Четири златни и еден сребрен медал за македонските кикбоксери на Светскиот куп во Будимпешта

t

Македонската кикбокс репрезентација го заврши настапот на 31-от Светски кикбокс куп во Будимпешта со извонреден успех, освојувајќи четири златни и еден сребрен медал во огромна конкуренција од 2.011 натпреварувачи во 3.012 влеза од дури 47 земји.

​Златни медали и највисоко место на победничкиот подиум обезбедија Петре Велков, Андреј Смилевски и Калин Бабоски, кои забележаа сигурни победи во своите финални пресметки. Со златно одличје се закити и Туркер Исмаил во дисциплината кик лајт, кој до врвот стигна со беспрекорен учинок од четири победи во четири борби. Големиот успех на македонскиот тим го надополни Радослав Велески, кој успеа да го освои сребрениот медал. Покрај борците во рингот, Македонија имаше успешно претставување и во официјалниот судиски сегмент преку интернационалната судијка Елена Костадиновска, која ја делеше правдата на турнирот.

​Претседателот на Кик бокс маи таи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, изрази огромна гордост од постигнатите резултати, истакнувајќи го високиот процент на успешност на македонската експедиција.

​„Сакам да потенцирам дека како и секогаш, така и сега, носиме медали за повеќе од половина од бројот на натпреварувачи со кои настапуваме. Од седум борци освоивме пет медали, а најважно од сè е дека никој не се здоби со посериозна повреда. Задоволен сум и очекувани се победите на сите финалисти. Овие млади натпреварувачи, заедно со уште десетина други кои поради повреди беа спречени да настапат на овој куп, се новите ѕвезди на македонскиот кикбокс. Оној кој тренира редовно, ги слуша тренерите, се оградува од неспортски живот и има цел да успее, неминовно доаѓа до резултати“, изјави Митровски.

​Светскиот куп во Будимпешта претставуваше последно контролно натпреварување пред најважните предизвици за македонскиот кикбокс до крајот на годината. Следен настан е Светското јуниорско првенство од 18 до 27 септември, каде Македонија ќе настапи со рекорден број од 18 натпреварувачи и тројца тренери. Митровски нагласи дека круната на сезоната ќе биде Европското сениорско првенство, кое ќе се одржи во Скопје од 6 до 15 ноември. Целата концентрација е насочена кон овие две првенства, каде македонскиот тим е подготвен да го даде максимумот како натпреварувач, стручен штаб и како земја домаќин, докажувајќи уште еднаш дека кикбоксот е национален спорт број еден во државата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Четири златни и еден сребрен медал за…

Македонската кикбокс репрезентација го заврши настапот на…

Петмина македонски кикбоксери на Европското сениорско првенство

Во Атина денеска почнува натпреварувачкиот дел на…