Ја буцкаа Украина за да ја остават сама: Еве што направи западот против Русија
Санкции во делот на енергетиката, финансиите и транспортот, контрола на извозот и визни ограничувања – ЕУ и САД донесоа обемни санкции против Русија. Но, кај темата Свифт има различни ставови.
Шефовите на држави или влади на ЕУ на вонреден самит одобрија сеопфатен пакет санкции против Русија. Казнените мерки, меѓу другото, ги засегаат областите енергетика, финансии и транспорт. Дополнително, треба да има извозни контроли за одредени производи и ограничувања на визната политика. По приближно шестчасовните консултации, на кои беше вклучен и украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше за единството на ЕУ. „Нашето единство е нашата сила“, рече таа. Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја прекрои картата на Европа, оцени таа и додаде: „Тој нема да успее.“
Сепак, шефовите на држави и влади не беа толку обединети како што тоа го опиша Фон дер Лајен. Неколкумина од нив, уште пред самитот, повикаа на уште подалекусежни мерки. Меѓу другото, фокусот е ставен на банкарската комуникациска мрежа Свифт. Исклучување на Русија од Свит би значело такаречи исклучување на руските финансиски институции од глобалниот финансиски систем.
Германија е една од земјите кои во моментов го отфрлаат овој инструмент за санкции. Ваквиот став во Брисел канцеларот Олаф Шолц го оправда со стратешки размислувања. Првично треба да се држиме до пакетот санкции што беше подготвен во изминатите неколку недели, рече тој. Сè друго мора да биде „резервирано за ситуација кога е неопходно да се прават и други работи“. Сепак, Шолц не кажа за каква ситуација може да се работи.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер исто така се изјасни против вклучувањето на Свифт во сегашниот пакет санкции. „Свифт во моментов не е тема во предлозите“, рече тој. „Позадината на ова е фактот дека суспензијата на Свифт помалку ќе ја погоди Руската Федерација отколку Европската унија.“ Прво, како што се вели, Русија има свој платен систем и второ, Русија веднаш би се префрлила на кинескиот платен систем.
Во круговите на ЕУ се смета за можно Русија подоцна да биде исклучена од Свифт. Шефовите на држави и влади ги повикаа одговорните институции веднаш да почнат со работа на нов, трет пакет санкции. Тоа треба да создаде и можност за замрзнување на имотот на руските олигарси во ЕУ.
Отсекување на банките од финансиските пазари на ЕУ
Главната цел на санкциите против финансискиот сектор, како што се вели од ЕУ, е да се отсечат банките од финансиските пазари на Унијата. Во иднина тие не треба да можат да позајмуваат пари во ЕУ. Дополнително, треба да се спречи рефинансирањето на руските државни компании во ЕУ. Во Унијата веќе нема да се тргува со нивните акции.
Нешто слично се планира и за енергетскиот сектор. Главната цел на санкциите против транспортниот сектор е да се прекине снабдувањето со резервни делови и друга технологија за руската авијација. Се вели дека со релативно мал напор ова може да има огромно влијание, па може дури и да „приземји“ цели флоти. Контролите на извозот за високотехнолошки производи и софтвер имаат за цел да го отежнат работењето и на други клучни руски индустрии. Земјата може да биде силно погодена на среден и долг рок, се вели во Брисел.
Ограничувања во визната политика
Ограничувањата во визната политика договорени во ЕУ се насочени против Русите кои претходно имаа привилегирани можности за влез во ЕУ. Покрај дипломатите, тука спаѓаат и деловните луѓе, на пример.
САД со удар на најголемите банки
Во меѓувреме и американскиот претседател Џо Бајден објави пакет санкции, за кои рече дека „ќе наметнат сериозни трошоци за руската економија, и веднаш и со текот на времето“.
Додека првиот бран на американски санкции ги погоди помалите финансиски институции, овој круг ги погоди двете државни и воедно најголеми банки во Русија: Сбербанк и ВТБ банка.
Сбербанк поседува околу една третина од вкупните средства на руските банки, а новите санкции во иднина ќе ги блокираат трансакциите во американски долари. ВТБ банка поседува околу 16% од средствата на руските банки и со американските казнени мерки таа е целосно „замрзната“ преку „Full-Blocking“- санкциите.
Американските санкции се насочени и кон уште три големи руски банки – Откритие, Новиком и Совком – како и против нешто помалку од 90 филијали ширум светот поврзани со санкционираните банки.
Според американското Министерство за финансии, 80% од дневните девизни трансакции на руските банки во висина од 46 милијарди долари (41 милијарди евра) се вршат во долари. Од министерството се вели дека санкциите „ќе имаат длабок и долготраен ефект врз руската економија и финансискиот систем“.
Елина Рибакова, заменик главен економист во Институтот за меѓународни финансии, пред објавувањето на санкциите, за „Фајненшл тајм“ оцени дека ударот на најголемите банки „може да има многу важни системски ефекти врз Русија“.
Контроли на извозот и други мерки
Бајден, исто така, најави блокирање на извозот на критична технологија, а извозни контроли ќе има и за различни стоки што ги користи војската, вклучувајќи сензори, ласери и разни телекомуникациски апликации.
Новиот бран на американски санкции погаѓа и повеќе руски граѓани, како и лица во Белорусија.
„Министерството за финансии санкционира и припадници на руската елита и членови на нивните семејства и наметнува дополнителни нови забрани поврзани со новите долгови и сопствениот капитал на големите руски компании и големите приватни банки“, се вели од американското Министерство за финансии. „Ова фундаментално ќе ја загрози способноста на Русија да обезбеди капитал кој е клучен за нејзините акти на агресија.“
Удар, но не и одвраќање
Александра Вакру, извршен директор на Дејвис центарот за руски и евроазиски студии на Универзитетот Харвард, за ДВ оценува дека опцијата Свифт ќе има „многу сериозно влијание“ врз Русија. Таа е уверена и дека ограничувањето на капацитетот на Русија да го користи доларот ќе има слично влијание. Сепак, Вакру предупредува дека најтешките санкции против Русија ќе му наштетат и на Западот.
„Се разбира, тоа ќе биде многу лошо и за Европа, бидејќи ако таа не може да плати за рускиот гас, користејќи кореспондентни банки кои користат долари во средината на трансакцијата за купување нафта и гас од Русија, тоа ќе создаде хаос на пазарите на гас и евентуално може да резултира со исклучување на гасот во зима“, вели таа.
Според Вакру, од витално значење е западните сојузници да воведат строги санкции кон Русија, но таа предупредува дека тие во оваа фаза можат да бидат само казна.
„Како одвраќање, тие се целосно неефикасни“, уверена е Вакру. „На Путин не му е грижа какво е економското влијание од оваа инвазија. Тоа нема да го спречи да го прави она што го планира“, тврди таа.
„Истовремено, треба некако да го казните и ако не се борите против него со војници, треба да се борите на други начини. Економските лостови се сè што имаме. Не велам дека не треба да се користат, но велам дека тие нема да го одвратат од продолжување на инвазијата на Украина“.
Извор:
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стејт департмент: Сите тврдења за мешање на…
Американскиот Стејт департмент објави дека секое тврдење…
Украинците уништија клучен мост во руската област…
Украинските сили уништија стратешки важен мост на…
Вулин: Србија има политичка поддршка од Русија,…
Србија ја има политичката поддршка од Русија…
Борис Џонсон: Дозволете Киев да гаѓа цели…
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, коментирајќи го…
Сирски го брифираше Зеленски: Денеска имаме напредок…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска учествуваше на…