2,4 милиони девојчиња исклучени од образование во Авганистан
Околу 2,4 милиони девојчиња во моментов се исклучени од средното образование во Авганистан како резултат на политиката на талибанската влада, според проценката објавена денеска од организација за образование и култура на ОН со седиште во Париз.
„Жените се избришани од јавниот живот, и како што нова генерација девојчиња расте без образование, нивната иднина станува сè потемна“, се наведува во соопштението.
Таа бројка би можела да порасне на речиси 4 милиони до 2030 година, предвидува УНЕСКО.
Проценката се заснова на бројот на девојчиња кои веќе беа запишани во средно училиште и мораа да го напуштат откако талибанците ја презедоа власта, како и на девојчињата кои во моментов го завршуваат основното образование.
Авганистан е единствената земја во светот што им забранува на девојчињата и жените да стекнуваат образование после основното училиште. Две децении напредок беа поништени како резултат на тоа, соопшти УНЕСКО.
По преземањето на власта во 2021 година, талибанците драстично ги ограничија правата на жените. Не им е дозволено да посетуваат средни училишта или универзитети. Тие исто така во голема мера се истиснуваат од работната сила.
УНЕСКО ги гледа овие ограничувања како сериозни кршења на човековите права и предвидува дека исклучувањето на девојчињата од образованието ќе ја влоши сиромаштијата во земјата и ќе го остави потенцијалот неискористен.
„Во време кога речиси половина од Авганистанците живеат под линијата на сиромаштија, ускратувањето на пристапот до образование за девојчињата и жените и ограничувањето на нивното вработување дополнително ја поткопува нивната способност да ги издржуваат своите семејства и да придонесуваат за економската иднина на земјата“, се наведува во соопштението.
Организацијата на ОН верува дека девојчињата се изложени на ризик да се омажат на помлада возраст и вели дека забраната за продолжување на нивното образование штети на нивната благосостојба. УНЕСКО проценува дека земјата би можела да изгуби околу 9,6 милијарди долари во приходи до 2066 година, бидејќи бројни високообразовани жени дотогаш веројатно ќе ја напуштат работната сила.
УНЕСКО работи во Авганистан за да обезбеди алтернативни можности за учење. Повеќе од 69.000 луѓе учествувале во овие програми од 2021 година, од кои 70 проценти се девојчиња и жени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
2,4 милиони девојчиња исклучени од образование во…
Околу 2,4 милиони девојчиња во моментов се…
17 лица загинаа во поплави, лизгање на…
Најмалку 17 лица загинаа, а 26 се…
Пакистан го нападна Кабул, прогласи „отворена војна“…
Пакистан изврши воздушни и копнени напади врз…
Пакистан изврши воздушни напади во Авганистан, има…
Пакистан рано утрово започна воздушни напади во…
Трамп вели дека британските војници во Авганистан…
Доналд Трамп ги пофали британските војници кои…