400.000 евра за станови, 350.000 во ѕид: Прислушувани разговори откриваат како се договарале средби со судијата Ѓоко Ристов

t

Нови докази и прислушувани разговори беа презентирани во судската постапка против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело.

Обвинителката Искра Хаџивасилева во судницата презентираше материјали обезбедени со посебни истражни мерки, за кои Обвинителството тврди дека покажуваат како биле договарани средби меѓу Ристов и лица поврзани со обвинети во предмет за тежок криминал.

Според Хаџивасилева, женскиот глас кој се слуша во дел од комуникациите е на Симона Ристова, сопруга на Ѓоко Ристов, која извршува функција државен правобранител. Според тврдењето на обвинителката, таа посредувала при договарањето на средбите на нејзиниот сопруг со засегнатите лица.

Како дел од доказите биле презентирани комуникации на Е.Ш. и А.А., татко на две лица обвинети за кривични дела поврзани со злосторничко здружување, проституција, дрога и перење пари во предмет поврзан со угостителскиот објект „Ориент“. Во периодот на комуникациите Ристов бил апелациски судија и постапувал по предметот кој претходно се водел пред Кривичниот суд.

Во еден од прислушуваните разговори од 5 мај 2025 година, соговорниците разговараат за средба со лице кое го нарекуваат „нишанот“.

„Дали оваа недела ќе се сретнеме со нишанот?“, се слуша во разговорот, по што Е.Ш. потврдува дека очекува информација кога би се одржала средбата.

„Оваа недела мора да се заврши, со Господ напред“, се слуша во продолжението на комуникацијата.

Следниот ден, според доказите презентирани од Обвинителството, Е.Ш. воспоставил контакт со Симона Ристова и побарал прием. Во комуникацијата било споменато дека претходно ѝ пишувал и преку Инстаграм.

Вечерта на 6 мај Е.Ш. испратил порака „само да ве потсетам“, на што, според презентираната комуникација, добил одговор: „Да, за утревечер“.

Следниот ден, 7 мај, комуникацијата продолжила. Во една од пораките како место за средба било наведено „Кај Хрватска амбасада“, а подоцна, според презентираните докази, локацијата била дополнително конкретизирана со пораката „Кај кафичот“.

Обвинителството ги поврзува овие комуникации со средба меѓу Е.Ш. и судијата Ристов, за која претходно во судницата била презентирана и видеоснимка.

Во рамки на истата постапка, претходно сведочеше и инвеститорот во недвижности Круме Апостолов. Тој пред Судот изјави дека мајката на обвинетиот судија, Донка Ристова, во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за четири станови со вкупна површина од околу 250 квадратни метри.

Според неговото сведочење, изградбата се уште не започнала поради проблеми со документацијата. Ристова подоцна побарала да и биде вратен дел од уплатениот износ, но Апостолов рекол дека средствата веќе биле вложени и дека пари не и биле вратени.

На вкрстеното испрашување инвеститорот изјавил дека никогаш не разговарал со Ѓоко Ристов за становите и дека немал судски предмет пред него.

Ова сведочење е значајно за спорот меѓу Обвинителството и одбраната околу потеклото на 350.000 евра кои при претрес биле пронајдени заѕидани во куќа во Неготино.

Одбраната тврди дека готовината пронајдена во ѕидот, како и средствата уплатени за становите, биле пари на родителите на Ристов.

Обвинителката Хаџивасилева, пак, во судницата посочила дека доказите на Обвинителството покажуваат дека 350.000 евра пронајдени во ѕидот не се дел од сумата од околу 400.000 евра уплатена за становите.

При претресот во куќата во Неготино биле пронајдени 350.000 евра распоредени во 13 пакувања, односно вкупно 835 банкноти во апоени од 500 и 200 евра.

Ѓоко Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Тој се смета за невин се додека евентуалната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Одбраната најавила дека Ристов е предложен и за сослушување во постапката.

Судењето со изведување нови докази продолжува на 3 септември.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

400.000 евра за станови, 350.000 во ѕид:…

Нови докази и прислушувани разговори беа презентирани…

Тошковски за „Мазут“: Информациите ќе ја фрапираат…

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува…

Превозниците се заканија со блокади, ЕУ одговори:…

Професионалните возачи од земјите кои не се…

Калас: На Украина итно ѝ се потребни…

Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за…

Казнети првите моторџии преку „Сејф сити“: Се…

Министерството за внатрешни работи нашло техничко решение…