Црна Гора затвори уште две поглавја од преговорите со ЕУ
Со последната меѓувладина конференција, Црна Гора денеска ги пречекори половина од привремено затворените поглавја од преговорите. Поглавје 8 – Конкуренција и Поглавје 29 – Царинска унија се привремено затворени, објавија медиумите од регионот.
Со тоа, Црна Гора сега има вкупно 18 привремено затворени поглавја од вкупно 33 во процесот на преговори за членство во Европската Унија.
„Со 18 привремено затворени поглавја од преговорите – повеќе од половина од вкупниот број – Црна Гора останува лидер во процесот на пристапување кон Европската Унија. Проширувањето на ЕУ е геополитичка неопходност за зачувување на европската стабилност, безбедност и демократски реформи. Тоа ќе остане меѓу највисоките приоритети на нашето претседателство“, изјави Томас Бирн, ирски министер за европски прашања, чија земја претседава со Советот на Европската Унија, денеска по завршувањето на меѓувладината конференција.
Тој го повтори ставот дека е можно целиот процес на преговори да биде завршен за време на ирското претседателство, односно до крајот на оваа година.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, оцени дека денешниот ден е значаен не само за Црна Гора, туку и за политиката на проширување на Европската Унија.
„Денеска е Супер вторник за проширувањето на Европската Унија, а Црна Гора е дел од него. Повеќе од половина од преговарачките поглавја се затворени и сакам да им го честитам Националниот ден на граѓаните на Црна Гора. Ова ќе донесе придобивки и за граѓаните и за економијата – компаниите ќе работат според правилата на Европската Унија, ќе има помалку гранични проверки и помалку административни пречки“, рече Кос.
Колоквијалното име „супер вторник“ се однесува на 14 јули, кога во Брисел се одржа најголем број меѓувладини конференции во еден ден, по повеќе од две децении. Вкупно се одржаа четири – со Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија.