Џоко никогаш нема да биде заборавен: Откриена биста во чест на тапанарот и 64-те жртви од пожарот во Кочани
Во Струмица вчеравечер беше откриена биста на младиот музичар Џоко Ѓоргиев, како траен спомен на момчето кое со својот талент, љубовта кон музиката и тапаните остави силен печат во својот роден град.
Струмица уште еднаш покажа дека знае да ги чува од заборав своите граѓани – оние кои со својот талент, карактер и дела оставиле трага во нејзиното битие и придонеле за нејзината афирмација.
Еден од нив е и Џоко Ѓоргиев, кој на само 25 години трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во негова чест, на денот на неговиот роденден, но и во спомен на сите 64 жртви на трагичниот пожар, вечерва во големиот градски парк беше откриено спомен-обележје. На чинот на откривањето му претходеше марш на сеќавањето, со кој семејството, пријателите и граѓаните на Струмица му оддадоа почит на Џоко и на сите невини животи прерано згаснати во трагедијата.
„И јас лично го познавав Ѓорѓи Ѓоргиев. Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете“, со овие зборови своето обраќање го започна градоначалникот Петар Јанков.
Пред родителите на Џоко – мајката Зорица, таткото Драги и братот Димитар, пред семејствата на жртвите, роднините, пријателите, другарите, членовите на Советот на Општина Струмица и бројните граѓани, градоначалникот говореше за момчето кое преку својата музика успеа да допре до срцата на многумина.
За Џоко зборуваше и неговиот татко Драги, кој со своето обраќање ја оживеа спомената за својот син и за неговата љубов кон музиката.
Во име на мајката на Џоко, која скршена од болка и тага не можеше лично да се обрати, зборуваше Билјана Трајкова. Нејзиното дете го доби тапанот на Џоко – симболично продолжувајќи ја неговата љубов кон музиката и чувајќи дел од неговиот сон жив.
Спомен-обележјето не е само споменик на едно младо момче. Тоа е потсетник дека животот, талентот и човечноста на Џоко не смеат да бидат заборавени. Неговите тапани замолкнаа, но споменот на него продолжува да живее во неговото семејство, во неговите пријатели, во неговиот град и во сите оние кои некогаш ја почувствувале неговата музика.
Вечерва Струмица не се сети само на Џоко. Таа се поклони пред 64 млади животи и испрати порака дека трагедиите оставаат рани, но дека сеќавањето е начинот на кој оние што ги нема продолжуваат да живеат меѓу нас.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вештачка интелигенција испратила лажна дојава за убиство…
Моделот за вештачка интелигенција Клод на компанијата…
Масакр во Пенсилванија: Деветмина загинаа, меѓу нив…
Во масовно пукање во градот Ири, во…
Москва ја поздрави пораката на Трамп за…
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин…
По ракетните напади, Амбасадата со препораки за…
Амбасадата на Македонија во Абу Даби упати…
Папата Лав: Смртната казна е неприфатлива
Папата Лав XIV повторно се изјасни против…