Шукова: Мора да има кривична одговорност за еколошката катастрофа во Крива Река

t

СДСМ го осуди најновиот еколошки инцидент во Крива Река, каде што се излеале отрови, тешки метали и цијанид, кои создаваат сериозна опасност за животната средина и здравјето на граѓаните. Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, нагласи дека ова не е само еколошка катастрофа, туку и директен резултат на институционалните пропусти кои доведоа до сериозна закана по здравјето и животот на луѓето.

„Загрозени се земјоделски површини, бунари и води во Крива Река, Пчиња и Вардар. Прашањето е колку нашите граѓани се изложени на контаминирана храна која може да биде опасна за здравјето?“ – праша Шукова.

Пазарите во Скопје, Куманово, Велес и Паланка се снабдуваат со производи кои се наводнуваат токму со водите од овие реки, што ја прави ситуацијата уште потешка.

„Ова е огромен скандал за кој мора да има одговорност. Екоцидот е кривично дело согласно македонските закони. Не може да останеме равнодушни кога цела заедница е загрозена“, додаде таа.

Шукова ги критикуваше и државните институции, особено Инспекторатот за животна средина, кој според неа не ги презел неопходните мерки, туку ја минимизирал хаваријата, тврдевши дека се излеала „само вода“. СДСМ бара темелна и независна истрага, како и јавноста да биде информирана за сите инспекциски извештаи во врска со рудникот Тораница.

„Односот на институциите е катастрофален и мора да се преземат одговорност за затајувањето на ваквиот еколошки инцидент. Ние ќе бараме оставка од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски, кој свесно ширел дезинформации“, изјави Шукова.

СДСМ бара одговорност од сите инволвирани страни, вклучувајќи и одземање на еколошката дозвола за рудникот Булмак 2016, кој според партијата има сериозни и повторени прекршувања.

„Ова не е локален проблем. Ова е прашање за јавната безбедност и здравје на сите граѓани во Македонија. Ако правдата не победи, ќе бидеме соучесници во овој еколошки криминал“, заклучи Шукова.

СДСМ ќе продолжи да бара правдата за загрозеното здравје на граѓаните и ќе се бори за правично и транспарентно решавање на овој еколошки скандал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се намалуваат водостоите на реките

Водостоите на речиси сите реки во земјава…

Надојдена Калковска Река, сообраќајот пренасочен

Поради обилни врнежи од дожд и повторно…

Водостоите на реките се стабилни

Центарот за управување со кризи информира дека…

Шукова: Никогаш нема да дозволам партиските интереси…

Во видео-обраќање по повод 62-годишнината од скопскиот…

Шукова: Железница на кеј на Вардар –…

„Идејата за железница покрај кејот на Вардар…