Ќе се ограничат ли маржите на основните прехранбени производи?

t

Владата размислува за ограничување на маржите на основните прехранбени производи како мерка за заштита на животниот стандард на граѓаните. Ова од Берлин го најави премиерот Христијан Мицкоски, а министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, потврди дека станува збор за едно од можните решенија што ќе се разгледуваат на наредната владина седница. Тој посочи дека се анализираат состојбите со цените и инфлацијата, како и можностите за преземање мерки со кои граѓаните полесно ќе се справат со трошоците.

Според Дурмиши, и покрај растот на цените, инфлацијата во Македонија е пониска во споредба со регионот и Европската Унија, а горивата се поевтини од оние во дел од соседните земји.

„Засега цените се во рамките на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба, односно економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од Државниот пазарен инспекторат дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме. Во еврозоната, инфлацијата е четири отсто. Ние сме најдобри. Сепак, инфлацијата кај нас треба да биде под три отсто и ќе го достигнеме тоа до крајот на годината“, изјави Дурмиши на брифинг со новинарите.
Во меѓувреме, трошоците за живот продолжуваат да растат. Според податоците за октомври, просечната потрошувачка кошница на Министерството за економија изнесувала 59.149 денари, што е зголемување за 942 денари во однос на септември, односно 1,6 проценти.

Синдикалната минимална кошница за ноември, која Сојузот на синдикатите на Македонија ја објави вчера, достигна 70.827 денари. Тоа е за 469 денари повеќе од октомвриската вредност, но и за 11.678 денари повеќе од владината потрошувачка кошница за октомври.

Според ССМ, за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 25.902 денари месечно, за сметки 6.379 денари, а за транспорт 5.105 денари. Во владината пресметка за октомври, најголемо зголемување е забележано кај храната и пијалаците, особено кај овошјето и зеленчукот, но и кај домувањето, облеката и обувките. Двете кошници се пресметуваат според различни методологии и не се целосно споредливи, но ги покажуваат месечните трошоци за покривање на основните потреби на домаќинствата.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, месечната инфлација во октомври изнесувала 0,4 проценти, а годишната 3,3 проценти.

Во однос на минималната плата, Дурмиши изјави дека Владата посветено работи на нејзино зголемување. Тој повтори дека покачувањето треба да има економска оправданост, предупредувајќи дека зголемување без соодветна основа може да предизвика дополнителна инфлација и отпуштања на работници.

Според сегашните пресметки, минималната плата во март следната година треба да се зголеми за околу 3.000 денари. Дурмиши нагласи дека растот треба да зависи од економските параметри, а не од желбите на поединци, додавајќи дека, доколку се прашува тој, би предложил минималната плата да изнесува 1.000 евра.

Во однос на Законот за нефер трговски практики, се очекува до крајот на годината да биде усогласен заеднички став за измените, по што тие би влегле во собраниска процедура. Најавените измени предвидуваат зголемување на казните за десет пати и проширување на опфатот на законот и врз производителите и дистрибутерите. Така, на пример, казната од 20.000 евра би се зголемила на 200.000 евра.

Дурмиши најави и дека средствата за Оперативниот план за вработување следната година ќе бидат зголемени од 40 на 44,5 милиони евра. Планот треба да обезбеди поддршка за младите, невработените и лицата заинтересирани за самовработување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе се ограничат ли маржите на основните…

Владата размислува за ограничување на маржите на…

МВР со кривична пријава против двајца полицајци…

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и…

НАПАД СО ОСТАР ПРЕДМЕТ ВО СЕМЕЈНИОТ ДОМ…

На 19.11.2026 во 15:20 часот, полициски службеници…

Администрацијата на Трамп ќе објави снимки од…

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска…

Влада: Заштитата на жртвите е приоритет, насилството…

Владата веќе работи на подобрување на постојните…