Грејс Кели – икона со убавина на извајана Венера
Светски икони – мода, филм, музика, стил(7.)
Грејс Кели – икона со убавина на извајана Венера
“Би сакала да бидам запаметена како личност која направила корисни дела
и била љубезна и добра личност. Би сакала да оставам впечаток на човечко
уштество со коректен однос, кое даде сè од себе за да им помага на другите.“
Грејс Кели
Пред два дена, на 14 септември, навршија 40 години сообраќајната несреќа во која загина филмската дива и икона на стилот Грејс Кели. Таа е една од трите мои омилени грации – таа, плус Мерлин Монро и Одри Хепберн. Мерлин ви ја претставив како икона настилот, сега тоа го правам со Грејс, а потоа ќе следи и Одри Хепберн.
Една од најдобрите дефиниции на поимот ‘’модна икона’’, вели дека тоа е личност која успева да создаде синергија на личноста, телото и времето во кое живее. А кој би можел подобро да го симболизира тој термин од Грејс Кели, филмската кралица на Холивуд, принцезата од Монако и добитничка на Оскар.Нејзината убавина и стил и денес се инспирација на многу жени, но и дизајнери. Во една прилика славниот дизајнер Карл Легерфилд, изјави: ‘’Никој не може да изгледа како Грејс Кели, таа беше најубавата блондинка на своето време’’, но и ќе додаде, дека е сигурен ако денес беше жива, на 80 години, ќе беше неодолива. Легерфелд во неа го виде тоа што многу други ќе го воочат многу подоцна, кога нејзината филмска кариера ќе заврши. Тој ја препозна нејзината природност, но и совршеноста на женската фигура олицетворена во неа. Всушност ја истакнуваше нејзината неминлива и вонвременска убавина, при што веруваше дека таква совршеност може да старее добро.
Може само да се констатира дека преубавото лице, раскошното тело и кадифениот глас и беа дадени од Бога. Како таква, беше предодредена да стане ѕвезда. Сепак, можеби најдобро ја познаваше Хичкок, кој всушност е најзаслужен што таа стана филмска ѕвезда и икона на стилот. Таа беше негова муза, за која тој велеше дека е како вулкан под снег. И додели три главни рољи во неговите филмови, во кои Грејс зрачи со ледена, аристократска убавина, под која сепак се насетува нешто топло. Можеби токму тој спој на огин и лед, е заслужен за тоа што за пет години филмска кариера таа сними 11 филма, стана филмска икона, освои Оскар, а нејзината последна животна улога на принцеза ја промовираше во мит. Хичкок не само што од неа создаде филмска ѕвезда, туку во неа најде и идеална жена, која преку денот е ангел, кој навечер во спалната се претвора во огнена и страствена партнерка. Преку ден беше Артемида, божица на ловот, а во ноќта, Афродита, божица на љубовта.
После сите нејзини филмски улоги неа ја перцепираме преку нејзината загадочност и способноста да предизвика очекувања и надеж. Кај Грејс сексуалноста не беше експонирана на лицето, како кај Мерилин Монро, туку таа ја поседуваше одвнатре во својот дух. Како и да е, ретката убавина, зачудувачката ладнокрвност во комбинација со тоа што Хичкок го нарекуваше сексуална елеганција, ја вивна Грејс Кели во за многу недофатливиот холивудски пантеон.Токму затоа Грејс Кели беше филмска ѕвезда којасамо ја живееше својата бајка, но и икона на стилот обожавана од милиони следбеници.
Позната е по блиската соработка со режисерите и костимографите за разработка на облеката за улогите во филмовите. Позната е нејзината изјава дека важно е најпрвин да се виде личноста, а потоа облеката што ја носи. Тоа е непобитен факт дека била свесна за секој детаљ за својата појавност и визуелност. Нејзиниот безвременски и елегантен стајлинг ги одредуваше трендовите и стилот на 50тите години од 20от век, а филмовите во кои играше станаа и останаа модни референци на префинетата ера на суптилниот гламур. Најзаслужни за нејзиниот перфектен изглед беа модните куќи ‘’Диор’’, ‘’Шанел’’ и ‘’Баланциага’’.
Имаше живот и филмска кариера вредни за пишување роман и снимање филм. Актерка и принцеза. Зрачеше со класична убавина, а елеганцијата и беше посебна, дотогаш невидена класа. Како актерка светот го освои со убавина, а по романсата со принцот Рение од Монако стана сакана и почитувана принцеза. Актерка со чист американски стил. Кога дојде во Европа таквиот стил го облагороди со гламур, чии одлики беа женственост, елеганција, удобност, луксуз,плус сексапил, романтика и шик. Ќе се согласите, таа е вистински гламур.
Така таа стана една од првите вистински и најгламурозни модни икони во светот. Таа беше најубава, најелегантна и најграциозна – принцеза на своето време и на сите времиња. Никој не беше рамнодушен кон нејзината убавина. Холивуд, САД, Европа и целиот свет. Сите се восхитуваа на нејзините преубави очи, бистар поглед и прекрасното лице со убавина на извајана Венера. Грејс Кели беше вистинска дама, со добар вкус. Нејзините ексклузивни фустани изработени од најпознати модни креатори беа одраз на нејзиниот особен стил и шарм со кој го освои својот принц, но и армијата обожаватели. А токму тоа и треба денес на современата жена. Воопшто не е случајно што новата мода денес и се враќа на таа комбинација.
Имаше многу светли моменти во животот и кариерата, но два се незаборавни. Првиот е дека принцезата Грејс од Монако ќе остане запаметена по софистицираниот невестински фустан од тантела што го носеше на венчавката со принцот Рение од Монако, а вториот е кадарот од филмот ‘’Прозор во дворот’’, кога на збунетиот Џејмс Стјуард му соопштува дека ноќта ќе ја помине со него. Доколку постои момент во кинематографијата што би можел да нè увери што значи една жена да биде елегантна, прекрасна, шик, беспрекорно облечена и неверојатно секси, тоа веројатно би бил тој кадар од филмот. Некои велат дека била неверна и развратна, бидејќи имаше љубовни врски со безмалку сите нејзини партнери(со Гари Купер во ‘’Точно напладне’’, со Клерк Гејбл во ‘’Могамбо’’, со Вилијам Холден во ‘’Мостовите на Токи Ри’’, со Кери Грант во ‘’Фатете го крадецот’’, со Френк Синатра во ‘’Високо општество’’), а и ги придодаваат и шармерот Марлон Брандо, милионерот Хауард Хјуз и принцот Али Кан. Не, таа никого не изневери, туку само го бараше вистинскиот маж. Најголемото неверство го направи во моментот кога се откажа од филмот. Стана принцеза, но ја изгуби слободата, го изгуби светот во кој таа суверено владееше. Било кога да ја видам на телевизија во некој филм или документарец, секогаш ми доаѓаат зборовите на Кери Грант, дека таа носи мир, ведрина и светлост, и глуми како што Фред Астер танцува.
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…