Шукова: Имам решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дише

t

Потпретседателката на СДСМ и поранешна министерка за животна средина, Каја Шукова започна со ветувања за изборите. На денешната прес-конференција, Шукова ја претстави својата визија за, како што рече, чисто, уредено и безбедно Скопје – град што ќе им припаѓа на сите граѓани, без оглед на политичката припадност.

„Се кандидирам да бидам градоначалничка на сите скопјани, без разлика дали се поддржувачи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ или на ниту една партија. Скопје не е партиско седиште, туку град на сите нас, и мора да се управува професионално“, изјави Шукова.

Таа остро ја критикуваше актуелната состојба во главниот град, посочувајќи дека политичкиот инает, алчноста и бизнис-интересите на владејачката структура го довеле Скопје до, како што рече, „историско дно“. Шукова го нарече периодот на управување со Градот како „четвртата катастрофа во историјата на Скопје, по Пиколомини и земјотресот од 1963 година“.

„Скопје е украден град. Го уништија за да се пресметуваат со својот градоначалник. Денес секоја улица сведочи за нивниот неуспех“, рече таа, повикувајќи на промена преку конкретни решенија и прагматичен пристап.

Шукова најави дека нејзината програма ќе се базира на реални, стручни и остварливи проекти, со фокус на:

чистење на Скопје и функционално управување со отпадот;

намалување на загадувањето и создавање здрава животна средина;

обнова на јавниот превоз и подобрување на мобилноста;

запирање на урбанистичкиот хаос и враќање на контрола кај граѓаните;

дигитализација, борба против корупцијата и враќање на културата во градот;

зголемена безбедност на улиците и секојдневна грижа за јавниот простор.

„Скопје не смее да чека. И јас нема да чекам. Ова не е само кампања – ова е заедничко враќање на Скопје на граѓаните“, нагласи Шукова, повикувајќи ги професионалците, стручната јавност и граѓаните активно да се вклучат во создавањето на програмата.

„Скопје е модел на град каде сите општини мора да се развиваат рамномерно и синхронизирано – Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај, Гази Баба, Чаир… Сите заедно мора да изградиме похумано Скопје“, изјави Шукова на крајот од прес-конференцијата.

Таа најави дека во следниот период ќе следат серија средби со граѓани, експерти и организации, а програмата ќе се доработува во консултација со јавноста. Со кампањата, вели, нема да продава „шарени и неостварливи проекти“, туку конкретен план заснован на знаење, искуство и почит кон градот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Протестен марш во Скопје за поддршка на…

Со почеток во 14 часот во Скопје…

Најавена е директна авиолинија меѓу Скопје и…

„Од почетокот на март следната година, ќе…

СДСМ: Платформата е поврзана со власта, ѝ…

СДСМ остро реагираше на денешното јавно претставување…

Зоолошката градина во Скопје слави 100 години…

По повод големиот јубилеј, 100 години од…

Платформата “12.05“ подготвува опозициски фронт со СДСМ…

За да се победи актуелната власт потребно…