Филков: Зголемување на казните за возачите кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот
Министерството за правда смета дека постои сериозна потреба за понатамошно разгледување и анализа на постојната законска регулатива. Фокусирани сме на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, кои ќе придонесат за значително зајакнување на безбедноста на патиштата.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање на јавната расправа „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста на сообраќајот“, посочи дека е потребно да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните.
„При изготвувањето на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се постави прашањето: Дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект? Ова ќе ни помогне да идентификуваме кои области е потребно да се засилат со нови законски мерки, како што се алкохолот, брзината, користењето мобилни телефони и други ризични фактори“, рече министерот Филков.
Дополнително,според министерот одредени сообраќајни прекршоци треба да бидат регулирани како кривични дела. Во таа насока, потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Ова не се однесува само на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, туку и на прекршоците како што е неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Зачестеноста на сообраќајните деликти со висок степен на општествена опасност, заедно со ниското ниво на сообраќајна култура во нашето општество, создаваат силна потреба за заострување на казнената политика. Ова ќе обезбеди ефективни санкции за прекршителите, кои ќе имаат одвраќачки ефект и ќе помогнат во намалувањето на сообраќајните несреќи и нивните тешки последици”, порача Филков.
Министерот информираше дека заедно со Министерството за внатрешни работи, судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Новите измени и дополнувања во Законот за прекршоци ќе вклучуваат посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city).
Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола. Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата.
Сите измени имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштити животите на сите учесници во сообраќајот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ја претепал поранешната партнерка: Кривична за 48-годишен…
Единицата за насилен криминал – Одделение за…
Трамп на комеморацијата во Пентагон за нападите…
Американскиот претседател Доналд Трамп, на комеморацијата во…
Порше ѝ го продаде својот удел во…
Германскиот производител на спортски автомобили „Порше“ ја…
Украина и Канада потпишаа Декларација за стогодишно…
Украина и Канада денеска потпишаа голем број…
Преживеана од Аушвиц бара забрана на АфД:…
Претседателката на Меѓународниот комитет за Аушвиц повика…