148 години од раѓањето на Чупоски: „Ние Македонците сакаме да бидеме избавени од милоста на Србите, Грците и Бугарите“

t

„Вие само ќе треба да му кажете дека во Македонија нема ниту Срби, ни Бугари. Охрабрете го со тоа дека вистинските, чисти Словено-Македонци ќе му бидат благодарни за неговата непристрасност. Д. Чуповски“.

Во писмо до својот сомисленик Никола Ничота, потпишано на 17 февруари 1904., македонскиот национален деец Димитрија Чуповски укажува и сведочи како се развивала македонската национална идеја далеку од Македонија – во Русија. Тој, во ова писмо, првенствено и пред сѐ, говори против „српската пропаганда и нејзиното деструктивно влијание меѓу народот“ во Македонија, но ги спомнува и другите тогашни, сѐ позасилени околни пропаганди и како тие работат на теренот. Писмото е објавено во делумно издадените „Спомени“ на Христо Шалдев – навидум соработник, но всушност жесток противник на Чуповски во Санкт Петербург, тогашна Царска Русија. Избор, т.е. извадоци од „Мемоарите“ се објавени од синот на Шалдев, во Аделаида, Австралија, 1993 година.

ЗА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА

За Чуповски, називите Македонци, Словено-Македонци и македонски Словени се еднакви и истозначни поими. И во ова писмо, тој намерно ја истакнува словенојазичноста на Македонците, за да ги избегне замките на соседната српска и бугарска пропаганда и нивните набедувања за наводна блискост со грчката или влахо-романската пропаганда. На почетокот на писмото oд Санкт Петербург, oд 17 февруари 1904 година, Чуповски пишува:

„Драг Кољо, штом најдов слободна минута по добивањето на Вашето писмо (од 15.02.1904), решив веднаш да Ви одговорам. Пред сѐ, мило ми е за Вашиот успех во однос на стипендијата, а второ, за Вашата благодарност кон мене и Вашата посветеност кон нашата заедничка идеја. Бидете сигурни дека од моја страна, за сè што напишавте, ќе бидат преземени чекори во Ваша корист. Вашата самореализацијата (доколку е искрена) во полза на словенската македонска национална идеја може да ми донесе само радост мене и на секој искрен патриот и ништо друго. Ќе бидам многу задоволен ако успешно ја исполните зададената задача во врска со српската пропаганда во Македонија и нејзиното деструктивно влијание меѓу народот.“

-Димитрија Чуповски е личност која во македонската национална историја остави вечна и неизбришлива трага. Чуповски како општествен деец, револуционер, дипломат, публицист, научник, издавач, и

– Димитрија Чуповски е самосвесен македонски интелектуалец и многустран културно-национален деец, кој во ниеден момент не покажал колебање околу македонскиот карактер на народноста, јазикот и културата на Македонците – изјави историчарката Билјана Ристовска-Јосифовска за МИА.

На 8 ноември 1878 година, во селото Папрадиште, Велешко, роден е Димитрија Чуповски – општественик, интелектуалец, револуционер, публицист, историчар, дипломат, научник, картограф, филолог. Тој е еден од најзначајните личности од македонската национална историја. Починал на 29 октомври 1940, во Санкт Петербург, СССР, на безмалку 62-годишна возраст – само 10 дена пред роденденот.

Инаку, според ова писмо, Чуповски не се согласува со тоа дека во Москва нема основа за развој на македонската национална идеја во Словенско-македонско студентско друштво – СМСД; во „Спомените“, инаку издадени на англиски јазик, авторот запишал: „SMSS“ (Slav Macedonian Student Society).

НИКОЛА НИЧОТА СТЕРЈЕВИЧ

Никола Ничота, всушност, е студент на Универзитетот на Москва. Академски граѓанин, интелектуалец, Македонец, по потекло од Крушево, но роден во Смедерево, Србија, кој бил под извесно влијание на српската национална пропаганда, но ја отфрлил и, спријателувајќи се со Чуповски, ги прифатил неговите идеи.

Никола Ничота

„Вие, како студент од пред само два месеци, не можевте да се сретнете или да се запознаете со сите кругови меѓу коишто може да се развива нашата идеја. Исто така, затоа што се дружевте со Срби, Бугари и Македонци кои се фанатици со своите идеи и Руси кои свикнале да го гледаат Македонецот како ‘Србин’ или ‘Бугарин’, а не како претставник на различно племе. Меѓутоа, кога ќе почнете да се движите во рамките на руската словенофилска заедница и ќе ја негувате во нив идејата дека Словените од Македонија не се исто што и Србите и Бугарите, туку посебно племе кое претставува нешто различно од тие два народа, тогаш народот и многу претставници на неговата интелигенција ќе почнат да се препознаваат како синови на словено-македонското племе кое има поблиски врски со Русите отколку со Србите и Бугарите“ – истакнува Чуповски.

На тој начин, Чуповски сака да придобие и што повеќе Руси да го поддржат „словено-македонскиот идентитет“, како што вели. Историчарот Бранислав Светозаревиќ вели дека Чуповски правилно сметал дека треба да се преземат мерки и против српската пропаганда.

– Писмото е одличен документ што зборува за дејноста и значењето на Димитрија Чуповски. Напишано е 1904 година – во екот на засилената пропагандна активност на Србија во Македонија. Имено, по неуспехот на Илинденското востание, Србија сметала дека е вистински момент за поагресивен пропаганден настап во Македонија, но овој пат покрај училишната и црковната пропаганда, настапува и со вооружена пропаганда. Во писмото многу јасно е изразена неговата македонска национална определба и борба против туѓите пропаганди коишто веќе биле длабоко инволвирани во секојдневниот и општествениот живот на Македонците. Затоа тој предлага низа мерки против дејствувањето на тие пропаганди – појасни Светозаревиќ.

Таа 1904 година е неславна по тн. „План за реформи од Мирцштег“ од октомври 1903, т.е. неуспехот во неговото спроведување во отоманска и послеилинденска Македонија. Фактите говорат: „Мирцштешките реформи“, наместо мир, во Македонија веднаш ја отвориле вратата кон нови судири меѓу Македонците и довеле до поостри црковно-национални поделби, раздор, позаострена вооружена пропаганда меѓу христијаните и повеќе крвопролевања.

Димитрија Чуповски

– Исто така, тој е многу претпазлив и со работењето со Македонците, за кои предлага постапен и ненаметлив пристап, најмногу заради тоа што македонското население веќе 30 години учи во туѓи пропагандни училишта и врши обреди во туѓи национални цркви, така што во многу семејства предизвикале раздор, брат со брат. Претпазливиот пристап кон Македонците доаѓа и поради големата разочараност на населението од неуспехот на Илинденското востание, а тоа многу вешто го користеле српската, бугарската и грчката пропаганда, а потоа и романската пропаганда – укажува Светозаревиќ.

Чуповски пишува: „Истата стратегија треба да се користи и за да се влијае врз Македонецот, но не ја откривајте оваа идеја на сите. Како прво, покренете ја како нејасен концепт, а потоа оставете ја да се развива под својот моментум“…

„БУГАРИТЕ И СРБИТЕ ЈА ПРЕЗИРААТ МАКЕДОНСКАТА ИДЕЈА
И НЕЈЗИНИТЕ СЛЕДБЕНИЦИ“

– Димитрија Чуповски е главниот идеолошки и политички двигател на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) и на неговите македонски другари во Петроград, од самиот почеток на XX век до 1917 година, односно до крајот на Првата светска војна и создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на 1 декември 1918, одржувањето на Париската мировна конференција (јануари 1919 – 21 јануари 1920) и Лондонската мировна конференција (10 април 1920). МНЛД е резултат на соработката меѓу Чуповски, Крсте Петков Мисирков, Дијамандија Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, Наце Димов, Никола Ничота и други млади македонски интелектуалци, по потекло од Постол (Пела), Папрадиште, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Штип, Радовиш, Кукуш, Банско, Солун, Воден – посочува Ристовска-Јосифовска.

Димитрија Чуповски

Во писмото се наѕираат две негови важни активности, и тоа за неговото влијание во јавното и научно мнение во Русија, но и неговите дипломатско-пропагандни активности со претставник на турската дипломатија. Во двата случаи, смета историчарот, ги брани интересите на македонскиот народ и истовремено прави напори за нивно придобивање кон интересите на македонската кауза.

„Прашувате за мојата посета на турската амбасада. Имавме прием кај првиот секретар, кој е и советник на конзулот, па ги изразивме нашите ставови во врска со Македонија – дека сакаме да бидеме избавени од милоста на Србите, Грците и Бугарите и да живееме во мир под заштита на Падишахот. Тој ни се заблагодари за мислењата и признанието на идеите за Турското Царство. Исто така, нѐ советуваше подробно да ги опишеме нашите цели во врска со Македонските Словени – во писмена пријава како петиција или меморандум што ќе се презентира пред султанот. Решивме да го следиме тој курс, но поради неочекуваните вести од Далечниот Исток, одложивме навреме, за да не дознаат Бугарите и Србите и да се побунат против нас“ – подвлекува Чуповски.

Тука некаде во писмото, тој вели и дека србо-бугарските шовинисти се „идиоти“ и не го интересира што тие мислат за него.

„Што се однесува до мене, како што велиш, и едните и другите (Бугарите и Србите) имаат лошо мислење за мене, но тоа не ме засега, бидејќи тие ја презираат идејата и нејзините следбеници. А, кажи ми, кој овде ме сака, од споменативе идиоти?“ – прашува реторички.

Натаму, Чуповски раскажува како на средбите читал состав на тема „За повеќевековниот идентитет на Македонците“, па како неговиот истомисленик Филип – Филчо (кој „сега не е Николиќ, туку Николовски“) пишува за тоа „кои причини ги имаат Русите и патеписците или етнографите воопшто да ги мешаат Македонските Словени со Србите и Бугарите“… Говори и за извесни г-н Јолевски и Марко (можеби Мушевич – исто така македонски деец во Санкт Петербург), кои ги прифатиле тие македонски идеи итн. На крајот, му препорачува на Ничота да се запознае со Русинот Никола Н. Дурново кој живеел во Москва и „може да се согласи со нашата идеја“ – вели Чуповски.

– Многу интересна е неговата препорака до неговиот пријател Ничота да му се обрати на рускиот општественик Никола (Николај) Дурново, на кого треба јасно да му се изјаснат македонските ставови. Тој сметал дека за таквите ставови Дурново ќе покаже разбирање. Тоа укажува дека Чуповски одлично ги познавал и ставовите на Дурново. Имено тој бил автор на книгата „Бугарската пропаганда во Македонија” – потсетува Светозаревиќ.

Имено, во таа книга Дурново ги образложува сите постапки на Русија што ги правела во Македонија, за да ги убеди Македонците дека тие се „Бугари“ и признава дека тоа ѝ било голема грешка на Русија; не само зашто Македонците се посебен народ, туку многу повеќе затоа што Русија згрешила што толку им помогнала на Бугарите, да ги ослободи, да им создаде црква, па дури и да ја осмисли целокупната пробугарска пропаганда во Македонија низ наведени примери. Рускиот лингвист во книгата наведува дека тоа на Русија ѝ било грешка зашто Бугарите ѝ го свртеле грбот на Русија и се приклониле кон Германија и Австрија со што Русија била изневерена и предадена. Оттаму доаѓа и големото разочарување на Дурново кон Бугарите, вели Светозаревиќ, што го натерало да признае во неговата книга дека Русија згрешила многу во својата политика кон Македонците.

На крајот на писмото, Чуповски уште еднаш истакнува оти во Македонија нема ни Срби, ниту Бугари.

СИНОТ ГИ РАЗБИВА ПРОПАГАНДНИТЕ ЛАГИ И МАНИПУЛАЦИИ НА ТАТКО СЍ

Христо Шалдев во „Спомените“ пропагира дека Чуповски наводно е србофил, српски платеник, го нарекува „србоман“ итн. Или, како што вели Светозаревиќ за тогашната, а и сегашна бугарска шовинистичка доктрина: „Може да биде сѐ, ама не и Македонец“. Но, ова писмо го говори спротивното. Општо погледнато, Чуповски говори и дејствува и против Бугарите, но повеќе е насочен против српските шовинисти и нивната пропаганда – а, тоа посебно се гледа во овој запис. Самата содржина на писмово ги побива лажните бугаристички тврдења на Шалдев.

Христо Шалдев

Кој е Христо Шалдев? Тој првично бил соработник на Чуповски во нивното Студентско друштво односно во МНЛД во Санкт Петербург, но историографијата вели дека, како секретар на Тајниот македонско-одрински кружок, одржува сѐ потесни врски со Бугарската егзархија и великодржавните кругови во Софија. Со тоа се согласува и Светозаревиќ, но и Блаже Ристовски – долгогодишен истражувач на животот и делото на Чуповски. Според истражувањата на рускиот историчар Дмитриј Лабаури, пак, контактите на Шалдев со бугарските националистички кругови ги имало уште пред неговото заминување во Санкт Петербург. И подоцна во својот живот, Шалдев важи за противник на националната посебност на Македонците, нивната културна автономија во Бугарија и поборник против македонската национална идеја. Подолго време раководи со про-бугарски македонски здруженија, па како таков, има успешна политичко-општествена кариера во Софија.

Синот на Христо – Илија Шалдев издал дел од „Спомените“, под наслов „Extracts from the memoirs of Hristo Shaldev, Macedonian revolutionary (Извадоци од мемоарите на Христо Шалдев, македонски револуционер)”, во Австралија, на англиски јазик.

Авторот не го приложил писмото во оригинал, туку само го превел на англиски. Но, писмото секако не соодветствува со тврдењата на Христо Ш. за какво било наводно србофилство на Чуповски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

148 години од раѓањето на Чупоски: „Ние…

„Вие само ќе треба да му кажете…

Радовишанец им се заканувал на вработени во…

СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична…

Расте бројот на жртви во Краков: Шестмина…

Најмалку шест лица се убиени, а 16…

Хрватска за 13 години изгубила речиси 64.000…

Хрватска во изминатите 13 учебни години остана…