Филипче пак го повика Мицкоски да се донесат уставните измени: „Заеднички ќе ја понесеме одговорноста“
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, денеска упати повик до премиерот Христијан Мицкоски, заеднички да ги направат уставните измени за да се весат Бугарите во Уставот, што е предуслов за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија. За овој чин, како што рече Филипче, заеднички ќе ја понесат одговорноста.
„Сакам да упатам повик. Често има повици, сега следиме во јавноста, и сакам да го кажам следното: Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Истовремено, имајќи предвид дека, како што била праксата во сите земји — Хрватска, Бугарија и понатаму — кога траеле преговорите, сите партии работеле заедно, сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите“, изјави Филипче.
Тој апелираше до власта да не с епропушти моментот, бидејќи државата ризикува да остане настрана и да нема друга шанса.
„Ќе останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот. Да ја споделиме сите заеднички одговорноста. Сметам дека се наоѓаме во едно многу критично време и многу важен момент во кој треба да се донесат многу сериозни одлуки“, рече Филипче.
Тој посочи дека моментот да се направи чекор напред сега е многу важен и нагласи дека за нешто помалку од две недели во посета на Македонија ќе дојде претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Антонио Кошта пред точно една година, кога беше тука, кажа дека за членство во Европската Унија има само план А и нема план Б. Оттогаш работите не се променети. Понатаму, гледаме дека постои волја во Европската Унија, после повеќе од 15 години, повторно да се активира проширувањето. Проширувањето е еден од приоритетите, заедно со помошта за Украина од 90 милијарди евра, која се ослободи сега со смената на власта во Унгарија, како и ставот кон развојот на вештачката интелигенција. Како тоа го гледаме? Веќе е формирана комисија која работи на креирање и пишување на пристапниот договор на Црна Гора со Европската Унија. Понатаму, гледаме дека сериозен напредок, освен Црна Гора, има и Албанија. Вчера имав одличен состанок со господинот Дробњак. Само две земји не се влезени во Европската Унија како дел од пакет, а тоа се Хрватска и Грција. Што значи дека, со сите геополитички случувања, кога се разговара за решение за Молдавија и тоа дали ќе биде во контекст на Романија или не, и за Украина, тоа е уште една потврда дека проширувањето е високо на приоритетната листа на Европската Унија. Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении понатаму да бидат затворени“, предупреди лидерот на СДСМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче пак го повика Мицкоски да се…
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, денеска упати…
Стојаноски: СДСМ избега од дебата за заемот,…
Пратеникот од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан…
СДСМ најави кривична и интерпелација за Гаши…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната…
Мерц предлага „асоцијативно членство“ во ЕУ за…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да добие статус…
Гаши: Државата е во трка со времето…
Во рамки на трибина организирана од Европското…