УЈП влезе во “Кипер” маркетите
Маркети на ланецот „Кипер“ во Скопје, но и во други градови во државата, вечерва се запечатени со жолти ленти на УЈП, додека трае пописот и контролата на инспекторите околу тоа дали овие маркети се придржуваат до владините мерки за укинување на маржата на одредени основни прехранбени производи, објави порталот Скопје1.
Ниту УЈП, ниту „Кипер“ досега не се огласија за контролите во компанијата, кои доаѓаат два дена по големата слична акција во маркетите „КАМ“, во која директорката на УЈП, Сања Лукаревска, рече дека биле ангажирани триста инспектори на Управата.
Од УЈП, како и во изминатите денови, велат дека дека главната цел на контролите е да се заштитат граѓаните од плаќање на данок за производи кои не подлежат на ваква давачка со одлука на Владата. Се врши увид во состојбата со залихите на трговската стока во магацините и продавниците со цел да се утврди фактичката состојба и да се изврши споредба со книговодствената евиденција. Според Управата, паралелно се вршат контроли и кај голем број други трговци, а инспекторите досега откриле дека дел од маркетите во државата и натаму пресметуваат ДДВ од пет проценти на дел од производите кои со владина уредба се ослободени од секакви давачки кон државата.
„Инспекторите постапуваат по пријави на граѓани и извршуваат увид и контрола, секаде каде што веќе имаше укажување и сомневање дека постојат индиции за непочитување на законите при работењето. Управата за јавни приходи ќе продолжи со континуирани контроли на терен со цел заштита на стандардот на граѓаните. Целта на контролите не е да се казнува, туку да се укаже на сите даночни обврзници дека законот мора да се почитува“, се додава во информацијата од УЈП.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
УЈП во Охрид: Сите што издаваат сместување…
Во рамки на активностите за поголема даночна…
УЈП со рекордна наплата на даноци и…
Во првите шест месеци од 2026 година…
УЈП ја почнува третата фаза од проектот…
Почнува третата фаза од проектот за е-фактура…
УЈП: Над 860 илјади граѓани добија годишни…
Во законскиот рок - 30 април 2026…
УЈП: Истече рокот за даноците за 2025…
Управата за јавни приходи потсетува дека на…