9 милиони евра европска поддршка за македонската Армија, потпишан Меморандумот за разбирање со кој започнува имплементацијата на овој проект

t

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, амбасадорот Томаж Ловренчич, како агенција која ќе го имплементира проектот на Европскиот мировен фонд за поддршка на Армијата со 9 милиони евра, денеска го потпишаа Меморандумот за разбирање, со што се означи и стартот на имплементацијата на овој проект кој значително ќе придонесе кон развојот на армиските капацитети. На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.

По потпишувањето на Меморандумот, министерката Петровска порача дека поддршката од девет милиони евра е наменета за Лесната пешадиска баталјонска група и ќе се користи исклучиво во оваа армиска единица, а средствата ќе бидат искористени за набавка на логистичка, медицинска, инженериска и опрема за изведување на обуки, комуникациско-информациски системи и за разузнавачки капацитети.

„Оваа поддршка од Европската Унија за македонската Армија и одбраната ја потврдува поддршката на Унијата во остварување на нашата стратешка цел, тоа е членството на Република Македонија во Европската Унија “, рече министерката и додаде дека исклучително важни се и позитивните оценки од Европската комисија која за поглавјето 31 јасно нотираше добро ниво на подготвеност и добар напредок во однос на усогласувањето на земјата со надворешната и безбедносна политика на Унијата.

„ Унијата го цени придонесот на Армијата во мисиите и операциите кои се водени од ЕУ низ светот. На овој начин ЕУ покажува дека кога ги спроведуваме реформите, кога напредокот е видлив и јасен, европската поддршка нема да изостане “ рече Петровска и додаде дека Република Mакедонија останува посветена на исполнувањето на својата втора стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.

Евроамбасадорот Гир порача дека Македонија ја покажа и докажа нејзината посветеност во заедничките цели и нејзината усогласеност со Европската заедничка и безбедносна политика, преку учество во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, мисијата во Централнo Африканската Република, придонесот на Балканските наменски медицински сили, при што го поздрави и учеството во мисиите предводени од НАТО – КФОР во Косово, мисијата во Ирак, Унапреденото засилено присуство во Балтикот. Ова е еден од првите придонеси од страна на Европскиот мировен фонд кој ќе и помогне на Армијата да стане уште поагилна и на тој начин ќе даде придонес во зголемување на нејзиното учество во мировните операции во рамките на заедничката надворешна и одбранбена политика – рече Гир.

Амбасадорот Ловренчич истакна дека Европскиот мировен фонд како инструмент за прв пат е достапен во овој регион и ќе биде еден пример за другите земји, како и дека планираните активности се веќе започнати. Во следните неколку месеци и следната година се очекува реализација на набавка и испорака на опремата, што ќе биде видлив приказ на посветеноста на Европската Унија и зајакнатото партнерство со Македонија.

Поддршката од 9 милиони евра е наменета за набавка на логистичка опрема, медицинска опрема, комуникациско-информациски системи, разузнавачки капацитети, инженериска опрема и опрема за изведување на обуки за потребите на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата. Опремата која ќе се набавува преку ИТФ е координирана со професионалци во Армијата, што е гарант дека таа ќе биде во согласност со нашите потреби и највисоките НАТО стандарди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп по дебаклот: Немате поим колку се…

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја доведе…

Кличко ги повика жителите на Киев да…

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика…

Тошковски: Македонските граници се под зголемен притисок…

Македонската полиција бележи зголемен притисок на државната…

Мостарец осуден на максимални 45 години затвор…

Кантоналниот суд во Мостар денеска го осуди…

Италија планира казни до 160 евра за…

Италија наскоро би можела да воведе казни…