Ѕид со евра и матни дозволи за градба како негатива, обвинението на ОЈО ГОКК за Кочани како позитива – Транспаренси Интернешнл го објави барометарот за корупција за јануари 2026

t

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ  ЈАНУАРИ 2026 ГОДИНА

Во ѕидот – евра, во изјавата за имотна состојба – долгови – Стан од 70 метри квадратни во Скопје, возило „фолксваген пасат” од пред десетина години и кредит од 1,5 милион денари кој треба да го врати до 2038 година. Скромна слика оддава изјавата за личната имотна состојба што ја доставил судијата Ѓоко Ристов, кога во февруари 2020 година бил избран за судија во Апелациониот суд Скопје, каде постапува по предмети во кривичниот оддел. Таа формална слика падна по опсежната истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана на 14-ти декември, кога најнапред беше осомничен адвокатот Фехми Стафа (поранешен државен правобранител), поради сомненија за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание. Стафа беше осомничен дека примил 50.000 евра (а барал 100.000 евра) за со поткуп да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје, за укинување мерка притвор за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

Ревизија: хаос со дозволи и комуналии во Охрид – Ревизорите на Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Општина Охрид за 2024 година откриваат бројни неправилности и неусогласености, поради што е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива за буџетските сметки. Во дел од населените места ревизијата утврдила изградени куќи, викендички и дури хотелски комплекси без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење. Каде „одлетаа“ 80 проценти од термините за пациентите во 2024 година во Институтот за медицина на трудот?! – Иститутот за медицина на трудот им оневозможил 80 проценти од термините за специјалистичко –консултативни услуги на пациентите, кои согласно членот 39-а од Законот за здравствена заштита морал да ги има обезбедено, произлегува од ревизорскиот извештај за работењето на оваа јавна здравствена установа. Ревизија за ТИРЗ: Празни зони и договори без покритие – Финансиски неправилности, недоволна искористеност на државниот имот и проблематични јавни набавки создаваат значајни правни и фискални ризици за Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, покажува деталниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата во 2024 година. Технолошките индустриски развојни зони без целосна функција, милионски инвестиции без амортизација.

Со денови доцнела наредбата за приведување и со денови патувала до полицијата – како избегал осудениот за „Дурмо турс“? – Низа пропусти кај судијата за извршување на санкции, членовите на Кривичниот совет во гостиварскиот суд, пропусти во курирската служба на полициската станица во Гостивар, како и спорни медицински одлагања констатираше вонредниот надзор во судот за бегството на Ремзи Мифтари, кој наместо да ја издржува затворската казна од 10 години за трагедијата во Ласкарци, избега од државава одложувајќи ја затворската казна со образложение дека се прави операција на тестиси. Судскиот совет со девет гласа „за“ и два против го усвои извештајот во кој комисијата констатира дека судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти по предметот и предлага да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.

Фирми добиле дозволи за градба кај Саем, Општината ги поништила и не им ги вратила парите, сега треба да плати 127 милиони денари – Градоначалникот на Општина Гази Баба, информираше дека по судска пресуда од Основниот граѓански суд, Општината е задолжена да плати 127 милиони денари на повеќе фирми кои во 2020 година ја тужеле локалната самоуправа поради што им биле поништени дозволите за градба, а не им бил вратен претходно дадениот надомест. Градоначалникот потенцираше дека тужбата датира од октомври 2020, во времето на неговиот претходник кога фирмите кои имале дозволи за градба и платиле над 73 милиони денари за уредување на просторот околу поранешниот Скопски саем, а потоа Општината ги зела парите, ги поништила одобренијата и издала нови дозволи на други фирми, а притоа не им го вратила надоместокот на компаниите кои првично добиле дозвола.

Пресуди откриваат дека бугарското јазично школо „Јулија“ за ТОЕФЛ сертификати не постоело најмалку од декември 2022-ра и не примало уплати од 2018-та година- судовите не гледаат проблем – Македонските истражни органи, полицијата и обвинителство уште во декември 2022-ра знаеле и биле информирани дека спорното училиште за англиски јазици и ТОЕФЛ сертификати „Јулија“ нема канцеларии на адреса во Пловдив, во Бугарија и не постои. Заклучокот може да се изведе од пресуда на виничкиот основен и штипскиот апелационен суд во кој за фалсификување бил обвинет директор на средно училиште во Виница. Обвинетиот бил ослободен преклани во ноември, а на 17-ти ноември, ослободителната пресуда ја потврдил и Штипскиот Апелациски суд. Македонските судови сметале дека нема докази за фалсификат, бидејќи сертификатот бил изваден на почеток на март 2022-ра, а бугарските полицајци не го нашле училиштето Јулија, девет месеци подоцна на самото место.

БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈАНУАРИ 2026 ГОДИНА

Поднесено обвинение против 13 полициски службеници за пожарот во Кочани – Поднесено е обвинение против 13 полициски службеници – четворица началници и девет полицајци кои спроведувале акциска контрола во дискотеката „Пулс“ во Кочани вечерта на 16 март минатата година кога се случи пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Тие, како што информираа на брифинг во ОЈО ГОКК со предметната јавна обвинителка Ивана Алексова Трајчева, се обвинети дека како соизвршители сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност по чл. 292 ст. 2 в.в со чл. 288 ст.3 в.в со ст.2 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

Акцијата на ОЈО ГОКК била изведена по известување од АНБ – осомничени се 20 лица за финансиски криминал тежок 4,8 милиони евра – Српски државјанин сопственик на две фирми, раководители во Управата за јавни приходи (УЈП) и уште неколкумина сопственици и управители на правни лица се меѓу дваесеттемина осомничени во акцијата што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја спроведуваше на повеќе локации во државата. Осомничените, како што соопшти Обвинителството, се товарат за кривичните дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои ги сториле во периодот од 2023 до 2025 година. Според ОЈО ГОКК, осомничените бизнисмени со лажни даночни и со помош на вработените во УЈП успеале да избегнат плаќање на данок, како и да добијат поврат на јавните давачки за нерезидентни фирми, со што го оштетиле буџетот на државата за 297 733 844 денари или околу 4,8 милиони евра.

Обвинение за поранешната директорка и уште седуммина за проневери и злоупотреби во прилепската болница –  Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен акт против 8 физички и едно правно лице за продолжени кривични дела Проневера во службата и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство во Општа Болница Прилеп. За дејствија на проневера, предвидено во член 354 од Кривичниот законик, обвинети се поранешната директорка и уште тројца вработени во болницата, кои во периодот од почетокот на 2022 до јули 2024 противправно присвоиле пари доверени во службата и прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 9.605.081 денари (над 155.000 евра), соопшти Обвинителството. „Преку фиктивни налози за работа и обрасци/каси исплати со невистинита содржина за наводно извршени работи за потребите на болницата на физички лица им исплаќале средства од остварениот промет од наплата на партиципација за здравствени услуги, без користење на системот на УЈП, без склучени договори за дело и без документација за оправданост на трошењето“, вели Обвинителството.

Новинар снимил обид за мито, полицијата уапси вработен во Основниот суд Гостивар – Според информациите, на 20 јануари 2026 година во 20:10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го уапсиле А.Ј. (49) од селото Присојница, Општина Маврово и Ростуше. Приведувањето следувало по пријава од Н.А. од селото Калиште, Општина Врапчиште, кој навел дека осомничениот, како вработен во Основниот суд во Гостивар, преку заеднички пријател му понудил за паричен надомест од 100 евра да избрише судска казна од 200 евра и изречена забрана за управување со моторно возило во траење од шест месеци. Како што е пријавено, А.Ј. тврдел дека предметната документација пристигнала кај него на извршување и дека може да „заврши работа“. По договор, Н.А. стапил во контакт со осомничениот и средбата била закажана во угостителски објект во Гостивар. По нивната средба, пријавувачот го информирал А.Ј. дека е новинар и дека разговорот се снима, по што осомничениот се обидел да се оправда дека се работи за шега и се обидел да побегне.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Во живо) Пешевски: Генерален штрајк во приватен…

Секој ден ќе бидеме пред Влада додека…

Македонија има ББ- кредитен рејтинг според „Стандард…

„РС Македонија доби потврда за спроведувањето на…

(ВИДЕО) Добредојде за сите, освен за Инфомакс:…

ПР тимот на Титан Усје им посака…

Жител на Романовце со „ауди“ удрил полицаец,…

На 14.01.2026 во 23:30 часот  во с.Романовце, кумановско,…

Тетовец платил 2.000 евра за лажни документи…

На 13.01.2026 во 11:20 часот во СВР…