Црн четврток во Македонија: Крахираа берзите и акциите на македонските монополи

t

КРАХ на Македонската берза во текот на вчерашниот ден, по нападот на Русија врз Украина. Сите светски берзи беа во „црвено”, a не остана имуна ниту нашата берза.

Вчерашниот ден, може да се прогласи за ЦРН ЧЕТВРТОК на Македонската берза. По започнувањето на тргувањето, речиси сите акции на котираните компании бележеа драстичен пад на вредноста, па поради тоа Македонската берза во 12:23:05 часот го прекина тргувањето на сите пазари на Берзата во траење од 30 минути, по што купувањето и продажбата продолжија во 12:54:00 часот.

„Прекинот на тргување е направен со оглед на тоа што индексот забележа пад од 8,39 проценти, имајќи предвид дека статичките ценовни лимити изнесуваат +-10%. Официјализација на денот на тргување ќе биде во 14:30 часот”, соопштија од берзата.

Според Правилникот за тргување до прекин на тргувањето може да дојде доколку индексот во кои влегуваат најликвидните компании (МБИ10) отстапува за повеќе или помалку од 10 проценти од последната просечна цена на тргување на редовното тргување. Доколку МБИ10 индексот отстапува под или над 7% до 11:45 часот, тргувањето се прекинува во траење од еден час. Ако е по овој термин се носи одлука за прекин од половина час, што беше случај во текот на вчерашниот ден.

Берзанскиот индекс МБИ10 на Македонска берза на крајот на тргувањето забележа висок пад од 8,65%, каков што не беше забележан уште од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Неговата вредност се намали до 5.627,16 поени, што е најниско ниво во последните шест месеци или поточно од 21-ви септември 2021 година.

Висок пад на вредноста забележаа сите највлијателни македонски компании чиишто акции се најтргувани на Македонската берза и кои го сочинуваат МБИ10 индексот.

Најголем пад на вредноста на акциите забележа Макошпед АД Скопје, чијашто вредност се намали за 11,48%. Вредноста на акцијата на Макпетрол АД Скопје се намали за 10 проценти, на Комерцијална банка АД Скопје за 9,99%, на Гранит АД Скопје за 9,97%, а висок пад на вредноста забележаа и Стопанска банка АД – Скопје, Алкалоид АД Скопје, Гранит АД Скопје, Стопанска банка а.д. Битола, Телеком и Макстил.

Убедливо најтргувани беа акциите на Комерцијална банка АД Скопје со вкупен промет од 38,3 милиони денари.

Финансиските експерти сметаат дека ова е очекувано со оглед дека светот се соочува со воени активности и безбедноста е доведена во прашање, но сметаат дека ситуацијата брзо ќе се стабилзира и акциите повторно ќе се вратат во зелената зона.

Паметните инвеститори вложуваат кога цените на акциите паѓаат драстично, додека они кои паничат се изложени на најголеми загуби. Токму поради тоа, панично продавање не е препорачливо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

Пораснаа цените на нафтата на светските берзи

На лондонската берза цената на барелот за…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…