25 години од ударот врз кулите близначки: Америка и светот се сеќаваат на еден од најголемите терористички напади
На 11 септември 2001 година, пилоти-самоубијци на терористичката организација Ал Каеда на Осама бин Ладен насочија киднапирани авиони кон Светскиот трговски центар, со што ги срушија двете кули, познати како кули близначки. Во терористичките напади загинаа речиси 3.000 луѓе во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија. Светот по овој датум повеќе не е ист, при што нападите во САД предизвикаа безбедносни, стратешки и политички промени.
Двата американски патнички авиони се урнаа во двете кули на Светскиот трговски центар во Њујорк. Трет киднапиран авион се урна во седиштето на американската војска во близина на Вашингтон. Четвртиот киднапиран авион се урна во Пенсилванија пред да погоди некоја од целите.
Нападите не се случија ненадејно. ЦИА со години пред 2001 година беше свесна за постоењето на мрежата Ал Каеда и нејзиниот лидер во егзил, Саудиецот Осама бин Ладен. Агенцијата дури имаше и посебен тим задолжен за негово пронаоѓање. Девет дена по нападите од 11 септември, тогашниот претседател на САД, Џорџ В. Буш, ја објави „Војната против тероризмот“.
„Терористичките напади можат да ги потресат темелите на нашите најголеми згради, но не можат да ги допрат темелите на Америка. Овие акти го кршат челикот, но не можат да го нарушат челикот на американската решителност. Ние нема да правиме разлика помеѓу терористите кои ги извршија овие акти и оние кои ги кријат“, наведе тогаш Буш.
Сеќавања
Повеќе од 100 милиони Американци се премногу млади за да се сеќаваат на тој ден, неодамна истакна поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.
Некои од нив дури сега ги откриваат ужасите од 11 септември, гледајќи видеоснимка по видеоснимка на платформи како Јутјуб и ТикТок.
„Кога се случија нападите на 11 септември, секој ви стануваше пријател. Сите бевме обединети во таа загуба, а земјата насекаде се чувствуваше како дом. Додека возев низ улиците во предградијата, на секоја куќа гледав истакнато американско знаме“, напиша Џенифер Јасенски, 55-годишна правна помошничка од Милфорд, Конектикат.
Елизабет Зорко, пензионирана службеничка за изборна администрација од Омаха, Небраска, се присети на сличен феномен.
„Се сеќавам како се сретнував со погледите на потполни странци и во нив имаше израз што претходно не постоел – како ова заедничко ужасно искуство да создало длабока лична поврзаност“, вели таа.
Тоа чувство на единство набрзо отстапи место на гнев и поделби, главно поради војните во Ирак и Авганистан, започнати од администрацијата на Џорџ В. Буш и претставени како неопходни конфликти за да ѝ се помогне на Америка да победи во војната против тероризмот.
„Започнавме две ’вечни војни‘ кои беа целосно неефикасни во поглед на нашата воена безбедност, а само го урнаа нашиот углед во светот – особено во Европа и на Блискиот Исток – и тоа по цена на животите на илјадници американски војници и безброј ирачки цивили. Иако преземавме навидум какви било мерки за да се одбраниме од потенцијален странски тероризам, домашниот тероризам во нашата земја стана појава што се случуваше речиси секој месец, а притоа не се преземаа никакви мерки за проширување или зајакнување на законите за контрола на оружјето во земјата“, напиша Бенџамин Прајс, 50-годишен адвокат од Савана, Џорџија.
Ден Џ., 42-годишник од Вермонт, исто така објави сеќавање.
„Уште од првиот ден, нападите од 11 септември се користат за демонизирање и дехуманизирање на цел еден регион во светот. Дозволивме настаните од 11 септември да ја обединат нашата нација – не во тага или во издржливост, туку во колективна омраза. Тогаш се срамев од нас, а сега, кога дозволивме оваа земја уште повеќе да потоне во омраза, ксенофобија и изолација, тој срам е уште поголем“, напиша тој.
Еден читател на „Гардијан“, кој сакаше да остане анонимен, пишуваше за исламофобијата со која се соочил како посветен муслиман додека растел во светот по 11 септември.
„Најсилно тоа влијаеше врз мене во периодот од основното до средното училиште. Растев во област каде што луѓето генерално се потолерантни и пообразовани, па така најлошите искуства што ги имам се главно поврзани со шеги и исмевање од страна на соучениците“, рече тој.
Надвор од училницата, тој забележал дека „Блискиот Исток почнал да се поврзува исклучиво со опасност и тероризам, иако е колевка на сите аврамски религии и жариште на древни цивилизации“.
Многу читатели ги посочија „Патриотскиот закон“ и „Законот за безбедност во воздухопловството и транспортот“ – двата донесени како одговор на нападите од 11 септември – како највидливи примери за наследството на тој ден во нашето секојдневие
„Мерки што никогаш не би ги прифатиле во 90-тите години – како претреси на аеродроми или забрана за внесување торби на стадиони – одеднаш изгледаа разумно и никогаш не беа укинати“, рече Прајс.
Зорко изјави дека нема патувано со авион уште од април 2002 година.
„Не затоа што се плашам, туку затоа што е премногу мачно и комплицирано“, посочи.
Безбедносни и политички промени
Нападите на 11 септември предизвикаа и безбедносни импликации во САД и во светот. САД го формираа Министерството за татковинска безбедност и воведе функција директор на националното разузнавање за да се надминат пропустите во споделувањето информации помеѓу американските агенциите како ЦИА и ФБИ.
Уследи и реформа на меѓународните разузнавачки служби, се зголемува прекуграничната соработка помеѓу разузнавачките агенции на НАТО, на ЕУ и Интерпол, ЕУ, со фокус на пресекување на каналите за финансирање тероризам.
Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш на 26 октомври 2001 година потпишува закон (USA PATRIOT Act) со кој се заострува електронскиот надзор и се намалува приватноста. Законот овозможува следење финансиски трансакции и апсење на осомничените без судски процедури.
На глобално ниво се воведуваат построги визни и правила за патување, воведени се биометриски пасоши, а на аеродромите се инсталирани скенери.
По нападите од 11 септември и преземените акции, светот се повеќе се поларизира, нарушена е рамнотежата на Блиски Исток, намалени се човековите права, а во пораст се ксенофобијата и национализмот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
25 години од ударот врз кулите близначки:…
На 11 септември 2001 година, пилоти-самоубијци на…
Речиси целото злато на Земјата е под…
Огромен дел од златото на Земјата не…
Полицијата упадна во дом во Куманово и…
Вчера во 13:45 часот, полициски службеници од СВР…
(Видео) Петнаесет пожарникари и шест возила гаснеле…
Пожар доцна синоќа избувнал во Општина Шуто…
Доаѓаат нови гранични правила: Ќе чинат 20…
Патниците од земји надвор од ЕУ, вклучувајќи…