(Фото) Ги фативме државните коли на вицепремиерите Меџити и Фетаи пред полноќ близу партиски штаб
„Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција“. Ова се зборови на премиерот Христијан Мицкоски со кои ја пофали својата и ја критикуваше претходната влада откако ГРЕКО го објави Додатокот на вториот извештај за усогласеност на земјава, согласно препораките од петтиот циклус, пренесува 360 степени.
Неколку дена по оваа изјава, на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ наша екипа случајно наиде на неколку непрописно паркирани автомобили во близина на ТЦ „Мавровка“. Беше околу 23 часот. Црните „шкоди“, некои со слични регистрации, наликуваа на државни возила. Ги фотографиравме. Следниот ден се обративме во Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Едното на Меџити, другото на Фетаи
Нашите прашања беа едноставни. Дали и која институција или државен службеник ги користи следниве автомобили:
Шкода Суперб 4х4 SK 4681 BS;
Шкода Суперб 4х4 SK 4685 BS;
Шкода Суперб SK 5227 BS.
Одговорот стигна набргу.
Едното возило е на вицепремиерот Изет Меџити додека другото возило е на вицепремиерот Арбер Фетаи.
„Шкодата“ со регистрација SK 5227 BS не е во наша сопственост,ни одговорија од Службата за општи и заеднички работи.
Непрописно паркирани близу штаб на ВЛЕН
Првиот неминовен заклучок од одговорот е дека државните возила на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, и двајцата кадри на ВЛЕН, се фатени непрописно паркирани.

Вториот е дека државните возила се фатени во време од денот кое не е вообичаено за службени обврски (23 часот), и тоа близу трговскиот центар „Мавровка“ каде што ВЛЕН има простории.
Па, испративме две прашања до неколку адреси: Владата, Службата за општи и заеднички работи при Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и директно до вицепремиерот за добро владеење.
– Какви службени активности се извршувани критичната вечер од вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи?

– Зошто службените возила „шкода суперб“, користени при активностите на вицепремиерите доцна вечерта на 15.7.2025 г., се паркирале на булеварот „Гоце Делчев“ иако тоа не дозволено?
Поминаа два работни дена и не добивме одговор од ниту една од посочените институции. Молкот не само што кажува многу, туку е и во контрадикција со уште една од неодамнешните изјави на премиерот по извештајот на ГРЕКО – дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Оставка
Кога најголемиот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, беше во опозиција, редовно го осудуваше користењето на службени возила за цели кои не беа државни од тогашната влада. Во некои случаи бараа и оставки. Тогашната Влада се обидуваше да ја смени праксата, но обидите често имаа трагикомичен епилог.
Актуелната влада најави решавање на тој проблем со воведување регистарски таблички во боја за службените возила и воведување механизам преку кој секој граѓанин ќе може да пријави злоупотреба на службено возило.

„Ќе бидат маркантни како знамето – тоа е целта, да се види секое службено возило“, изјави Ивица Томовски за „360 степени“.
Ние ги видовме пред да се воведат табличките во боја. Прашувавме, прашуваме и ќе прашуваме – што планира да преземе Владата?
Извор: 360 Степени
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министрите за енергетика на ЕУ на состанок…
Министрите за енергетика на земјите членки на…
Хаос во Италија поради одлуката на синџир…
Одлуката на енергетскиот гигант Ени предизвика голема…
Еден месец пред изборите, Вучиќ најави помилувања…
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес објави…
АХВ ги пушти во продажба пиперките и…
Пиперките и трпезното грозје, вратени од Бугарија…
Исламска револуционерна гарда: Американски подводен дрон запленет…
Иранската Исламска револуционерна гарда денес објави дека…