Необични традиции: Како се прославува дочекот на Новата година низ светот
Нова година се слави во сите краеви на светот речиси 4000 години. Научниците сметаат дека древните Вавилонци во областа на некогашна Месопотамија, први почнале да ја одбележуваат Новата година. Таа се славела како повторно раѓање на се во природата и било логично тоа да е на почетокот на пролетта кога се оживува. Се смета дека Вавилонците го славеле доаѓањето на Новата година дури 11 дена. И старите Египќаните исто така го прославувале доаѓањето на Новата година. Во почетокот тоа било кон крајот на септември, во време кога Нил го поплавувал својот брег. Тоа било за Египќаните најважен ден во годината и означувал расцветување на растителниот свет, а со самото тоа и повеќе храна.
Нова година е ден што го означува времето на почетокот на нова календарска година. Година пак е временски период за кој Земјата врши една потполна револуција (кружење) околу Сонцето и изнесува 365 дена 5 часа, 48 минути и 46 секунди или приближно 365,25 дена. Таканаречената „Граѓанска година“ која се користи во светот, од практични причини е заокружена на 365 дена, а остатокот од 6-те часа се „собира“ во текот на 4 години кога се додава како ден повеќе на месецот февруари (тогаш е престапна година).
Според грегоријанскиот календар кој денес се смета за „официјален“ светски календар, Новата година е на 1-ви јануари. Тоа, како традиција останало од стариот Римски календар поставен пред околу 2700 години, по кој е и редоследот на месеците како што го знаеме денес (јануари-декември). Прославувањето на Новата година е еден од најстарите обичаи. Новата година веројатно први почнале да ја слават древните Кинези или пак старите Германи или Римјани. Старите Германи со славењето всушност ја одбележувале смената на годишните времиња. Бидејќи зимата во нивните области почнувала во средината на ноември кога се завршувала жетвата, се собирале и се веселеле поради завршетокот на жетвата и претстојниот одмор. Така можеби настанал големиот празник: Нова година. По освојувањето на Европа, Римјаните во 153-та година пред нашата ера, го промениле датумот на славењето на Новата година на први јануари. Новата година ја славеле како симбол на почетокот на новиот живот и новите надежи за иднината. Тој обичај и значење се задржале до денешен ден. Во Средниот век, во разни подрачја на светот, Новата година започнувала на различни датуми: на 1-ви март, 25-ти март, 1-ви септември, 25-ти декември и др. Така, во Англија и Велс, до 1751 година, Новата година започнувала на 25-ти март, а од тогаш е прифатен датумот 1-ви јануари. Русите пак, некаде до X-тиот век, Новата година ја дочекувале и славеле на први март, како датум на пристигнување на пролетта. Празнувале во честа на Сонцето, а нивните обреди имале магиско значење. Во Јулијанскиот календар кој уште го применуваат некои цркви (Руската, Српската, Македонската), Новата година започнува на 13-ти јануари, од причина што овој календар доцни 13 дена зад новиот, Грегоријански календар. Кај нас датумот 13-ти јануари е познат уште како Стара Нова година (Нова година по стариот календар), православна Нова година (иако и многу православни цркви го прифатија и го употребуваат Грегоријанскиот календар) или под други називи. Како и да е, добрите познавачи на митологијата велат дека Новата година симболизира регенерација на космосот, копнеж за обновување и почеток на новото. Инаку, според христијанската традиција 1 јануари е денот на обрежувањето на Исус (осмиот ден од денот на неговото раѓање), кога му било дадено името Исус.
Иако денес 1 јануари е прифатен за почеток на Новата година, многу народи низ светот задржале традиционално да го прославуваат овој празник во различни времиња, па така Кина, држава со најголем број на жители почетокот на годината го прославува во време на младата Месечина. Според движењето на Месечината почетокот на годината го сметаат покрај Кинезите и Јапонците, Индијците, Виетнамците и уште некои други народи, а останатите го сметаат според Грегоријанскиот календар меѓу 31 декември и 1 јануари.
Одбележувањето и украсувањето во чест на Новата година, не било отсекогаш онакво какво што го знаеме денес. Во многу христијански земји, некаде пред околу два века, новогодишното дрво (елка) почнало да се кити со ѕвезда на врвот, светкави украси, венци, снег, а нешто подоцна како симбол се јавил и Дедо Мраз. Новогодишното дрво е симбол на древниот свет и претставува „космичко дрво“ кое покажува кон небото (вселената). Ѕвездата на врвот се поставува поради верувањата дека секој човек има своја ѕвезда која се појавува на небото во моментот на неговото раѓање и ја претставува неговата среќа. Подароците пак се израз на желбата за благосостојба, па оттука украсувањето на домот, како и поставувањето на богати, свечени трпези. Инаку, поради Земјината ротација од запад кон исток како и поделбата на часовни зони, Новата година не пристигнува едновремено на целата Земјина топка. Првин започнува на островот Каролина (Република Кирибати), кој е речиси на самата Меѓународна датумска граница на Пацификот (всушност сосема малку позападно од датумската граница). Потоа доаѓа во Нов Зеланд, па во Австралија, во делови на Источна Азија, потоа во Централна и во Западна Азија. По десетина часа, Новата година ќе дојде во Европа, Африка, а уште 5-6 часа подоцна и во Америка. По речиси 24 часа откако настапила на островот Каролина, Новата година доаѓа и до последните места на Земјата-неколку групи острови сосема малку поисточно од датумската граница.
Инаку, Нова година низ светот се слави на различни и понекогаш за нас сосема необични начини.
Така, во Шпанија секое место си има своја прослава, а главна е прославата во Мадрид со голем огномет на полноќ. Во оваа држава, Новата година се дочекува со јадење на зрна грозје за секое отчукување на часовникот (вкупно 12).
Жителите на Данска, Новата година ја прославуваат со кршење на чинии и други садови кои ги собираат цела година за таа намена. Во новогодишната ноќ одат по куќите на своите пријатели и оставаат од скршените садови. Оној кој има најголем крш пред врата има и највеќе пријатели.
Во Јапонија овој празник се слави со свечена трпеза, а куќите се украсуваат со борови и бамбусови гранчиња. На полноќ доаѓањето на Новата година се огласува со 108 удари на звона од будистичките храмови, кои ги симболизираат 108-те можни гревови на човекот.
За Кинезите Нова година е празник кој вообичаено е меѓу 20 јануари и 19 февруари и трае цел еден месец. Тоа е најголем народен празник во чиј пресрет се чистат становите и куќите како симболика да се исчисти од домовите се што е старо, а на улиците се организираат прослави со огромни, најчесто црвени змејови од хартија како симболи на успех и моќ. Во Кина за Нова година се јадат мекици во вид на грутка што симболизира грутка злато и богатство.
Темпераментните Јужноамериканци, старата година ја испраќаат со огaн. Во Јужна Америка пред куќата обесуваат страшило облечено во стари алишта наполнето со стари весници и петарди и го палат. Горејќи го страшилото го горат сето она што било лошо во претходната година. Во Колумбија во секое семејство се шие специјална кукла која ја претставува старата година. Куклата се полни со парчиња од стара облека од сите членови на семејството и писменца на кои секој си пишува што сака да му се оствари во новата година. Куклата се изнесува пред врата и се пали на полноќ да изгори. Кубанска традиција е да се дочека Новата година со јадење на 12 грејпфрути, за секој месец по еден. Во Бразил во новогодишната ноќ сите се облекуваат во бело, за среќа, мир и благосостојба. Цела Латинска Америка во очи на Новата година бара гаќи во разни бои во зависност од земјата: црвени, розови или жолти. Во некои земји Новата година се дочекува со долни алишта облечени наопаку, за среќа.
Веднаш по полноќ во Шкотска се посетуваат соседите и се разменуваат честитки. Како знак на пријателство се носи парче леб или парче јаглен. Се верува дека годината ќе биде особено среќна и убава ако во куќата прво ќе влезе згоден и црнокос убав маж. Особено ако во куќата има моми за мажење.
Холанѓаните на улица палат огaн во кој ги горат елките и прават огномет, бидејќи сметаат дека оганот носи радост и среќа. Холанѓаните ја дочекуваат Новата година пржејќи и јадејќи крофни и веруваат дека тие носат среќа.
Во Португалија во новогодишната ноќ децата одат по куќи, пеат убави стари песни познати под името Женеиро (Јануари), а за тоа добиваат подароци и пари.
Италијаните имаат необична новогодишна традиција. Кога се простуваат со старата година ги фрлаат низ прозорците и сите стари предмети кои им се непотребни. За да не биде повреден некој минувач во последно време се фрлаат ситни работи , како симболика на обичајот. Старите Римјани за Нова година си подарувале ореви, урми, смокви и тркалезни колачиња. Италијаните за Нова година јадат и леќа или грашок чии зрнца симболизираат пари. Некои јадат колач во вид на змија: како што ја остава змијата кожата, така да се остави старата година.
Во Виетнам Новата година се дочекува нешто подоцна во јануари. Тогаш се јаде еден вид крап за кој се смета дека на својот грб носи богатство и среќа.
Во САД Новата година се дочекува со огномет и се јаде ориз со црн грав и свинско месо. Во тоа се става паричка и кој ќе ја пронајде цела година ќе биде среќен. Се смета дека овој обичај го донеле робовите од Африка.
Во Грција, Нова година се дочекува со „Василопита“ во која се става златна паричка, а детските чизми се полнат со подароци.
Австријците Нова година ја дочекуваат со сладолед со нане во вид на четворолистна детелина
Норвежаните за новогодишната ноќ готват ориз во кој ставаат еден бадем. Оној што ќе го пронајде бадемот ќе биде многу среќен во Новата година.
Австралија и нејзиниот град Сиднеј ја дочекуваат Новата година на сонце и без снег. Повеќе од милион туристи од целиот свет и околу 300.000 жители на Сиднеј, уживаат во топлата новогодишна ноќ гледајќи го онометот, кој велат може да се види на оддалеченост од 16 км.
Во Германија постои обичај растопено олово да се фрла во ладна вода. Според обликот на создадените фигури се гледа каква ќе биде Новата година. Така на пример прстен значи брак, брод патување итн.
И во Франција се готви зрнеста храна за да има многу пари во Новата година. Типичен француски новогодишен подарок е тегличка со зашеќерени костени во шербет. Франција е првата земја во Европа која почнала да го прославува пречекот на Новата година во 1563 година.
Во Индија дочекот на Новата година се вика Diwali – фестивал на светлината. Се слави три дена кон крајот на октомври или почетокот на ноември и секој град и село се украсени со сјајни светликави украси. Сè сјае и светка, а се украсуваат дури и животните. На новогодишното утро децата ги држат очите затворени и ги чекаат подароците. Diwali е и религиозен хинду празник, па затоа се носи цвеќе и овошје во храмовите.
Египќаните Нова година ја слават како национален празник. Иако се анае кога почнува Новата година, сепак се чека да излезе младата месечина пред официјално да се објави нејзиното доаѓање. Набљудувањето на месечината се врши во Мухамед Али џамијата која се наоѓа на врв на ридот над Каиро. Пораката се проследува до големиот муфтија и тој го прогласува доаѓањето на Новата година. Насобраните луѓе потоа одат дома да им ја пренесат веста на домашните. Сите се свечено облечени, на децата им се делат колачиња завиткани во шарена плисирана хартија.
Како се слави во Ирак? Се слави на 21 март. Неколку дена пред Нова година Ирачаните ставаат зрна од пченица или јачмен да про’ртат. Никулците се симбол на нов живот. Се месат лепчиња за подарување, а по улиците се слуша дајре, труба и тапани.
Иранците ја слават Новата година на првиот ден од пролетта со про’ртен јачмен и пченица, а на трпезата има ситни парички, вапцани јајца и Куран во убав аранжман. Се прават 7 јадења што почнуваат на буквата „С“. Постарите на помладите им даваат пари (некогаш тоа биле златници) и се прескокнува огинот бидејќи се верува дека тоа носи среќа.
Што се однесува до Дедо Мраз, тој се „чека“ и почитува во околу 80-100 држави во светот. Во други држави Дедо Мраз се смета само за комерцијална, капиталистичка личност, а во некои дури е сосема „забранет“, не смее да се споменува или истакнува на јавни места. Но за тоа повеќе во соодветната статија на ИГЕО.
Инаку, според официјалното, централноевропско време (кое е по 15-тиот степен и.г.д.), Новата година во Република Македонија настапува на целата територија точно на 1-ви јануари во 00 часот. Меѓутоа, бидејќи нашата држава е значително по на исток (20-23 степени и.г.д.) од централниот меридијан на средноевропското време, по реалното, локално (меридијанско) време, Новата година ќе дојде околу половина час порано, односно околу 23.30 часот. Првин ќе настапи во најисточните делови на нашата држава (Пехчево, Берово, Делчево), потоа минута по минута подоцна во централните делови и по 10-тина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава (Дебарско).
Извори: 365.com.mk; www.docek-nove-godine.com; mk.wikipedia.org
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Напладне продолжува седницата за изборот на новата…
Денеска во 12 часот ќе продолжи седницата…
Пуштена во оптек новата монета од две…
По повод 20-годишнината од еврото и почетокот…
Необични традиции: Како се прославува дочекот на…
Нова година се слави во сите краеви…