На денешен ден: 3ти Март низ историјата

t

3 март 2022

1359.- Силна турска војска, под водство на Мурат, од Галиполе го почна освојувањето на Европа. Галиполе е првиот имот на Турците во Европа, што во 1354 година го освоија од ослабената Византија. Турците брзо ги зазеле важните упоришта: Дарданелите, Чурул, Мазели и Бургас. Во такви услови набргу бил освоен и Андринополис (Едрене), втор град по големина во Византија.

1652.- Роден е англискиот писател Томас Отвеј, чии трагедии во стихови се одликуваат со поетски дар и силна трагичност. Дела: „Спасена Венеција“, „Сираче“, „Дон Карлос“.

1703.- Умрел англискиот физичар Роберт Хук, секретар на Кралското друштво во Лондон, кој ги усовршил барометарот, телескопот и микроскопот. Го докажал вртењето на Земјата и гравитацијата на вселенските тела. Автор бил на законот за истегнување на еластичните тела т.н. Хуков закон.

1707.- Умрел могулскиот цар Аурангзеб, најмладиот син на царот Џехан, последниот голем могулски владетел во Индија, кој со земјата управувал од 1658 година до неговата смрт. Владеел сурово и ја оправдал титулата, бидејќи го проширил Могулското царство повеќе од сите претходници, но кобно го ослабел одвнатре, правејќи непријатели од илјада поданици во обидот да им наметне жестока исламска ортодоксија.

1792.- Умрел шкотскиот архитект и декоратор Роберт Адам, еден од творците на неокласичниот стил во архитектурата. Проектирал многу јавни згради со исклучителна елеганција, посебно во Лондон, кои се одликуваат со карактеристичен со прозрачен стил и се наречени според неговото име.

1822.- Повеќе од 8.000 востаници и цивилно население во Његош го прогласиле избувнувањето на Његошкото востание против османлиското владеење. Во востанието учествувале Македонци, Грци и Власи. Востанието претставувало предвесник на разгорувањето на националноослободителното движење на македонскиот народ.

1847.- Во Единбург, во Шкотска, е роден Александар Грахам Бел, американски научник, од шкотско потекло, физичар, творец на телефонот. Конструирал и фотофон и фонограф. Главно негово дело е “Механизам на говорот”. Умре на 2 август 1922 година.

1861.- Со Манифестот на царот Александар Втори во Русија било укинато кметството. Повеќе од 47 милиони кметови биле ослободени од личната зависност од господарите и поврзаноста со земјиштето и добиле право на тргување, да се занимаваат со занаети и со сите работи во земјоделството.

1878.- По завршувањето на Руско-турската војна (1877-1878), во гратчето Сан Стефано, кај Цариград, бил склучен мировен договор (познат како Санстефански мир). Со договорот е заклучено на Црна Гора, Србија и Романија да им се признае независност и територијално проширување на сметка на Турција. За Босна и Херцеговина била предвидена автономија под надзор на Австро-Унгарија, а било создадено и автономно кнежевство во вазален однос спрема Турција – Голема Бугарија. Покрај другите делови, во кнежевството било предвидено да влезе цела Македонија. Но, поради несогласување на Австро-Унгарија, Германија и на другите големи сили со превласта на Русија во Источна Европа, на Берлинскиот конгрес (13 јуни до 13 јули 1878 година), договорот бил ревидиран. Одредбите на Санстефанскиот договор и на Берлинскиот конгрес, неповолно се одразиле врз понатамошните односи на Балканот.

1906.- Во Хагстал, во близина на Малме, е роден Артур Лундквист, шведски писател, критичар и преведувач. Првата книга поезија “Жар” ја објавил во 1928 година. Напишал над 80 книги поезија, проза, есеи и патеписи. Со антологијата „Петмина млади“ во

1930 година го навестил модернизмот. Добитник е на Лениновата награда за мир во 1958 година и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 1977 година.

1918.- Во Брест-Литовск бил потпишан Договор за мир меѓу централните сили и советска Русија. Русија морала да прифати тешки материјални отстапки и да и плати воена отштета на Германија во износ од шест милиони златни марки. Кон крајот на 1918 година биле поништени клаузулите на овој насилно изнуден мир.

1924.- Продолжувајќи ги реформите во Турција, Кемал Ататурк го забранил султантството и од земјата го протерал некогашниот султан со семејство.

1953.- Родена е во Скопје Јагода Михајловска – Георгиева, македонски раскажувач, романописец и есеист. Завршила Филолошки факултет во Скопје. Работела како новинар во неделникот „Пулс“ и во телевизија „Телма“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Објавени книги: „Мојата кожа“ (раскази, 1988), „Јас, момчето-молња“ (роман за деца и млади, 1989), „Огледала“ (есеи, 1994), „Игбал, мојата тајна“ (роман за деца и млади, 2000), „Индиго Бомбај“ (роман, 2008), „Дрско црвен кармин“ (раскази, 2012).

1974.- Во дотогаш најголемата несреќа во историјата на цивилното воздухопловство, загинале сите 346 луѓе во турскиот патнички авион ДЦ-10, кој се урнал набрзо по полетувањето од парискиот аеродром „Орли“. 1980.- Францускиот претседател Валери Жискар д`Естен во разговорите со државниците на арапските земји од Персискиот Залив за првпат во официјална форма го признал правото на палестинскиот народ да може да се самоопредели.

1983.- Во Скопје умрел Кирил Чауле, македонски новинар, борец за национални и социјални права и учесник во НОВ на Македонија (бил командант на Осмата македонска НОУ бригада). Роден е во Охрид, во 1918 година.

1988.- Умрел мексиканскиот виолинист, по потекло полски Евреин, Хенрик Шеринг, еден од најголемите мајстори на виолина на сите времиња, кој темелно го освежил класичниот и современ репертоар со извонредна техника и стилска култура. Емигрирал кога нацистичка Германија во 1939 година ја нападнала Полска и до 1945 година во Лондон бил офицер за врска на полската пребегната влада и преведувач на шефот на владата, генералот Владислав Сикорски. Во Мексико станал професор на Музичкиот факултет во 1945 година, а од 1953 година како амбасадор на добра волја во мексиканската влада приредувал концерти на кои ја воодушевувал публиката ширум светот.

1991.- Умрел англискиот атомски физичар и математичар Вилијам Џорџ Пени, татко на британската атомска бомба. Под негова контрола била изведена првата проба на британското атомско оружје во 1952 година на островите Монте Бело во западна Австралија.

1994.- Умрел американскиот вирусолог, по потекло полски Евреин, Алберт Брус Сејбин, пронаоѓач на вакцината против полиомиелитисот (заразна детска парализа). Оваа вакцина за првпат е применета во Советскиот Сојуз. Бил професор на Медицинскиот колеџ на Универзитетот во Синсинати (САД), а потоа претседател на Вајцмановиот институт во Израел.

1996.- Во Париз умрел Маргерит Дирас, позната француска писателка. Во 1984 година за романот „Љубовникот“ ја добила Гонкуровата награда, француска врвна награда за литература. Покрај другите дела, таа во 1959 година го напишала и сценариото за филмот „Хирошима“, љубов моја“. Родена е била Индокина, во 1915 година.

2002.- Швајцарците на референдум се изјасниле за влез на својата земја во Обединетите нации.

2002.- Во Скопје, во Гинеколошката клиника, била породена Лилјана Илиевска (32 години) од селото Вевчани, Струшко, донесувајќи на свет пет бебиња – три женски и две машки. Таткото на децата бил Мишо Илиевски.

2004.- Францускиот Сенат со огромно мнозинство изгласал забрана за носење муслимански шамии во државните училишта.

2005.- Американскиот авантурист Стив Фосит станал првиот човек кој ја прелетал Земјата со авион без попатно слетување и дополнување гориво, по што после 67-часовно патување и поминати 37.000 километри, се спуштил на аеродромот Салин во американската држава Канзас.

2008.- Умрел Ѓузепе ди Стефано, италијански оперски уметник, тенор. Роден бил во Катанија, на Сицилија. Пеење учел во Милано, а дебитирал во 1947 година во миланска Скала. Поради специфичната боја на гласот од педесеттите години на 20. век Ди Стефано се сметал за еден од најдобрите светски пејачи. Освојувач бил на златниот Орфеј, престижна италијанска музичка награда. Честопати пеел во дует со оперската дива Марија Калас.

2010.- Умрел Момо Капор, српски книжевник, сликар, новинар. Напишал повеќе романи и збирки раскази, автор е на повеќе документарни филмови и ТВ-емисии. Сценарист бил на повеќе филмови, меѓу кои „Валтер го брани Сараево“, „Банкет“. Бил член на Српската академија за науки и уметности.

2016.- На 80-годишна возраст во Скопје починал академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор. Серафимовски создал над 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и дрво. Реализирал и 40-тина споменици и спомен-обележја кои се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна СФРЈ и во светот. Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот. Во текот на 60-годишното активно творештво, Серафимовски учествувал на околу 300 групни изложби, а реализирал 40 самостојни изложби во земјата и во странство. Член бил на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и една година негов претседател. Во 1988 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите, во 2003 година за странски член на Српската академија на науките и уметностите, а во 2006 година за член на Светската академија за уметност и наука со седиште во Сан Франциско, САД. Во 2010 бил избран за почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2015 бил избран за странски член на Црногорската академија на науките и уметностите. Во спомен на неговите предци и на неговото родно место, во 2008 година во селото Зубовце била осветена црквата „Св. апостол Тома“ чиј ктитор бил токму Серафимовски, а негово дело е и уникатниот иконостас во црквата. За своето скулпторско творештво бил добитник на многубројни награди и признанија. Роден бил во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година.

2020.- На 64-годишна возраст почина Агим Рамадани, лекар во тетовската болница и поранешен пратеник од редовите на Демократска партија на Албанците (ДПА). Работел во Одделот за судска медицина и патологија, а бил пратеник во Собранието во периодот од 2006 до 2008 година. Рамадани завршил Медицински факултет, специјализирал судска медицина и криминалистика, а магистрирал медицински науки. Работел како лекар по општа практика, а потоа и како специјалист во тетовската Клиничка болница. Предавал и на Универзитетот во Тетово.

2020.- Во Струмица почина актерот Ванчо Крстевски, член на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица. Роден на 30 ноември 1960 година, а член на Струмичкиот театар е од 1982 година. Досега одиграл 105 улоги и остварил низа забележителни ролји. Учествувал во повеќе телевизиски проекти, а исто така и во филмски улоги во „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Жената што ги избриша солзите“ на Теона Митевска и други. Во 2018 година, во рамките на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, за улогата на Арсен во претставата „Петтиот чин“ ја доби наградата на НЕТА за најдобра машка улога.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

22.2.2022 – палиндром и амбиграм во едно

Денешниот датум е двојно редок, не само…