30 млади лица, идни офицери на Армијата дадоа свечена заклетва, Петровска им порача: Станувате дел од семејството кое се грижи за безбедноста!
Триесет млади граѓани, идни офицери на Армијата на Република Македонија денеска на Воената академија во Скопје дадоа свечена заклетва по што ќе започнат со нивното школување на Воената академија. На свеченоста свое обраќање имаше министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери им порача дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на кауза што е поголема од нив самите.
„Како идни офицери, ќе ја носите тежината на одговорноста на вашите рамена. Ќе бидете повикани да водите со храброст, интегритет и разбирање. Ќе ви бидат доверени животите на оние кои ќе бидат под ваша команда, а одлуките што ќе ги донесете ќе имаат големо влијание врз нивната благосостојба но и безбедноста на нашата татковина. Затоа посветено и внимателно учете ги содржините за време на курсот, усовршите ги своите вештини, а вашата цврстина и посветеност нека ги надминат сите предизвици“, рече Петровска.
Министерката Петровска на идните офицери кои доаѓаат од различни бранши им упати благодарност што одговорија на повикот и им порача дека нивната храброст и посветеноста на должноста го претставуваат најдоброто од нашата земја. Идните офицери, рече таа, не се сами на патот кон стекнување на првиот офицерски чин.
„На ова патување не тргнувате сами. Имате целосна поддршка од вашите колеги, вашите професори и нашата земја која длабоко ја цени вашата жртва и служба. Вие станувате дел од заедница, дел од семејство“, потенцира Петровска.
Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски истакна дека Академијата, именувана по генералот Михаило Апостолски, е симбол на патриотизам, храброст и издржливост.
„Наследството на генерал Апостолски е инспирација за сите што се дел од оваа институција и нè потсетува на жртвите положени за нашата слобода и независност“, истакна Богдановски.
Тој додаде дека со давањето на свечената заклетва, нашите идни офицери гордо презедоа одговорност и целосна посветеност на одбраната и безбедноста на нашите граѓани и на сојузниците.
На денешната свеченост присуствуваше и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Воената академија, останати гости од Министерството за одбрана и Армијата како и членови на семејствата на слушателите на курсот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Изборите во Израел без јасен победник: Арапите…
Претседателот на левичарската партија Демократи, Јаир Голан,…
Трамп: Наскоро состанок меѓу Путин и Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп очекува дека наскоро…
Арагчи: Нов израелски напад врз Иран би…
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи предупреди…
Брнабиќ тврди дека се подготвува апсење на…
Потпретседателката на Главниот одбор на Српската напредна…
САД НАРЕДИЈА ЕВАКУАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ПЕРСОНАЛОТ…
Американскиот Стејт департмент наредил повлекување на дипломатскиот…