, а обезбедени се и образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби.

Намалувањето на бројот на ученици и затворањето на подрачни училишта повторно го отвора прашањето за демографските трендови во земјата, особено во средините каде што училиштата остануваат без доволен број деца за организирање настава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Училишната година со 3.000 првачиња помалку, 26…

Новата учебна 2026/2027 година во Македонија започнува…

(Видео) Вулкан еруптираше во Индонезија: Пепел и…

Вулканот Синабунг на индонезискиот остров Суматра еруптираше…

Платини го повика Инфантино да поднесе оставка

Поранешниот претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА),…

Вооружен инцидент среде ноќ во Куманово: Од…

Ноќеска околу 02:45 часот во СВР Куманово…

Гостиварци нема да ги плаќаат фактурите за…

Со последната одлука на Општинскиот совет, гостиварци…