Андревски: САД никогаш не отстапија од поддршката за Македонија
Новата американска амбасадорка Ангела Агелер деновиве положи официјална заклетва како нова амбасадорка на САД во Македонија, на свечена церемонија во Стејт департментот во Вашингтон, и се очекува да пристигне во земјава за околу еден месец и официјално да ги започне дипломатските активности.
Таа во Македонија е во втор мандат, откако пред десетина години во Скопје ја вршеше функцијата офицер за односи со јавност на Амбасадата на САД, а во меѓувреме беше во дипломатски мисии во американските амбасади во Париз, Њу Делхи, Ханој, пишува “Нова Македонија“.
Станува збор за искусна дипломатка, која САД ја праќаат во земјава во време кога светот се наоѓа пред големи геостратегиски предизвици, енергетската и економската криза, војната во Украина, а земјата домаќин во која доаѓа е на почетокот на сериозни процедури за евроинтегративниот процес. Сето ова говори за сериозниот пристап што Американците го имаат кон Македонија, грижејќи се за својот стратегиски партнер во овие исклучително тешки времиња.
Тридецениско стратегиско партнерство
Уште по осамостојувањето, САД ја ставија под своја заштита новата македонска држава, која веднаш се определи за евроатлантскиот курс, а низ годините таа соработка стануваше сè поинтензивна и поблиска. САД учествуваа со сопствен контингент војници во мисијата УНПРОФОР/УНПРЕДЕП, како гарант на македонските граници, што де факто беше израз на признавање на Македонија, кое се случи во 1994 година, за една година подоцна да се воспостават целосни дипломатски односи и прв амбасадор да стане Kристофер Хил, актуелен американски амбасадор во Србија. Воената соработка продолжи и натаму, со обука на македонски војници во САД, а потоа преку Партнерството за мир помагаа да се вклучи земјава во НАТО.
Во 2004 година, во екот на грчките притисоци врз Македонија за проблемот за името, Американците преземаат решителен чекор и почнуваат да ѝ се обраќаат на државава под нејзиното уставно име Република Македонија, што во земјава беше протолкувано како израз на искрено и стратегиско пријателство.
Токму ова стратегиско пријателство беше заклучено со потпишувањето на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка помеѓу САД и Република Македонија во 2008 година, во Вашингтон. Потпишувањето на декларацијата следуваше поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008.
Поради неуспехот на американскиот претседател Џорџ Буш да издејствува членство на Македонија во Алијансата беше донесен предлог да се потпише декларација со која САД ја гарантираат безбедноста на Македонија, без тоа да биде замена за членство во НАТО. Набљудувано од аспект на војната во Украина, преку оваа декларација се гледа дека САД уште тогаш на некој начин се обврзале да ја штитат Македонија од надворешни закани исто како да е членка на НАТО. Покрај тоа, со Декларацијата се потенцира определбата за засилени трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите помеѓу Американците и Македонците, преку промоција на културна и образовна размена. Оваа соработка денес е проширена и на други области, така што во овие неполни 15 години од потпишувањето на стратегиската соработка, Македонија ја добива сета можна помош од САД на секое поле.
И денес, кога Македонија се соочува со бугарските опструкции и нејасната европска иднина, САД повторно ги подигаат односите со земјава на уште повисоко ниво, а најдобра потврда е неодамнешниот почеток на Стратегискиот дијалог меѓу САД и Македонија. На агендата на овој дијалог меѓу двете земји се регионалната соработка, одбраната и безбедноста, енергетиката, економските теми, културната соработка, образованието, демократскиот развој, како и борбата против корупцијата и криминалот.
Неодамна дојде нов контингент американски волонтери во Мировниот корпус, кои со години помагаат во делот на образованието, волонтирајќи во училиштата на територијата на целата земја. За време на нивниот двегодишен престој во Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации. Американски волонтери со години се присутни во Македонија учествувајќи во изградба на куќи за социјално ранливи категории, но и делејќи друга хуманитарна помош.
Повеќе од очигледно е дека САД се присутни буквално во секоја пора на општествениот живот во земјава, со единствена цел – да покажат дека стратегиското партнерство и меѓусебната доверба и пријателство меѓу двете земји имаат длабоки корени и тешко може да се раскинат.
Американците и натаму се тие што ја туркаат Македонија напред, па откако таа стана полноправна членка на НАТО, своите напори ги насочуваат кон тоа земјава да го заокружи интегративниот процес со членство во ЕУ.
Американски ветер во македонските едра
Амбасадорката Агелер е свесна дека врските меѓу САД и Македонија се исклучително блиски, па затоа нејзината задача ќе биде да го мотивира македонското општество да се посвети на неопходните реформи, за да може земјава решително да зачекори кон Европската Унија.
Агелер веќе ги има добиено инструкциите од нејзината претходничка Кејт Мари Брнз, која мошне прецизно ги забележа проблемите со кои се соочува оваа земја, како исклучително ниската доверба во судството, метастазираната корупција, нефункционалните институции, за што во неколку наврати со право упати остри критики. Она за што Брнз критикуваше останува да биде главна задача на Агелер да го спроведе во практика, односно да ги натера македонските политичари конечно да се зафатат со структурни реформи, департизација на судството и институциите, како и да започнат решителна борба со криминалот и корупцијата.
Несомнено, во следниот период фокусот на САД во стратегиската соработка со Македонија е насочен кон овие задачи, за да може Македонија да биде демократска и функционална држава, со што ќе се отворат и поголеми перспективи за странски инвестиции, развој на економијата и зголемување на стандардот на граѓаните.
Новата амбасадорка Агелер го има потребното дипломатско искуство да ги спроведе американските политики во Македонија, а кои земјава ги прифатила уште во моментот кога се одлучи дека ќе ги негува западните демократски вредности. Од тие причини е исклучително важно уште на самиот почеток на дипломатскиот ангажман на новата американска амбасадорка да се постават целите што треба да ги исполни земјава, за да може полесно и побрзо да се движи низ преговорите со ЕУ. Оваа соработка и координација ќе бидат уште поважни во светлото на безбедносните закани од секаков вид, како и за спречување непријателски влијанија од трети земји.
– Американската надворешна политика е моќна и учествува во решавање глобални проблеми, круцијални прашања, во согласност со своите интереси. Меѓу тие мали групи на интереси е и Македонија. Долгорочно гледано, САД никогаш не отстапија од тоа да ја поддржуваат Македонија. Никогаш не го направија тоа, дури и кога беше проблемот за името, тие застанаа на страната на Македонија, ја признаа под нејзиното име Македонија. Така е и сега – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Тој додава дека континуираната американска поддршка на земјава ги одвраќа сите оние што не ѝ мислат добро на Македонија.
– Американската политика кон Македонија е облик на континуирана, умерена и, во основа, полезна помош за земјава. Таа никогаш не отстапила од тоа. Од друга страна, оние земји што по некоја друга основа се заинтересирани за Македонија, сепак, го имаат на ум тој момент дека САД ја поддржуваат земјава и дека во одреден момент можеби тие што би биле против Македонија, ќе треба да се соочуваат со интересите на Америка. Еден дел е реален, еден дел е предупредување. Сите знаат дека ако САД застапуваат некого, како што ја застапуваат Македонија, мораат да водат сметка дека не можат директно да одат против Американците – констатира Андревски.
И во Вашингтон се говори македонски јазик
Новата американска амбасадорка Агелер што доаѓа во земјава добро го познава македонскиот јазик и го говори исклучително коректно. Таа, на некој начин, ја продолжува практиката на американската дипломатија кон Македонија, да испраќаат амбасадори што не се стеснуваат да го говорат македонскиот јазик, покажувајќи нужна почит кон земјата што им понудила гостопримство. Македонските граѓани особено го паметат поранешниот амбасадор Филип Рикер, кој исто така говореше македонски, но често беше виден и на спортските терени како ги бодри македонските екипи, носејќи го македонскиот дрес. Тоа е одраз на почит, истовремено тоа е и најголемата поддршка што една странска земја може да ја понуди во одбраната на македонскиот јазик од нападите од соседството. Имено, никој нема да може да ѝ префрли на американската амбасадорка каков јазик говори, а уште помалку дека тој јазик наводно бил дијалект на некој друг јазик. Со учењето и говорењето на македонскиот јазик на сите дипломати што доаѓаат на служба во Македонија, САД практично испраќаат моќна порака пред целиот свет за постоењето и признавањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет, култура итн.
– Своевремено, кога Бил Клинтон стана претседател на САД, ми испратија брошура „Клинтон 42-от претседател на САД“. Брошурата беше напишана на беспрекорен македонски јазик. Се јавив до американската амбасада да прашам кој го превел овој текст, оти ретко се среќавам со толку писмени текстови, но ми беше одговорено дека преводот е направен во САД. Замислете, тие таму имаат човек, можеби е и Македонец, што толку добро го познава македонскиот јазик, едноставно перфектно го превел текстот на македонски. Значи, Американците покажале почит за нашиот јазик, за тоа мора да им се оддаде признание – вели Андревски.
Извор: Нова Македонија
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кандидатот за потпpетседател на Тpамп: Амеpика не…
Тврдењата на актуелните американски власти за наводна…
САД се налутија: Косово ги загрозува можностите…
Соединетите Американски Држави оценија дека со континуираните…
САД ѝ се заканија на Турција со…
Помошникот на шефот на американското Министерство за…
Ние кога? САД инвестираат 2,2 милијарди долари…
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави…
САД: Неонацистичка група има намера да се…
Предизборната кампања во САД се соочи со…