Путин го чека Орбан на гости во Москва: За што ќе разговараат?

t

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе биде домаќин на разговорите со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој зазеде помек став за украинската криза отколку НАТО и ЕУ, а Унгарија е членка на двете.

Кремљ соопшти дека лидерите ќе разговараат за трговијата и енергијата, како и за „актуелните проблеми за обезбедување на европската безбедност“, алузија на ќор-сокакот меѓу Русија и Западот околу Украина, објави АФП.

Орбан рече дека ќе бара договор за зголемување на увозот на гас на Унгарија од Русија во време кога некои во Европа ја обвинуваат Русија дека организира енергетска криза со цел да се изврши притисок врз европските земји.

Унгарските опозициски партии изминатиот викенд објавија заедничко соопштение во кое го повикаа Орбан да го откаже своето патување, што спoред нив е „спротивно на нашите национални интереси“.

Унгарската опозиција соопшти дека со средбата со Путин, Орбан „индиректно го охрабрува рускиот претседател дополнително да ја ескалира сегашната тензична ситуација“.

Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за плановите за неизбежна инвазија на Украина со нејзините војници насобрани на границата и предупреди на сериозни економски санкции доколку го направи тоа.

Патувањето, исто така, веројатно ќе биде непријатно со најблиските сојузници на Унгарија во Европската унија, особено Полска.

Варшава претстави обединет фронт со Будимпешта против Брисел за прашања како владеењето на правото, но долго време негодува за врските на Орбан со Путин.

На истиот ден од посетата на Орбан во Москва, неговиот близок полски сојузник премиерот Матеуш Моравјецки ќе отпатува за Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е поддржан од Западот.

– „Мир и деескалација“ –

На состанокот на европските конзервативци организиран од шпанската екстремна десница во Мадрид за време на викендот, а на кој присуствуваше и Моравјецки, Орбан рече дека Украина е „многу важно прашање“ за оние во Централна Европа.

Тој истакна дека е за „мир и деескалација“, според неговата канцеларија.

Но, тој не го повтори генералниот аларм на ЕУ за трупањето на руските војници на границата со Украина.

Унгарија, која се приклучи на НАТО во 1999 година и на ЕУ во 2004 година, зазеде помека линија кон Украина, со која дели мала копнена граница.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Будимпешта преговара за барањето на САД за распоредување на војници на НАТО во Унгарија, но ги нарече „лажни вести“ извештаите дека тоа може да биде до илјада војници.

Тој претходно изјави дека Унгарија е лојална членка на НАТО, но дека не сака „нова студена војна“.

Бајден најави дека планира да испрати американски војници во земјите на НАТО во источна Европа, но не и во самата Украина, која не е членка на трансатлантската алијанса.

Орбан е популарен дома и покрај обвинувањата на критичарите за неконтролирана корупција и дека ја насочува Унгарија кон авторитаризам.

Посетата на Москва доаѓа само два месеци пред критичните избори во Унгарија, при што анкетите укажуваат на тесна трка меѓу Орбан и сојузот на обединетата опозиција.

За време на Орбан, кој ја започна својата политичка кариера во унгарското антисоветско демократско движење, Будимпешта беше еден од најблиските партнери на Русија во ЕУ.

Во знак на пријателство, Унгарија беше првата членка на блокот што ја одобри московската вакцина против коронавирус Спутник V, која не беше зелено светло од Европската агенција за лекови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Марија Габриел ќе биде втор човек во…

Поранешната еврокомесарка и министерка за надворешни работи…

ЕУ исплаќа 4,2 милијарди евра финансиска помош…

Земјите од Европската унија денеска ја одобрија…

Кулеба ќе ги убедува африканските држави да…

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ќе…

Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…

„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…

Сијарто: Прекинот на транзит на нафта од…

Министерот за надворешни работи и надворешни економски…