Македонските синови-херои се Македонската Масада, тврдина, бедем на Македонија
Незаборавник – за Македонските работи(8.)
/140 години од раѓањето на Павел Шатев/
Македонските синови-херои се Македонската Масада
/Тврдина, Бедем и Штит на Македонија/
Сите ние сме Македонија.
Македонија не постои надвор од нас самите.
Во историјата на народиве на планетава има такви херојски настани што со својата емоционална и морална сила прераснале во национални митови. Тие митови за големата жртва на хероите произлезени од народот станале светилници на националната кауза се до создавање на национална држава.
Ваков херојски подвиг уште од стариот век е оној на Леонида и Спартанците кога испогинаа кај Термопилите бранејќи ја татковината од персиската инвазија. Големата жртва на Зилотите кои се дигнаа против римското ропство на Израилот и испогинаа на упориштето Масада каде овие херои ја бранеа својата татковина од непријателот, стана мит кој со векови ја одржуваше идејата за израелската држава. Дури и кај оние нации од новиот свет како американската имаат херојски национален мит кој го вообличуваше нивниот патриотизам со чинот на големата жртва на бранителите на Аламо пред непријателот. Митот за американскиот херој Дејви Крокет е токму производ на овој драматичен историски момент.
На почетокот на 20от век во Македонија е создаден националниот мит за саможртвата на “гемиџиите“, како солунски динамиташи и атентатори, за хероизмот на востаниците од Илинденското востание во кое круциален момент е саможртвата на бранителите на Крушево кај Мечкин Камен под команда на војводата Питу Гули, за хероизмот на македонските синови загинати кај Ножот, Голготата на последниот гемиџија Павел Шатев и многу други.
Овие херојски чинови се есенцијата на македонското револуционерно и востаничко минато. Тоа е тој непоништлив и вековен ПРОСТУМ. Тој инспирира, дава сила, обврзува. Овие херојски жртви и многуте други од Илинденската епопеја и славната и победничка НОВ, од 1941 до 1944 година, станаа парадигма за НЕПОКОР и митска мотивација за дејствување во насоката на создавање на македонската држава.
Но само што македонскиот народ помисли дека конечно ќе ги остварува своите креативни потенцијали во оваа демократска заедница, еве ти ги новите искушенија. Овој пат тие се и однадвор и одвнатре и работат на уништување на македонската држава и народ. На македонскиот народ му претстои драматична иднина, му претстои борба за својата слобода и достоинство, повторно.
По којзнае кој пат треба да се соочиме со уништувачката закана, со бессовесноста на моќните и предавството на ситните марионети кои се накотија како црви меѓу народот. Тоа се малодушни и малоумни одродници, кои клонат кон бесперспективна и срамна покорност, кон понизно прифаќање на диктатите. Тоа се МАКЕДОНСКИТЕ ЦРНИЛА.
Црнила кои сакаат да ги поништат простумните рефлексии на македонското национално битие. Тоа се препрочитувачите-шмирглачи на славната македонска историја, суредувачите на новоговорот орвеловски и неговото вметнување во нашиот образовен систем, и прекројувачите на македонската географија и територија. Силите што го реализираат овие срамни дејствија се домашни – домашни кукли и марионети. Рибари на нашите души, кои не набедуваат на себепредавство. Сакаат да ни ги тетовираат душите. Да ни врежат лузни, социјални и историски за навек. Да се самоукинеме.
Тоа е слепило, умствено слепило. Безумие. На креатури во нови одежди, со нови сурати, ама со стара, добро позната, зла намера. Против македонската држава, против македонската нација. Ни го одземаат суверенитетот на државата, ни го бербатат интегритетот на нацијата. Треба да бидеме на штрек! – злото доаѓа одвнатре. Од надвор само се легитимира. Со наговор и диктат на режисерите кои пак се иноземни, туѓинци. Душебрижници и недобронамерници, кои не и мислат добро на Македонија.
Па го видовме тоа со преспанскиот договор и Грците. Горчливо, болно искуство. Еве, по тој терк сега не припремаат и за Бугарија и нејзините апсурдни барања во врска со се што е наше, македонско. И пак велам, да бидеме на штрек! Сега треба да се покажиме како достојн и наследници на Павел Шатев кој одамна запиша “Од поуките во минатото, учиме за чекорите во иднината“.
Не треба ова беззаконие и овие гадости ни малку да се толерираат. не смееме да дозволиме да ни ја продаваат душата на сила и со подмолност. Кукавиците ќе побегнат во своите дупки и ќе треперат од страв таму, но народот македонски има синови и ќерки кои нема да побегнат туку херојски ќе и се спротивстават на заканата. Па и да ја поднесат најголемата жртва. Со НЕПОКОР и ПРОСТУМ. Простумот македонски кој треба да го предизвикаме, да се разбуди и востанички да крене глава.
Против црнилата. Против ОДРОДИТЕ.
За Македонија нема друг пат освен да се соочи, со отворени очи и јасна мисла, со своите предишни и денешни црнила. Македонија мора да ги покаже и жигоса одродниците. Само така ќе го спречиме предавството на НАЈСВОЕТО, НАЈСВЕТОТО, НАЈСВЕТЛОТО. – Име, Идентитет, Јазик, Култура, Традиција, Историја.
Доста со предавства на Македонија! Македонија која опстанала низ вековите, иако била и ништена и горена и корнета и ослепувана и на кол набивана и по сите белосветски прогонства и пустини прогонувана и пак одново никната, никната таму каде што дотрајале нејзините човечки ластари и каде што изнаоѓале во себеси сила и маштина одново МАКЕДОНСКИ ПРОСТУМ да заврзат.
Мораме да изнајдеме сили да се соочиме со вистината. Вистината, и кога е најгрда, најгорчлива, најболна, е насушно потребна, макар и преку болка, за да се отворат очите, да се разбуди мислата, и после расонувањето, свеста и совеста да го отворат единствениот пат до спасот – преку НЕПОКОР и ПРОСТУМ до ОПСТОЈ. Така било со овој народ – со години, децении, векови и милениуми. Тој БИЛ, Е И ЌЕ БИДЕ МАКЕДОНСКАТА МАСАДА. НЕОСВОЕНА ТВРДИНА. ОДБРАНБЕН И НЕПРОБОЕН БЕДЕМ.
А во него се светилниците на националната кауза: Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански…Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Павел Шатев…Методија Андонов – Ченто, Коста Солев Рацин, Кузман Јосифовски – Питу, Блаже Конески…Сите тие, и уште многу други, се вградени во темелите на македонската Тврдина – Македонска Масада. Заедно и сплотено го сочинуваат македонскиот непробоен Бедем. Како такви се заштититен Штит на се што е македонско – Име, Јазик, Идентитет, Суверенитет, Историја, Култура, Традиција
Ајде драги мои Македонци од поуките во минатото, да учиме за чекорите во иднината!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…