Хаос на лет во САД: Се запалил лаптопт, патници се здобиле со изгореници, пилотот пријавил пожар
Драматичен инцидент се случил во авион на American Airlines на лет од Атланта кон Далас, откако лаптоп на патник се запалил во кабината. Неколку патници се здобиле со изгореници, а екипажот морал итно да реагира. Според Би-би-си, патник побарал лекарска помош по инцидентот, но по прегледот бил пуштен. Авионот безбедно слетал на аеродромот „Далас-Форт Ворт“.
Аудиоснимка објавена од CBS News открива дека пилотот за време на летот ја известил контролата на летање дека има „пожар во задниот дел од кабината“ и дека екипажот се обидува да го изгасне. Подоцна пилотот пријавил дека најверојатно четворица или петмина патници се здобиле со изгореници од лаптопот, кој во тој момент бил ставен под контрола во средишниот дел од авионот.
Од American Airlines потврдиле дека авионот безбедно слетал по пријава за чад од уред на патник. Компанијата го пофалила екипажот за брзата и професионална реакција. По слетувањето, авионот бил пречекан од итните служби, согласно безбедносниот протокол.
Зошто се опасни батериите во лаптопите?
Инцидентот повторно го актуелизира прашањето за литиумските батерии, кои се користат во лаптопи, телефони, таблети и преносни батерии. Американската Федерална управа за воздухопловство (FAA) предупредува дека литиумските батерии можат да се прегреат доколку се оштетени, изложени на вода, преполнети или неправилно складирани.
FAA препорачува електронските уреди со литиумски батерии да се носат во рачниот багаж, каде што евентуален проблем може побрзо да биде забележан и ставен под контрола.
Само годинава FAA регистрирала 58 инциденти поврзани со литиумски батерии, во кои имало чад, пожар или екстремно загревање. Во последните две децении, најголем број инциденти биле поврзани со преносни батерии, додека 84 случаи се однесувале на лаптопи.
Слични случаи имало и на други летови. Во мај, авион на EasyJet од Египет кон Велика Британија бил пренасочен кон Рим откако преносна батерија се загреала во торба на патник. Летот продолжил дури следниот ден. Британската управа за цивилно воздухопловство предупредува дека ваквите батерии сè почесто претставуваат сериозен безбедносен ризик во авионскиот сообраќај поради можноста од прегревање и пожар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хаос на лет во САД: Се запалил…
Драматичен инцидент се случил во авион на…
149 луѓе заробени на вулкан во Камчатка:…
Дури 149 луѓе останале заробени на вулканот…
(Видео) Земјотрес од 5,9 степени ја погоди…
Земјотрес со магнитуда од 5,9 степени го…
Сончево и многу топло, попладне опасност од…
Денес времето ќе биде сончево и многу…
Осум пожари беснеат низ Македонија, за 24…
На ден 22/23.08.2026 година, до 07:30 часот,…