Што е тоа духовник и кој може да биде духовен отец?

t

Многумина од оние кои сакаат активно да живеат во Православната црква се прашуваат како да најдат свој духовник и што претставува тоа. Денес, во овој прилог, ќе зборуваме токму за ова прашање. – Пишува Ѓакон Влатко Стоименов од повардарската епархија.

Слободно можеме да кажеме дека христијанската вера во својата основа е преданиска. Што значи, таа се пренесува од колено на колено, од татко на син, од духовен отец на духовно чедо. За секој човек што сака да напредува во побожноста и во духовниот живот, ќе треба за некои нејасни прашања, кои честопати го среќаваат на неговиот духовен пат, да се консултира со некој поискусен човек, кој веќе ги познава сите искушенија и неволји кои се среќаваат во развојот и духовниот подвиг. Таков човек е духовникот, кој, како што се вели во Светото Писмо, во мака ги раѓа своите духовни чеда, тој ги негува и воспитува, ги води и раководи, сè додека во нив не го вообличи ликот на Исуса Христа.

Во православната духовна литература зборот „духовник“ честопати се среќава под разни синоними како што се: Геронда, старец, авва итн. Сите тие изрази ја искажуваат суштината на зборот „духовник“. Духовник е личност што духовно е многу силна, што е втемелена врз Господа Исуса Христа, врз светите отци и врз православната духовна традиција. Неговата личност е способна другите луѓе, другите личности духовно да ги преродува, па токму заради тоа тој е „духовен отец“, а сите оние кои тој ги раководи на патот кон спасението се негови духовни деца. Значи, духовникот, не само што ги раѓа своите духовни деца, туку непрестајно ги раководи на патот на духовниот живот и растење.

Духовникот е како светило на врв планина, тој и да сака не може да се сокрие, тој не ги бира своите духовни деца, туку него го наоѓаат сите оние кои сакаат напредок во духовниот живот и кои тежнеат да ја постигнат и остварат целта на своето постоење. Според тоа духовникот никому не му се наметнува, тој е отворен за сите кои сакаат да му пристапат и да ја задоволат својата духовна жед.

Духовникот, пред сè, е човек на молитвата и е полн со расудување. Затоа тој никогаш не настојува насилно да продре во нашата душа. Тој стрпливо чека душата на неговото духовно чедо да му се отвори со целосна искреност и со доверба, бидејќи само така тој може да дејствува и да помогне.

Тајната на спасението е надумна тајна. Затоа ако сакаме да најдеме свој духовник на кого целосно и искрено ќе му се предадеме, ќе треба да ја засилиме својата молитва и Бог нема да нè остави без Својата утеха. Бог, како единствен Кој ни го познава срцето ќе нè упати кај оној духовник кој одговара на нашите духовни потреби и на склоностите на нашите души.

Помеѓу духовникот и духовното чедо се формира заедница базирана врз меѓусебна љубов, послушание и слобода. Тие заедно на еден чудесен начин растат и напредуваат во духовноста. Духовникот не е тутор или диктатор во нашиот живот, тој многу повеќе е наш постар и поискусен брат, кој целосно и безрезервно ни ги открива духовните тајни и доблести. Стекнувајќи ги овие доблести, ние сигурно го трасираме патот кон Царството Божјо и кон вечноста.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Папата Франциск ги критикува “нефлексибилните” позиции кои…

Папата Франциск во четвртокот предупреди на нефлексибилните…

Денес е строг Божиќен пост и сеќавање…

Oд градот Анкира Галатиска. Роден и воспитан…

Денес се сеќаваме на Светите маченици Гуриј,…

Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани.…

Денес е спомен на Светиот Цар Јустинијан

По потекло е од околината на Скопје.…