Бизнис секторот со предлог мерки до Владата за намалување на ценовниот шок

t

По зголемувањето на цените на храната и горивата во изминатите два дена и најавите на Владата и опозицијата за нови антикризни мерки, вчера со предлог мерки излезе и бизнис секторот. За полесно да се пребродат ценовните шокови, од Сојузот на стопански комори бараат активирање на државните резерви, зголемување на домашното производство и елиминирање на непотребните бирократски процедури за инсталирање на обновливи извори на енергија.

-Бараме решителна реакција, сега и веднаш. Има најави, но бараме дела. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенси и на прехранбени производи. На тој начин, шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела некако под контрола. Производството може да се зголеми, можеби не драстично, но секојдневно секако да, изјави претседателот на ССК Трајан Ангелоски.

Од ССК сметаат дека компаниите можат добар дел од енергетските потреби сами да ги задоволат, а неопходното да го купат.

– Нема потреба да имаме толку сложени процедури, да губиме време по општини за градежни дозволи или по институции за вадење документи. Чекаме по 60 – 90 дена. Според неофицијални информации, само во една од скопските општини има 30 – 40 предмети за обновливи извори. Денес не е проблем да се обезбеди опремата, но на обезбедена опрема и можност таа да се монтира, ние сме закочени во административните процедури, рече Ангелоски.

Ценовниот шок, според ССК, е резултат на непродолжувањето на антикризните мерки поврзани со ДДВ-то и маржите. Очекувањата на ССК, како што изјави Ангелоски, биле постепено да се нивелираат даночните ослободувања.

Од Владата најавија нови антикризни мерки во најкус можен рок по донесувањето на ребалансот на Буџетот. Мерките, како што појаснија, ќе бидат потаргетирани и во согласност со последните препораки на меѓународните финансиски институции.

Од Министерството за финансии вчера информираа дека во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, како и за субвенции за покачување на минималната плата, пари за зголемување на пензиите и дополнителни средства за субвенции за земјоделците.

– Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, додека исто така ќе продолжи определбата за водење прудентна фискална политика, која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок,  наведоа од Министерството за финансии.

Оттаму појаснија дека со ребалансот, и покрај одреденото проширување на дефицитот, тој сепак е под нивото во 2021 година и значително под нивото од кризата 2020 година.

И премиерот Димитар Ковачевски на гостувањето на телевизија Канал 5 потврди дека мерките ќе бидат насочени кон оние на кои им се најпотребни. Порача дека ќе бидат навремено подготвени и презентирани со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните. Откри дека ќе бидат дизајнирани така што дел ќе бидат продолжени до крајот на годината, а дел ќе бидат редизајнирани.

– Ние ги следиме трошењата, ги следиме движењата на цените во текот на сите периоди во годината, бидејќи едни се ценовните притисоци во текот на зимските месеци, а други во текот на пролетните, летните, есенските месеци. Така што, согласно движењата и побарувачката, мерките ќе бидат како и досега навремено подготвени и презентирани со цел да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, повторувам, тие сега ќе бидат потаргетирани и ќе  можеме да ги насочиме кон оние кои што најмногу им се потребни, истакна Ковачевски.

Од друга страна, опозицијата бара итна собраниска седница на која ќе се разгледа нивниот предлог за намалување на ДДВ-то за горива од 18 на 5 проценти и преполовување на акцизата, како и нула ДДВ за основните прехранбени производи до крајот на годината. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера соопшти дека поднеле барање за итна седница до претседателот на Собранието.

-Бараме оваа седница да биде свикана што е можно поскоро зашто секоја помината минута, откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните продукти, претставува невидена голгота за граѓаните. Нашите граѓани страдаат, доведени се до ситуација да очекуваат некој нешто да преземе, бидејќи со ситуацијата во која Владата ги стави можат да преживеат едвај една недела, а не цел месец, изјави Мицевски.

Антикризните мерки што Владата ги воведе на почетокот на март за ублажување на последиците од кризата престанаа да важат на 1 јуни по што се зголемија цените на основните прехранбени производи и на горивата. Со поскапувањата во изминатите два дена, цената на горивата сега се движи околу 100 денари за литар.

Поради растот на цените на храната и горивата и нереализирањето на барањето за зголемување на платите за 2.806 денари, Сојузот на синдикати на Македонија најавува генерален штрајк за што одлука денеска ќе се носи на седници на Претседателството и Советот како највисоки тела на синдикатот. Претставници на ССМ вчера се сретнаа со економскиот тим на Владата, но средбата заврши без договор.

– Бараме итно зголемување на платите. Ценовните шокови и двоцифрената инфлација ни даваат право да бараме усогласување на платите веднаш, бидејќи веќе не се издржува, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски по средбата.

Од Владата најавија дека социјалниот дијалог продолжува и оти остануваат на ставот за усогласување на платите, но дека во тој процес не смее да се заборави на моменталната ситуација, солидарноста и ефективноста на јавната администрација.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Голем пад на цените на нафтата на…

Цените на нафтата паднаа под 76 долари…

Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и…

Цените на недвижностите и кириите во ЕУ…

Во последната деценија и половина, пазарот на…

Од полноќ поскапуваат горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и…

Поскапува мазутот, останатите цени на горивата остануваат…

Малопродажните цени на бензините, дизелот и на…