Јачева Улчар до Зоран Иванов: Престанете да го лажете народот и онака не Ви верува!

t

Професорката Елка Јачева-Улчар, реагира на навредите од Зоран Иванов во кои се дискредитираат македонистите, односно дел од нив ги нарекува “вмровски теткици во Институтот за македонски јазик”.

Го пренесуваме отвореното писмо на Професорката Јачева-Улчар во продолжение:

– До Зоран Иванов

Не знам како да ви се обратам Зоране Иванов, некако не ми оди ни со почитуван, ни со господине… За првото ќе излажам ако ви кажам така, зашто јас најнепочитувам луѓе како Вас кои цел живот работеле во врвна национална институција, јаделе од неа што се вели народски – а денес забораваат и кои се и што се, и со какви идеи се за својата земја… Второто зашто тоа се заслужува, а вие со испадиве што ги демонстрирате пред Македонците на една телевизија за која со право ќе ја наречам ваш втор дом – не сте тоа. Господин човек кога сака нешто да објасни во што е длабоко уверен, го прави тоа: аргументирано, стамено, мудро, одмерено, без едновремено надвикување со соговорникот…

Како и да е, на сите професионални обврски што ги имам деновиве, дојде редот и Вам да ви напишам едно писмо. Знам дека Вас ништо не ве расколебува за скршување од патот по кој сте тргнале, зашто веројатно е цврсто утабан и не само идеолошки, па затоа ова писмо не го пишувам со таква намера.

Го пишувам писмово за да ви кажам, Зоране Иванов, дека „се претеравте“ – што би рекол Велија Рамковски, и дека решив повеќе да не ви молчам, така како што ви молчам на сите недолични коментари, упатени до мене и до моите колеги преку туѓи ФБ-профили, во кој замислете вие се дрзнувате да судите за нашата работа, за нашите ставови, за нашата некомпетентност, за нашата „неевропскост“, за тоа дека сме „вмровски теткици во Институтот за македонски јазик“, дека „не сме релевантни за прашања што се однесуваат на третманот на македонскиот јазик во ЕУ“ и сл.

Ќе ве оставев повторно, како и претходните пати, да си разменувате романтични размисли за нашиот па̶̶̶т кон Европа со вашите интелектуални пандани, ако вчера не се случеше ова: пишувајќи одговори на мои колеги од странски национални институти кои се занимаваат со јазик и кои се скандализирани од тоа ̶ не што бара Бугарија од нас (зашто тие со својот великобугаризам му се познати на целиот славистички свет), туку од тоа што го дозволуваме ние, македонските јазичари и историчари, се појавувате вие на екранот од вашиот втор дом – и во ваш познат „високоевропски“ стил, со ист жар како и за Преспанскиот, почнувате од нас македонистите да ја браните нелекторираната Еднострана изјава за македонскиот јазик, викајќи на цел глас дека вашиот соговорник заедно со нас македонистите го лаже народот, дека треба да престанеме итн.итн. сè во тој викачко-агресивен стил толку пати виден од вас и вашите пријатели бранители на неодбранливи нешта во последниве 5-6 години…

Како клучен аргумент, наспроти двете петиции од помладите колеги македонисти и од научниците македонисти од МАНУ (сосе претседателот Љупчо Коцарев), од Институтот за македонски јазик (сосе директорката Елена Јованова-Грујоска), од Институтот за македонска литература (сосе директорката Наташа Аврамовска), од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (сосе деканката Анета Дучевска и раководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова), од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (сосе раководителката Ана Витанова-Рингачева), од Меѓународниот семинар за македонски јазик литература и култура (сосе директорката Весна Мојсова-Чепишевска), од Македонскиот славистички комитет (сосе претседателката Емилија Црвенковска), патем сите доктори на македонски јазик и македонска книжевност (со исклучок на акад. Коцарев) зад кои застанаа огромен број поддржувачи (над 7 000), вие го велите следново: „Со ова се согласи Советот за македонски јазик!“

Вие, Иванов, замижувате и пред двенеделните протести на Македонците кои вие и уште малкутемина останати апологети на власта, сакате да ги претставите како политички протести, иако да бевте таму ќе видевте, се разбира ако сакавте, дека, како што вели академик Катица Ќулавкова во последното интервју во весникот „Вечер“ од 24.7.2022 „(…) масовните протести против непристојниот предлог, предлог кој ни понуди прикриено вето и ги легитимираше опасните орвелијански и хегемонистички барања на источниот сосед, немаа етнички признак, немаа ни класен признак, немаа ни партиски признак, туку ги обедини сите слободоумни граѓани лојални на државно-националниот интерес на Македонија и свесни за важноста на суверенитетот.

Се случи еден културен бунт на граѓаните и едно духовно востание кое создаде критична маса свесна за непринципиелноста на т.н. француски предлог кој е реплика на бугарските рамковни позиции во врска со Македонија.“ Исто како што замижувате пред фактот дека Советот за македонски јазик, кој е формиран 1998 година како советодавно тело на Владата за прашања од македонскиот јазик, не било претходно консултирано за тоа што да содржи Унилатералната изјава.

А без да имате предвид и кој го води Советот за македонски јазик, и колку негови членови од вкупно 9 (од кои двајца пензионери и една новинарка) даваат поддршка на Унилатералната изјава, со оглед на тоа што тројца негови членови (директорката на Институтот за македонски јазик и двајца од Катедрата за македонски јазик, од нив едната е раководителка на Катедрата за македонски јазик), според преписката што ја имавме пред да го објавиме нашето соопштение застанале зад нашата реакција. Како некој што е долго време во новинарството и од кого генерации и генерации новинари учеле за објективно и истражувачко новинарство, знам дека нема да Ви биде, воопшто, тешко.

Писмово до Вас ќе го завршам со Ваши зборови, но но благ и смирен тон, дури мајчински, иако, според вашата возраст, побргу вие би можеле да ми бидете татко: „Престанете да го лажете народот!“, зашто тој и онака не ви верува, веќе!, пишува Професорката во отвореното писмо.

ЛИНК од Фејсбук статусот на Јчева-Улчар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер…

Хенри Кисинџер важи за комплексна и контроверзна…

Чомовски, Тричковски и Иванов: Оркестрирано сите yдpија…

Никола Димитров си стави мета на грбот…

(Видео+фото) Нaкитена новогодишнaта елкa во водитe на…

Нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ традиционално, 19-та…