Хакери украдоа 740.000 записи од британското Министерство за образование и од полицијата, сега бараат откуп
Британското Министерство за образование и полициска база на податоци биле цел на сајбер напад, при што биле изложени повеќе од 740.000 податочни записи, објави „Гардијан“.
Хакерите презеле податоци за владини функционери, раководители на училишта, универзитетски кадар, полицајци и граѓани.
Од порталот за корисничка поддршка на Министерството за образование биле украдени нешто повеќе од 600.000 редови со податоци. Според веб-страницата што ја отвориле хакерите за објавување на украдените информации, меѓу нив има контакти на родители и вработени, вклучувајќи целосни имиња, адреси на електронска пошта, телефонски броеви и работни позиции.
Помал пакет со слични податоци бил преземен од порталот „Тјуринг“ на Министерството, преку кој се управува со програмата за студенти што студираат во странство.
Хакерите упаднале и во Националната полициска правна база на податоци (ПНЛД), која им обезбедува правна помош на британските полициски служби. Сајбер криминалците тврдат дека оттаму презеле 135.000 податочни записи.
Кој сѐ бил жртва на нападите?
Од ПНЛД соопштија дека украдените информации се однесуваат на „полицајци и лица што работат во правосудниот систем, вклучувајќи ги нивните имиња, полициската служба или организацијата за која работат и службените адреси на електронска пошта“.
Украдени биле и имиња и адреси на дел од граѓаните што претходно испратиле прашање преку услугата „Прашајте ја полицијата“.
Иако упадот претставува непријатност за полицијата, засега не се смета дека пробивањето на правната база на податоци предизвикало сериозна безбедносна закана.
Одговорноста за нападот ја презеде досега непозната хакерска група наречена „Ексфил сквод“. Таа објави примероци од украдените податоци на својата веб-страница, што е вообичаена тактика на сајбер криминалците кои бараат откуп за да не ги објават сите информации.
Според снимки од екранот до кои дошол „Гардијан“, хакерите бараат исплата од Министерството за образование и од ПНЛД во замена за необјавување на целосниот пакет податоци.
„Бидете паметни и платете“
Во пораката се наведува дека засега е објавен само мал примерок, но се предупредува дека сите информации ќе бидат поставени на интернет доколку Министерството, ПНЛД и другите жртви на нападите не исплатат неодредена сума.
„Износот што го бараме од вас е занемарлив во споредба со трошоците за судските постапки што би следувале доколку протечат вашите податоци. Бидете паметни и едноставно платете“, порачала групата.
Пораката, според сè, е упатена до 14 жртви на хакерски напади, меѓу кои и Министерството за образование. На списокот се наоѓа и британски универзитет со кој контактирал „Гардијан“.
Компанијата за сајбер безбедност „Софос“ оцени дека примероците објавени од хакерите најверојатно се вистински. Профилот на групата на „Икс“ во меѓувреме бил суспендиран.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Британија и Франција клучни за европската одбрана,…
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог…
Шест од десет Британци сакаат државата да…
Британскиот премиер Кир Стармер повика на „подлабоки…
Илјадници патници заглавени меѓу Британија и Франција…
Проблеми со напојувањето во Евротунелот (Channel Tunnel)…
Кралот Чарлс за нападот во воз кај…
Британскиот крал Чарлс III денес изјави дека…
Иронија: Британска министерка ограбена на состанок со…
На британската министерка за внатрешни работи Диана…