27 лица во Грција починаа од вирусот Западен Нил
Во текот на летото, односно од почетокот на сезоната во јули заклучно со вчера во Грција се потврдени вкупно 180 случаи на вирусот Западен Нил, а починаа 27 лица, на возраст меѓу 61 и 93 години, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатата седмица биле регистрирани 18 нови случаи и починале две лица.
Како што соопштија од ЕОДИ, во анализите не се опфатени дополнителни четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, а постојат и уште два случаи кај лица кои патувале во странство и се чекаат резултатите во однос на тоа дали се домашни или увезени инфекции.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, односно во девет од вкупно 13 периферии, а потврдени случаи има во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица.
Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Од 2030-та од Богородица до Солун…
На патниот правец од граничниот премин Евзони…
Грција наскоро ќе произведува 15.000 воени дронови…
Грчките државни воени фабрики наскоро ќе можат…
ХОРОР: Мртво бебе е пронајдено во куфер…
Вистински хорор се случувал во Атина, откако…
Грција и Израел потпишуваат договор за „Ахиловиот…
Во 11 часот по локално време во…
Мицотакис: Солун ќе биде новата престолнина на…
Солун има амбиција да добие нова улога…