Ритам на чаршијата – Култура на живот заедно

t

Скопје е место каде иднината доаѓа да проба. Во град Скопје, и општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Кисела Вода, Аеродром и Сарај, што е заедничко за сите нив? Голема и емотивна поврзаност на граѓаните кон град Скопје и општините во кои живеат. Тие во нив се родени, живеат, работат и имаат силни и јаки емоции кон Скопје.

Тоа е страст и љубов!

Страст за креативност и иновации, со цел да се оствари повисок квалитет на живеење. И љубов кон убавините на Скопје, кон Старата скопска чаршија, кон Камениот мост, кон Калето, Водно, Дебар маало, Топаана, Шутка, Хиподром… Страста и љубовта се заштитни знаци на успехот со кој се остварува целта – Живот заедно за сите скопјани и во Скопје. Тие се трајно вградени во потребите на скопјани. Скопје е на патот за развој, технологија, креативни индустрии и промени – кон квалитет.

Старата скопска чаршија е јадрото каде се создава култура на мирно и заедничко живеење. Таму, на едно место се среќаваат и се преплетуваат безброј животни искуства, традиции, среќни и тажни моменти, искушенија, размислувања, мотиви за творење, предизвици, успеси и неуспеси. Тоа е познатиот и динамичен Ритам на магичната стара чаршија. Чаршијата со тесните, таинствени, кривулести, примамливи улички, исполнети со живот, со малите дуќани од чии ѕидови како да избива длабинска енергија и како да секој камен и секоја пукнатина дише Живот заедно, му дава Ритам на живеење, ја раскажува приказната за Скопје, Скопје низ вековите, Скопје во времето и просторот. А Камениот мост е Временската порта преку која влегуваме во чаршијата и од сегашноста ѕиркаме во минатото, а се загледуваме во иднината.

Ете тоа е Духот на Старата чаршија: Во неа има траги од таинствени посети; таму се дуќаните како јадро на творештвото; во чаршијата е привлечноста на занаетите, кои се вртат како на филмска лента – од абаџиски, терзиско-срмаџиски, јорганџиски, кафтанџиски, преку ќурчиско-кожарски, папуџиски, фурнаџиски, месарски, слаткарски, до бозаџиски, алваџиски, казанџиски, ковачки, тенеќеџиски, коларски, столарски, а многу одамна и пушкарски, сабјари и мноштво други; Саат кулата како уметничко дело; ја гледаме моќта на свилата, убавината на кожата, сјајот на златото и среброто, прецизноста на часовниците, значењето на старите фотографии, кафеаните, гостилниците, убавините на исламската архитектонска тројка – ан, амам, џамија. Се воодушевуваме од Сули ан, Куршумли ан, Капан ан и нивниот опстој низ вековите; Таму, во чаршијата, се приказните за амамита – Даут пашин амам, Чифте амам, па Безистенот, и секако џамиите и црквите – Мустафа-пашина џамија, Султан-муратова џамија, Алаџа џамија, Араста џамија, и Црквата Свети спас, Црквата Свети Димитрија; Не ги забораваме и прекрасните уметничките атељеа, галериите, старите чајџилници и модерните кафулиња.

Во Чаршијата, преку Камениот мост, во Градскиот трговски центар, во Пајко маало, населбата Ченто…се гради доверба и владее хармонија. Скопјани се граѓани-визионери, кои не само што ја доловуваат иднината, туку се и ентузијасти во остварување на истата.

Ајде утре 17 септември во 17:00 часот па до касно во ноќта, сите да ја удостоиме Чаршијата со поезија, уметност и чалгија, а воедно и ќе го почувствуваме нејзиниот магичен ритам.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се подтготвува формирањето на Бекташката држава во…

Подготовките за создавање на суверена држава на…

Македонија пред нов, екстремно топол бран

Од четврток (20 август) па сѐ до…

Иран најави договор со Оман за безбеден…

Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас…

Германците се сомневаат дека претседателката на Словенија…

Откако австриската новинска агенција АПА и словенечкиот…

Лондон: Стоиме зад Украина и продолжуваме да…

Велика Британија изјави дека стои зад Украина…