140 години од раѓањето на Павел Шатев: Родољубието и вистината ќе ја победат неправдата

t

Незаборавник – за Македонските работи(7.)

/140 години од раѓањето на Павел Шатев/

Родољубието и вистината (ќе)ја победат неправдата

Во есејот што е пред вас станува збор за историските неправди кон голем број македонски синови, револуционери и родољуби, но и за неправдите што и  се нанесени на Македонија и на македонскиот народ во целост.

Има ли поголема неправда од тоа самите неправедно да ги судиме(Ченто), безочно да ги прогонуваме(Брашнаров), полициски да ги малтретираме и удбашки да ги изопштуваме и нехумано изолираме(Шатев), и драконски да се осудуваат македонски родољуби како терористи? Не! Нема поголема неправда од ваквиот срамен чин. Треба да сме свесни дека кога се судел Ченто, всушност му се судело на АСНОМ. Кога се прогонувале, малтретирале и затворале Шатев, Брашнаров, Пирузе, всушност се понижувале најголемите македонски синови – револуционери, општественици, државници.

Има ли поголема неправда од предавството на НАЈСВОЕТО, НАЈСВЕТОТО, НАЈСВЕТЛОТО. – Име, Идентитет, Јазик, Култура, Традиција, Историја. Предавството на Македонија? Нема! мора да се исправат сите овие неправди. Сега и тука.

Времињата се такви што мораме да се позабавиме со структурните аспекти на родољубивите и национално – дезинтегративните мисли, изречени зборови и спроведени дејствија (однесувања, постапки, пресуди) на примерот на Македонците и Македонија. Навистина мораме! Тоа од нас го бараат генерациите минати, ИЛИНДЕН-ски и АСНОМ-ски, сегашните, генерациите на нашите деца и внуци, но и генерациите на децата на нашите внуци, и на нивните синови и внуци.

На прашањето ‘’Зошто?’’, единствено можниот одговор е – за да ја осознаеме и обзнаниме вистината за Шатев, Ченто, Брашнаров, Пирузе, и за многуте други, неправедно осудени и жигосани, или пак без обвинение, пресуда и вина затворани и изопштувани од јавниот и општествен живот на Македонија.

Ни претстојат уште судски, научни и историски рехабилитации.

Вистината за нив – онеправдани, е вистина за Македонија и македонскиот народ. А вистината мора да ги победи лагите, измамите, манипулациите и неправдите во врска со македонија и нејзините напатени и онеправдани синови.

Време е за социјална и морална критика. Со првата повеќе да ги дефинираме сите аномалии низ историјата на Македонија, направени од поранешните и денешните генерации политичари и општественици. Втората пак критика, знаеме е Кантовска и Сократовска категорија, и ќе ни послужи за поединечна и колективна осуда, за да имаме чиста совест пред историјата и пред нас самите.

Најпрвин треба да проучиме кое животно искуство изразува родољубиви, а кое национално дезинтегративни мисли, зборови и однесувања. Потоа, да ги проучиме идејните извори на овие облици на свест, а посебно на национално дезинтегративните. Треба да се осознае каква е содржината на национално дезинтегративната свест. Како таа се изразува во јавноста и во некои социо-професионални групации. И тоа од времето на Преродбата, времето на Разловечкото и Македонското(Кресненско) востание, па од времето кога е создадена Македонската револуционерна организација, од Илинден 1903-тата, од НОБ/НОВ и АСНОМ, од времето на Информибото 48-та и либерализмот од 70-тие години од минатиот век, па се до денес.

Станува збор за обид да се препознаат и објаснат изворите на оние општествени процеси, политички сили, културни обрасци кои допринесуваат во обликувањето и практицирањето на македонската дезинтегративна мисла и соодветното дејствување што произлегува од неа. Во услови на разбивање на македонската држава дел од македонската интелектуална и политичка јавност превзема и создава стереотипи за сопствената нација, шири стигматизирана и грда слика за Македонците и го поттикнува сомневањето во вредностите на македонската нација при што безобѕирно го гази колективното достоинство на народот.

Секоја нација има пријатели и непријатели надвор од границите на државата. Но ние Македонците имаме еден додатен проблем, а тоа е проблемот со самите нас. Загрижуваат субјектите кои деструктивно ги оспоруваат, исмејуваат, напаѓаат и издаваат темелните национални државни интереси, вредности и потреби. Посебно загрижуваат поединците, групите и поедини невладини организации кои со недвосмислени анти-родољубиви ставови, како што се самонегирање и национална самодеструкција(подршка на понижувачки Преспански договор со Грција и срамен Договор за соработка со Бугарија) идејно и политички дејствуваат против националните и државните интереси на Република Македонија.

Повеќе од императив е да ги разгледаме сите последици на ваквото дејствување и да ги објасниме нивната општествена и културна основа која ги храни.

Мора да се откријат историските, културните, општествените и идеолошките извори од кои истекува оваа мисла, тече и се шири. Посебно треба да се направи и дистинкција дали станува збор за критика, отпор, несогласување, опортунизам или издајство на нацијата и државата? Треба да се запрашаме дали самодеструкцијата на нацијата е дел од демократијата, слободата и човековите права.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…