Шведскиот премиер Кристерсон си поднесе оставка откако неговата коалиција и официјално загуби на изборите
Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска поднесе оставка на функцијата, откако официјалните резултати покажаа дека неговиот конзервативен блок загубил на парламентарните избори одржани во неделата (13 септември) пренесе „Гардијан“.
Конечните резултати, објавени денеска, покажуваат дека левичарската коалиција, предводена од Социјалдемократите на поранешната премиерка на земјата, Магдалена Андерсон, е победник на изборите со предност пред конзервативците од само 50 359 гласа.
Со тоа, левоориентираниот блок во новиот состав на Риксдагот (шведскиот парламент) ќе има 176 пратеници, наспроти 173 места колку што обезбедува блокот „Тидо“ на актуелниот премиер Кристерсон, на кој по изборите се очекуваше да му се приклучи екстремнодесничарката партија Шведски демократи.
Во писмо објавено на социјалната платформа Икс, Кристерсон вели дека тесните изборни резултати, придружени со спротивставените ставови на различните партии „можеби ги искомплицирале условите за формирање на новата влада“.
„Сега ќе биде потребна конструктивна отвореност од партиите во парламентот за да се избере премиер и за новата влада да може да добие поддршка за државниот буџет. Ќе треба да се водат разговори со сите партии за да се најдат начини за надминување на овие застои и за создавање услови за стабилна и ефикасна влада. Претседателот на парламентот е тој што ќе ги води следните чекори кон формирање нова влада. За тоа да може за започне веднаш, барам да бидам ослободен од должноста премиер“се наведува во изјавата на Кристерсон.
Во меѓувреме, шведскиот јавен сервис – SVT објави дека, непосредно пред објавувањето на изјавата на Кристерсон, некој донел четири торти во седиштето на Социјалдемократите во центарот на Стокхолм.
Како што наведува „Гардијан“, се чини оти сега е познато која е причината за доставата на тортите.
Во однос на следните чекори, според весникот, не останува многу време пред институциите да го започант формалниот процес за избор на новиот премиер.
Се очекува новиот состав на Риксдагот да се состане на 28 септември и истиот ден да го избере својот претседател, а веќе следниот ден – 29 септември, може да биде предложен мандатарот за состав на новата влада.
Тоа значи дека остануваат помалку од две недели за разговори меѓу партиите и коалициите што обезбедија места во шведскиот парламент, а во меѓувреме Кристерсон останува да ја врши функцијата претседател на владата, додека не се избере нов премиер.
Шведска, како што појаснуваат тамошните експерти за британскиот весник, има малку необичен систем на „негативен парламентаризам“, што значи дека во случај да нема апсолутно мнозинство, ако одредена партија која не е дел од коалиција, може да се воздржи од гласање, кое ќе се смета за пасивна поддршка. На овој начин, според шведскиот систем се олеснува формирањето малцински влади.
„Значи, партија која всушност не сака да му даде целосна поддршка на предложениот кандидат – можеби затоа што нема да биде дел од коалицијата, но сепак може да го прифати тоа и нема подобра алтернатива – може да се воздржи од гласање, и тоа се смета за пасивна поддршка“,објасни Николас Ајлот од Универзитетот „Седертерн“ во неделата, кога беше изборниот ден во Шведска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Шведскиот премиер Кристерсон си поднесе оставка откако…
Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска поднесе оставка…
Шведскиот парламент изгласа намалување на возраста за…
Шведскиот парламент гласаше за намалување на возраста…
Разбиена руска шпионска операција во Шведска
Шведската безбедносна служба САПО денеска објави дека…
Шведска усвои закон за мигранти — кој…
Шведскиот парламент гласаше за заострување на законите…
Шведска пресретна два руски борбени авиони
До ова дошло во два наврати во…