Објавено на:

Јакимовски за Лукровски: Ако е боледување, не се брише градоначалник од Централен регистар и не се менуваат потписници како човекот да заминал засекогаш

t

Партијата ГРОМ и поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со остри обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и актуелното раководство на општината, тврди дека случајот со градоначалникот Сотир Лукровски не е боледување, туку „бегство од Карпош“. Обвинуваат дека од општината се обиделе да ја доведат јавноста во заблуда со тврдењата дека Лукровски е само на боледување, посочувајќи дека, според него, постојат конкретни чекори кои укажуваат на подготовка за негово заминување од функцијата.

„Прво: Зошто барале од Централниот регистар Сотир Лукровски, градоначалник избран на локалните избори на 2 ноември, да биде избришан како одговорно лице во правното лице Општина Карпош, а на негово место да биде впишан заменикот Крстевски?

Нормално, ваквата глупост службениците од Централниот регистар ја одбиле, со јасно образложение: Општина Карпош има актуелен градоначалник.

Второ: Зошто во Трезор испратиле потписно картонче само со потпис на овластениот заменик, а без потписот на градоначалникот кој го дава овластувањето?

Ако Сотир Лукровски е само привремено отсутен, зошто го нема таму каде што мора да го има?

Трето: Зошто шоферот на Сотир Лукровски дошол да го раздолжи службеното возило со кое го возел градоначалникот, како и другите предмети што ги користел?

Ако човекот е само на боледување, зошто се раздолжува службено возило“, прашува Јакимовски.

Тој оценува дека станува збор за „купување време“ и обид формално да се прикаже боледување, додека неформално се подготвува оставка. Според него, за можната оставка на Лукровски се зборувало со месеци, а со тоа, како што тврди, бил запознаен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Јакимовски ја обвини владејачката партија дека со „правни акробации и партиски маневри“ се обидува да ја прикрие состојбата во Општина Карпош, додавајќи дека „Карпош не смее да биде заложник на партиски интереси и лаги“.

Претходно градоначалникот Лукровски го назначи советникот Неделчо Крстевски за свој заменик. Според решението објавено во Службен весник на Општина Карпош, Крстевски ќе го заменува градоначалникот во периодите на негово отсуство, а воедно е назначен и за овластен потписник на сите сметки и финансиски документи на општината. Во документот се наведува дека тој ќе ги има истите права и обврски како и градоначалникот.

Во јавноста претходно се појавија информации дека Лукровски поднел оставка, но од Општина Карпош ги демантираа таквите наводи. Оттаму соопштија дека градоначалникот моментално користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини.

„Општина Карпош ги демантира информациите дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка. Тој во моментов е на боледување и привремено е отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање“, соопштија од општината.

„Локално“ вчера објави дека дел од советниците во Советот на Општина Карпош засега не се информирани за оставка на Лукровски, но го цитираат Законот за локална самоуправа во кои случаи треба да се извести Министерството за локална.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јакимовски за Лукровски: Ако е боледување, не…

Партијата ГРОМ и поранешниот градоначалник на Општина…

Јакимовски за Лукровски: Ако е на боледување,…

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски,…

Објавено решението со кое градоначалникот на Карпош…

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски го…

Пронајдена дрога кај шест лица во Карпош!

Изминатата ноќ во Скопје, кај спортски центар…

Насилникот од Карпош осомничен за тешко семејно…

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје…