„25 години живеам благодарение на твојата лесна рака“: Македонија изгуби врвен хирург, емотивни пораки за последен поздрав до доктор Спировски
Бројни пораки со благодарност, почит и сеќавања на спасени животи се споделуваат на социјалните мрежи по веста за смртта на познатиот торакален хирург проф. д-р Зоран Спировски (1957–2026). Од него се простуваат колеги, здравствени работници и поранешни пациенти, кои раскажуваат за своите искуства со лекарот што им помогнал во најтешките моменти.
По објавата на Скопје Инфо за неговата смрт, во коментарите се споделуваат лични сведоштва од луѓе кои биле оперирани или лекувани од професорот.
Особено емотивна е пораката на Милена Димитриевиќ, која вели дека благодарение на неговата операција живее веќе 25 години.
„Мир и спокој на твојата племенита и добра душа. Многу животи спаси како најдобар лекар… Сега почивај во рајот, ангелите нека те чуваат. 25 години живеам од твојата лесна рака. Благодарам со солзи во очите“, напиша таа.
Слично искуство сподели и Добринка Младеновска, која посочува дека професорот ѝ го продолжил животот уште пред 22 години.
„За мене ќе остане голем спомен од еден врвен доктор кој ми го продолжил животот од пред 22 години до ден-денес. Човек со срце кој им помогнал на многу пациенти“, напиша Младеновска.
Рената Кешкек се присети на операцијата што ја имала пред четири години, за која вели дека завршила успешно.
реклама
„Можеби бев од последните негови пациенти, но се заврши успешно. Таа операција беше пред четири години. Јас ќе ве паметам како мој спасител. Никогаш нема да ве заборавам, вас и д-р Деспотоски“, напиша таа.
Билјана Стојановиќ сподели дека Спировски ја оперирал нејзината мајка во период кога, според нејзините зборови, другите лекари веќе се откажале.
„Ја оперираше мајка ми кога сите кренаа раце од неа“, напиша таа.
Меѓу бројните реакции е и онаа на Соња Ксенија Ставриќ, која се заблагодари за брзата лекарска интервенција кога се соочила со пневмоторакс.
„Ми помогна кога добив пневмоторакс, со својата брза реакција и хоспитализација, за што ќе бидам вечно благодарна. Ќе недостасуваш на многумина кои ги излекува и им даде втора шанса за живот“, напиша таа.
Елена Шумановска, пак, сподели поинакво искуство, нагласувајќи дека на нејзиното семејство му помогнала и одлуката на професорот да не изврши операција поради преголемиот ризик.
„Сите се благодарни за успешните операции. Ние сме благодарни што, по негова проценка за преголем ризик по животот на брат ми, не го оперира. Му подари живот“, напиша таа.
Од професорот се прости и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, која потсети на неговата долгогодишна професионална кариера.
„Торакален хирург со децениски стаж, поранешен директор на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Спировски остави длабока трага во македонското здравство“, наведуваат од Асоцијацијата, упатувајќи сочувство до семејството и колегите.
Со порака за последен поздрав се огласи и министерот за здравство Сашо Клековски.
„Торакален хирург со децениски стаж, поранешен директор на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Спировски остави длабока трага во македонското здравство. Им помогна на безброј пациенти, а генерации млади хирурзи ги учеше на знаење, посветеност и човечност“, напиша Клековски.
Спировски беше редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија. Неговата научна и стручна работа беше посветена на хируршкото лекување на заболувањата на белите дробови и градниот кош, а во текот на кариерата учествуваше и во образованието на бројни генерации лекари.
Пораките на неговите поранешни пациенти, од кои дел и по повеќе од две децении се сеќаваат на операциите и лекувањето, сведочат за благодарноста и почитта што ја стекнал во текот на својата лекарска кариера.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„25 години живеам благодарение на твојата лесна…
Бројни пораки со благодарност, почит и сеќавања…
(Видео) ВОЗИ СО НАД 200 КМ/Ч И…
Возење со брзина поголема од 200 километри…
Ајзенкот доби мандат за формирање влада во…
Гади Ајзенкот, лидер на центристичката партија „Јашар“,…
Mихајлова: Тоа што сум родена во Македонија…
Ива Михајлова даде интервју за бугарските медиуми.На…
Трамп: Америка со последните избори направи голем…
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска оцени дека…