Великаните на спортот: Спортот како бренд
На почетокот на овој серијал “Великани на спортот“, збор-два за самиот спорт како бренд. Потоа ќе следат портрети на најголемите и најуспешните спортисти во историјата на спортот. Можеби брендот како феномен во светски рамки најдборо го отсликува спортот. Спортот како бренд. Се изразува во повеќе оригинални форми: фудбалер, кошаркар, тим, асоцијација и слично. Тие се сакани, обожавани, како посебен вид религија и култ. Зошто е тоа така? Пред сè затоа што спортот е бизнис, а спортистите носат профит, но и самите заработуваат баснословни суми.
Младите што ги обожаваат сакаат да бидат како нив, успешни, славни, но и богати. Со процесот на глобализација појавата на „ѕвезди“, „бесмртни“, „вечни“ и „икони“ во спортот доби нови димензии. Причините за настанување на овие појави или поточно феномени, имаат длабоки корени во психологијата на модерниот начин на живот и занимавање со спорт и спортски активности, но и во новата улога и значење на врвниот спорт во општеството и неговите рефлексии во социјалните односи на луѓето.
Спортот и спортистите повеќе не се препознатливи само според постигнатите успеси. Сè повеќе и повеќе се важни и нивниот изглед, нивната појава, спортската опрема што ја користат и начинот на тренирање. Со еден збор сè повеќе на важност и значење добива нивниот персонален бренд. Само резултатите веќе не се доволни. Освен нив, спортистот мора да има харизма, визуелен изглед и посебен стил. Денес во спортот имаме од непознати, неуспешни и непризнати, преку докажани, признати и успешни, до славни, угледни спортисти, а еден дел од нив се и икони, ѕвезди и спортски легенди.
За спортски бренд денес покрај резултати и слава потребен е и висок степен на препознатливост и диференцираност од просекот, вообичаеното и секојдневното. Како денес се станува спортска ѕвезда или бренд во спортот?
Станува збор за процес кој е фокусиран на поттикнување интерес на јавноста за одреден успешен спортист и неговите врвни резултати. Но, и не само тоа. Се создава интерес за лични приказни, за начинот на тренирање, спортскиот стил карактеристичен за тој спортист, неговите индивидуални карактеристики, способности, однесувањето на спортските натпревари и надвор од спортската арена, веридбите, женидбите, раѓањето на деца, разделбите (брачни и со спортските екипи), кризите и падовите, аферите и скандалите, карактерните особини и надворешниот изглед и однесувањето во јавноста, давање на спонзорства и учество во хуманитарни акции и сл.
Секако, покрај набројаните лични карактеристики и предиспозиции, треба да се има и врвна екипа за маркетинг. Специјализирана за спортски маркетинг. Маркетиншкиот пристап пред сè значи проверка на можностите на спортистот за успех на спортскиот, но и останатиот пазар. Се истражува и мери прифатеноста на спортистот кај навивачите, гледачите и консументите во најширока смисла. Потоа се работи на личниот развој на спортистот и на нагласувањето на неговата визибилност.
Летни олимписки игри
Летните олипмиски игри по обем се најмасовниот спортски бренд во светот. Вредноста на брендот се проценува на 3,5 милијарди долари во сопственост на Интернационалниот олимписки комитет. Се одржуваат на секои 4 години и претставуваат најмасовен собир на спортисти во целиот свет. Така, колку за пример, олимпијадата во Пекинг имаше рекордни 1,7 милијарди ТВ-гледачи, приходот од билетите изнесуваше 353 милиони долари, а комплетниот приход ја надмина сумата од над 3 милијарди долари. Олимпискиот медал, златен, сребрен или бронзен, е најпосакуваното нешто за секој спортист на планетата Земја. Без разлика за кој олимписки спорт станува збор, спортистите од најмали нозе, без исклучок секогаш сонуваат за моментот кога на олимпискиот пиедестал на градите ќе им биде ставен олимписки медал со златен, сребрен или бронзен сјај.
Олимпизмот ги има испишано највозбудливите спортски приказни во историјата на спортот. Такви се бренд-приказните за Џеси Овенс, Кaрл Луис, Марк Шпиц, Фелпс, Боб Бимон, Мухамед Али, Теофило Стивенсон, Усеин Болд и други. Овој светски бренд е бренд кој со своето мото “важно е да се учествува…“ ги мобилизира спортистите од целиот свет и им вградува натпреварувачки дух и менталитет. Едноставно, на Летните олимписки игри сите спортисти сакаат да остварат “побрзо… повисоко… подалеку….“. Идеал за сите спортисти на светот. Го остваруваат само најупорните и најдобрите.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВРЕДИ: Со законот за правична застапеност ги…
Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ соопшти дека на…
Од 1 јули целосно се забранува движењето…
Од 1 јули ќе стапи на сила…
Дел од вработените на Клинички ќе паркираат…
Министерството за здравство во договор со компанијата…
Медведев до Трамп: Добро започнавте, честитки, господине…
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската…
И Германија го повика Иран да разговара…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го повикува Иран…