Мадона: Поп-кралица или секси-грешница – провокативна идеја што воодушевува
Светски икони – мода, филм, музика, стил(6.1)
Мадона: поп-кралица или секси-грешница
Мадона е чаша полна талент, во море полно со амбиции
Мик Џегер
Мадона е најуспешна и највлијателна музичка ѕвезда на сите времиња. Никој друг како неа не успеа неколку пати комплетно да се преобрази, музички и стилски, успешно воведувајќи нови трендови. Ниту еден друг уметник не успеа така долго, како Мадона, да опстои и да се задржи на врвот, да биде успешен. Цели 50 години Мадона е успешна, атрактивна, провокативна, скандалозна и иновативна. Нејзините фанови веќе полни четири децении ја обожаваат, ја следат, ја поддржуваат, и за возврат секогаш добиваат нешто ново(музика, стил, имиџ), привлечно и интересно. Тоа е култот “Мадона“, пропратен со маркетиншка стратегија, која покрај музика и забава, опфаќа и модна облека, асесоари и провокативно однесување, комуницирање и живеење. Во вчерашната колумна беше истакнато дека таа неколку пати радикално го смени имиџот, и тоа во нејзината кариера стана нејзин заштитен знак. Така и стана change leader(лидер во промени) “дисциплина“ во која никој не може да се натпреварува со неа, а притоа да е поуспешен. Времето покажа дека секоја нејзина промена, за неа беше нова прилика за успех и за триумф.
Нормално е да се постави прашањето – како се стигнува на музичкиот/филмскиот Олимп?
Тајната на успехот е во постојаното вложување во себе. Најкорисна алатка е маркетингот кој таа сама си го направи. Се доживувакако бренд, на кој треба напорно да се работи. Само напорната работа е гаранција за успех. Дозата на харизма во комбинација со најдобрите стилисти, костимографи и дизајнери, го даваат конечниот производ – поп икона која им пркоси на времето и годините.
Уште на почетокот од својата кариера Мадона ја потенцираше својата еротичност, па така повеќепати е прогласувана за најсексипилна жена на светот. Оваа поп-дива стана вистински “секси бренд” за голем број нејзини обожаватели. Клучот на нејзиниот извонреден успех на естрадата е во храброто експериментирање со сексуалноста. Во нејзината кариера таа испроба безмалку сè: се испроба како заводничка, беше распеана каубојка, посветена чесна сестра, но и грешница, мечувалка и што ли уште не! Секоја од овие нејзини трансформации ја постигнуваше целта: секогаш нова, никогаш досадна, без предрасуди, табуа и граници, токму тоа што машките истовремено го сакаат и се плашат.
Многу нејзини провокативни сцени во видеоспотовите на нејзините музички нумери ја распалуваа имагинацијата на припадниците на машкиот пол “до границите на издржливост”. Постојат моменти од кои нејзините машки фанови се збунети, како што се бакнувањето со Бритни Спирс, сцените од видеоспотот “Со Мадона во кревет” и допирањето на образот на Остин Пауерс со нејзиниот задник. Но, сепак, за сето ова нејзините фанови наоѓаат разбирање за Мадона и понатаму уште повеќе ја обожаваат и слават. Иако Мадона одамна ја помина 40-тата, па 50-тата, а сега веќе и 60-тата, таа очигледно е во добра ментална и физичка кондиција. Човек просто да помисли дека таа поседува некој таен еликсир за младост, свежина и виталност.
Мадона… провокативна идеја што воодушевува
Можеби најповеќе од сè таа е провокативна идеја што воодушевува. Неспорно е дека таа е бренд-икона и претставува слободна жена која се бунтува против секоја форма, авторитет и било каква норма. Позната е по тоа што константно смислува нешто ново и интересно што ја прави безмалку40 години актуелна на светската музичка сцена. Приказните за неа и околу неа се создаваат секојдневно и се интересни, провокативнии контроверзни. А не ретко и скандалозни. Ама тоа ти е: Мадона просто ужива да продуцира скандали. Таа е ненадмината скандал-девојка на шоу-бизнисот.
Мадона како бренд-икона има идеја. Таа ги руши востановените норми во општеството, се спротивставува на конвенционалното, им пркоси на конформистите и е бунтовник кој со шокантни настапи предизвикува внимание, но и воодушевување. Таа е пејачка, актерка, танчарка и модна икона. Тоа се референците врз основа на кои го гради својот идентитет. Мадона константно се иновира, останува актуелна и често оди дури и пред времето со начинот на своите настапи и музичко-сценски уметнички перформанси.
Секогаш е оригинална и постојано актуелна. Приказните околу неа и за неа се создаваат и се надополнуваат секојдневно. Токму поради сето тоа неа ја респектираат неколку генерации љубители на музиката, филмот, модата, танцот и уметноста. Како и да гледаме и со што и да мериме, Мадона е поп-кралица на светот и вечна провокација. Најголема креаторка на сопствениот стил, најголема модна икона и икона на трансформацијата во последните 30 години. Таа е промотор на модна смеса соединувајќи ја високата мода со масовните трендови.
Нејзината животна приказна и нејзиниот изглед се во спротивност со софистицираните убавици. Изненадува, тежнее кон постојана провокација, често ја шокира јавноста, но како што реков, секогаш е чекор пред сите. Важи за непредвидлива и ненадмината во рушењето на сите табуа и модни правила, а сепак е следена и обожавана од милиони жени.
Мадона рушејќи стереотипи и табу-теми, денес заслужено, не е кралица само на поп-музиката, туку и на поп културата.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мадона итно префрлена во болница: Откажана светската…
Американската пејачка Мадона беше итно пренесена во…
Мадона: Поп-кралица или секси-грешница – провокативна идеја…
Светски икони - мода, филм, музика, стил(6.1)…
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…