Шумски пожар се шири на грчки остров — авиони, хеликоптери и 100 пожарникари го гаснат огнот
Грчките пожарникари и денеска, втор ден по ред, се борат да го стават под контрола шумскиот пожар на егејскиот остров Скирос, а локалниот градоначалник изрази надеж дека огнот наскоро ќе биде совладан, објави Франс 24.
— Верувам дека во текот на денот пожарот ќе биде целосно изгаснат — изјави градоначалникот на Скирос, Киријакос Антонопулос, за грчката државна телевизија ЕРТ.
Пожарот, кој избувна вчера, доведе до евакуација на две мали населби, но Антонопулос рече дека денеска ниедно населено место не било загрозено.
На островот, на кој живеат околу 3.000 луѓе, итно биле испратени дополнителни сили од соседните области.
— Мора брзо да дејствуваме за што поскоро да го ставиме пожарот под контрола. Пожарникарските специјални единици, со механизација и багери, се обидуваат да пробијат пат низ тешко пристапен терен. Се надеваме дека состојбата ќе се подобри во текот на денот — изјави Костас Цигас, претседател на здружението на противпожарни офицери.
Авионите за гаснење пожар можеле повторно да се вклучат во операцијата откако силниот ветар, кој дувал во текот на ноќта, ослабнал во зори.
Речиси десетина авиони и хеликоптери им помагаат на околу 100 пожарникари на Скирос, изјави портпарол на противпожарната служба.
Носен од ветерот, долг појас сивкав чад вчеравечер бил видлив на небото над Атина.
Чадот бил видлив и околу пладне во неделата, а доаѓал од централниот и северниот дел на островот, објавија новинари на Франс прес кои пристигнале на локалниот аеродром.
Скирос се наоѓа на околу 110 километри североисточно од Атина. Станува збор за планински остров во Егејското Море, дел од архипелагот Споради, со површина од околу 209 квадратни километри.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Протести и во Грција: Ученици, студенти и…
Грчки студенти денеска поставија шатори во близина…
Грчките инвестиции во енергетскиот сектор на Романија…
Говорејќи на третото издание на „Кодексот на…
Грчкиот раст и натаму е над европскиот
Грција и натаму бележи повисок економски раст…
(Видео) Се снимал додека вози со неверојатни…
Снимка од грчки автопат привлече големо внимание…
Грција ќе ги штити своите F-35 со…
Грчките военовоздушни сили разработуваат план за заштита…