Ќе може да ги препознавате: Ознаки за македонските производи во сите маркети

t

Македонските јаболка, домати и компири наскоро ќе ја добијат својата „лична карта“ на полиците во маркетите – јасни и видливи ознаки што ќе им помогнат на купувачите веднаш да ги разликуваат од увозните. Целта е едноставна, но амбициозна: граѓаните да знаат што е домашно, да го изберат тоа, а парите да останат во земјата и да ја зајакнат македонската економија.

Ова е сржта на кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост“, која Министерството за земјоделство ја реализира заедно со стопанските комори. Министерот Цветан Трипуновски вели дека приоритетот е троен – поддршка за производителите и преработувачите, зголемена видливост на квалитетните македонски производи и поттик за домашната економија.

„Имаме квалитет што треба да биде видлив. Денес, ако влезете во маркет, тешко ќе препознаете дали доматот е домашен или увозен. Со овие означувачи, граѓаните ќе можат да направат информиран избор“, нагласува министерот. Тој најави и мобилна апликација што ќе овозможи брз пристап до информации за свежите производи и автентичните преработки.

Кампањата предвидува и нова интернет-платформа – makedonskonajdobro.mk, каде што производителите и преработувачите ќе ги презентираат своите производи, а компаниите ќе ги означат продажните места. Платформата располага со интерактивна мапа „Каде да купам” која, преку геолокација, ги прикажува најблиските локации со домашни производи и овозможува пребарување по категорија или конкретен производ.

Стопанската комора на Северозападна Македонија целосно ја поддржува иницијативата, но предупредува дека цената е подеднакво важна како и квалитетот. Вршителот на должноста претседател, Нухиу Алиу, нагласува дека државата мора внимателно да ги креира ценовните политики. „Пазарот ни е либерален и не можеме да го затвориме за увозот, особено ако тежнееме кон ЕУ и нејзините стандарди. Но, ако потрошувачот е информиран и убеден во квалитетот, ќе избере домашно“, вели тој.

Алиу посочува и на проблемот со посредниците, кои со своите наценки ги прават домашните производи поскапи од увозните. „Нашата цел е купувачот да биде поблизок до производителот. Со купувањето домашно, граѓаните индиректно ги стимулираат земјоделците и придонесуваат за зголемување на производството“, додава тој.

Министерството најавува и дополнителни анализи на цените, при што државната интервенција е можно решение само во исклучителни ситуации и за краток период – особено кај базичните производи – додека пазарот не се стабилизира.

Според Трипуновски, кампањата е само почеток на подолгорочна стратегија. Со новите ознаки на полиците, дигиталните алатки и јавната промоција, институциите очекуваат македонските производи да добијат поголема доверба кај потрошувачите, а парите на граѓаните да останат дома, поттикнувајќи раст и развој на земјоделството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

72-годишна мајка нападната од ќерката, татко повреден…

Серија случаи на семејно насилство и инциденти…

Медузи ги запреа трите реактори на една…

Голем рој медузи предизвика привремено запирање на…

Судијата што се спротивстави на Орбан е…

Важи за еден од најценетите унгарски правници,…

Белорусија шверцува мигранти низ тунели до Латвија?

Латвиските власти открија тунел преку кој мигранти…

ВМРО-ДПМНЕ: Ако Филипче и Заев се главните…

СДС и актуелното раководство продолжуваат со лагите…