Цените на нафтата паднаа за речиси 5 отсто минатата недела

t

На светските берзи цените на нафтата паднаа за речиси 5 отсто минатата недела, бидејќи трговците стравуваат од слабеење на побарувачката поради забавувањето на глобалниот економски раст и зголемувањето на каматните стапки на американската ФЕД за да се спречи високата инфлација.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 4,5 отсто на 106,65 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 4,6 отсто на 102,07 долари.

Падот на цените се должи на загриженоста за побарувачката, со оглед на забавувањето на светскиот економски раст. Минатата недела, Меѓународниот монетарен фонд ја намали проценката за светскиот економски раст оваа година од претходните 4,4 на 3,6 отсто, предупредувајќи дека закрепнувањето од кризата со корона е загрозено од војната во Украина и високата инфлација.

Од истите причини, германската влада најави намалување на проценката за економскиот раст годинава од претходните 3,6 на 2,2 отсто.

Трговците стравуваат и од побарувачката во Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, бидејќи Шангај и неколку други градови најавија нова рунда мерки за затворање поради бранот на ширење на коронавирус. Ова, пак, ќе го забави и онака бавниот раст на втората по големина економија во светот.

Аналитичарите на Номура минатата недела ја намалија проценката за економскиот раст на Кина за вториот квартал од 3,4 на 1,8 отсто на годишно ниво поради „брзото влошување на клучните бројки во април, растот во градовите делумно или целосно затворени поради коронавирусот, сериозните логистички пореметувања и индикации дека Пекинг нема така скоро да се откаже од стратегијата за нулта толеранција за Ковид“.

Побарувачката на Кина за бензин, дизел и авионски горива се проценува дека ќе падне за 20 отсто во април во однос на истиот месец минатата година.

Раст на каматните стапки во САД

Трговците беа загрижени и од претседателот на американската централна банка Џером Пауел, кој рече дека ФЕД ќе размисли за зголемување на клучните каматни стапки за 0,50 процентни поени на седницата во мај.

Дополнително, до крајот на годината најверојатно ќе следи дополнително затегнување на монетарната политика бидејќи инфлацијата во САД се зголемува на највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

Ова може да го забави растот на најголемата светска економија, а со тоа и побарувачката за нафта.

„Стравовите од забавување на растот на Кина и прекумерното заострување на монетарната политика од страна на ФЕД во моментот се чини дека ги надминуваат стравувањата дека Европа наскоро би можела да ги продолжи санкциите за рускиот увоз на енергенси“, рече Џефри Хали од ОАНДА.

Дополнително, поради очекуваниот пораст на каматните стапки, вредноста на доларот во однос на кошницата од најважните светски валути достигна највисоко ниво во повеќе од две години. Ова ја прави нафтата поскапа за земјите со други валути, а со тоа предизвикува слабеење на побарувачката.

Заобиколување на руската нафта

Значителниот пад на цените беше попречен од недоволното снабдување поради прекините на производството во Либија. Од друга страна, трговците ја заобиколуваат руската нафта поради санкциите наметнати од САД, а кон неа би можела да се приклучи и Европската унија.

Европската комисија се обидува да отвори алтернативни извори на снабдување со цел да ги ублажи последиците од забраната за руската нафта и да ги убеди членовите кои не сакаат да ја поддржат.

„Бојкотот на руските енергенси од страна на унијата неизбежно ќе резултира со повисоки цени на енергијата, барем во блиска иднина. Се чини, сепак, прашањето не е дали да се направи тоа, туку кога“, рече Стивен Бренок од PVM.

Откако минатата година се зголемија за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на глобалната економија од корона кризата, цените на нафтата скокнаа за повеќе од 35 отсто од почетокот на оваа година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЦУК: Без пожари на отворено, поплавен подвозник,…

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира…

Украинските мажи нема да можат да вадат…

Украинската влада донесе одлука со која дополнително…

ДИК ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЧЕРАШНИТЕ ИЗБОРИ:…

По скоро целосна обработка на гласачките ливчиња,…

Курсна листа на НБРМ: Колку чини еврото…

Според курсната листа на НБРМ средниот курс…

Денеска се празнува Свети Василиј Паријски

Овој добродетелен маж во времето на иконоборството…