Црковна делегација предводена од архиепископот Стефан во посета на Вселенската патријаршија

t

Делегација на МПЦ – Охридска Архиепископија, предводена од неговото блаженство, архиепископот г.г. Стефан престојува во Истанбул, каде в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе одржи заедничка патријаршиска и синодална света литургија со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.

Во пресрет на заедничката литургија, патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан попладнево ќе одржат богослужба на која на нашата Црква официјално ќе и биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска Архиепископија.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

– Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денеска, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и синодален акт, беше наведено во одлуката на Вселенскиот синод, во која се додава дека како име на нашата Црква го признава „Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.

Вселенската патријаршија во одлуката наведе и дека остава на „Црквата на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“.

Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.

Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија, „Мајка Црква на сите православни одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата Црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Оттогаш и државниот врв на земјава упати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Американски топ дипломат го уништи Христијан…

Заменикот на државниот секретар на САД, О'Брајан…

Ковачевски: ДПМНЕ го кочи европскиот пат на…

Одговорноста има име и презиме, тоа е…

Социјалните мрежи горат по вчерашното реми: Од…

Социјалните мрежи вријат откако Македонија вчера ѝ…

Добро утро со Инфомакс: Наше знаме е…

Добро утро Македонци, денеска ви го пренесуваме…

Руски зборник од 1849 година: Македонскиот јазик…

Во време кога се врши атак врз…