„УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА ЗГАСНАТ?“ – НОВ „МАРШ НА АНГЕЛИТЕ“ ВО КОЧАНИ, СЕМЕЈСТВАТА БАРААТ ПРАВДА И ОДГОВОРНОСТ
„До кога ќе ни се повторуваат трагедии и уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе?“ – со овие потресни зборови семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани повикуваат на нов „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи во сабота, 14 ноември, со почеток во 16:05 часот, во Паркот на револуцијата во Кочани.
Овој пат маршот ќе биде посветен не само на борбата за правда за 63-те загинати во трагедијата, туку и на сите невини жртви кои, како што наведуваат организаторите, ги загубиле животите поради системски пропусти, институционално непостапување и неодговорност.
„Колку уште мајки треба да ги закопаат своите деца? Колку семејства треба да останат без своите најмили? Колку домови треба да згаснат во тишина за конечно да сфатиме дека човечкиот живот нема цена?“, прашуваат семејствата во својот јавен повик.
Тие остро реагираат на институционалните пропусти и бараат државата конечно да преземе конкретни мерки за спречување нови трагедии.
„Не сакаме повеќе минути молк! Сакаме години на одговорност, совесно работење и вистинска превенција!“, порачуваат организаторите.
Според нив, различните трагедии што ја потресоа Македонија имаат заеднички именител – болката на семејствата и борбата за правда.
„Различни трагедии. Различни семејства. Иста болка. Иста борба за правда“, се наведува во повикот.
Семејствата ги повикуваат сите граѓани да им се придружат на маршот и да покажат солидарност, нагласувајќи дека борбата за одговорност не смее да остане само на оние кои директно ги почувствувале последиците од трагедиите.
„Зашто денес ние чекориме со фотографиите на нашите деца, а утре не смее ниту еден друг родител да биде принуден да го прави истото“, порачуваат тие.
Организаторите нагласуваат дека нивната цел не е пресудите да се носат на улица, туку институциите да ја исполнат својата обврска и да обезбедат правда, одговорност и вистинска превенција.
„Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, одговорност од институциите и конкретни мерки за трагедиите да не се повторуваат.“
Маршот е закажан за сабота, 14 ноември, во 16:05 часот, во Паркот на револуцијата во Кочани.
„Денес болката е наша, но борбата мора да биде на сите – за утре никој да не ја живее нашата судбина!“, се вели во повикот, кој завршува со пораката:
„Држава што не учи од своите трагедии, ризикува повторно да ги доживее. Правда за Кочани! Правда за сите невини жртви!“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА ЗГАСНАТ?“ –…
„До кога ќе ни се повторуваат трагедии…
Сејф сити“ ќе ја покрие цела Македонија
Министри, директори и црковни лица – никој…
Кина собори економски рекорд: Трговскиот суфицит надмина…
Кинескиот трговски суфицит достигна 1,04 трилиони долари…
Американски воени авиони евакуирани од британска база…
Американското воено воздухопловство евакуирало авиони од воена…
Русија: Нема да се согласиме на примирје,…
Русија нема да се согласи на уште…