Масовни демонстрации во Франција: Работниите бараат повисоки плати, Владата ќе ги враќа на работа принудно!
Француските синдикати денеска започнаа штрајкови низ целата земја, барајќи повисоки плати бидејќи инфлацијата достигна највисоко повеќедецениско ниво, при што претседателот Емануел Макрон се соочува со еден од најтешките предизвици од неговиот реизбор во мај.
Штрајкот, кој првенствено ќе го погоди јавниот сектор, како што се училиштата и транспортот, е продолжение на повеќенеделната акција на синдикатот што ја прекина работата во големите француски рафинерии и доведе до проблеми со снабдувањето со гориво на бензинските пумпи.
Лидерите на синдикатот се надеваат дека одлуката на француската влада да ги принуди работниците во складишта за бензин да се вратат на работа ќе го засили револтот на работниците, велејќи дека овој потег „го загрозува правото на штрајк“, пренесува Ројтерс.
Портпаролот на француската влада Оливие Веран изјави дека денеска може да бидат издадени дополнителни наредби за принудно враќање на вработените на работа, бидејќи возачите се уште стојат во редици пред бензинските пумпи.
„Ќе има принудно враќање на работа до степен до кој се смета дека е неопходно… Блокирањето на рафинериите, кога постигнавме договор за платите, не е нормална ситуација“, рече Веран.
Левичарскиот синдикат CGT повика на четврта недела по ред штрајк во Тотал Енерџи, и покрај тоа што нафтената компанија постигна договор со умерените синдикати во петокот за зголемување на платите за 7,0 отсто и исплата на бонуси на работниците.
Синдикатот CGT бара зголемување на платите за 10 отсто, наведувајќи ја инфлацијата и огромниот дополнителен профит на фирмата.
Компанијата „Еуростар“ соопшти дека укинува дел од возовите меѓу Лондон и Париз поради штрајкот. Францускиот јавен железнички оператор SNCF објави дека сообраќајот на локалните линии е намален за 50 отсто, но дека нема поголеми прекини на националните линии.
Штрајк во енергетскиот сектор
Како што растат тензиите во втората по големина економија во еврозоната, штрајковите веќе се префрлија и на други делови од енергетскиот сектор, вклучувајќи го и нуклеарниот гигант ЕДФ, каде што ќе бидат одложени работите за одржување на клучните капацитети за снабдување со електрична енергија во Европа.
Претставник на синдикатот FNME-CGT во понеделникот изјави дека штрајковите влијаат на работата во 10 француски нуклеарни централи, при што е одложен ремонтот на 13 реактори, додавајќи дека производството на електрична енергија во Франција е намалено за вкупно 2,2 гигавати.
На штрајкот на вработените во енергетиката, кој почнува денеска, повикаа и синдикатите на работниците во државната администрација, со можни прекини на работа во училиштата и другите јавни институции.
Штрајковите доаѓаат во политички тензична ситуација, при што француската влада е подготвена да го усвои буџетот за 2023 година користејќи специјални уставни овластувања што ќе и овозможат да го заобиколи парламентарното гласање, рече во неделата премиерката Елизабет Борн.
За денеска се закажани демонстрации низ земјата, а Париз ќе започне напладне.
Илјадници луѓе во неделата излегоа на улиците на Париз за да протестираат против зголемувањето на цените.
Лидерот на тврдолевичарската партија „Непокорна Франција“, Жан-Лук Меланшон, маршираше низ улиците на Париз заедно со овогодинешната нобеловка за литература, Ан Ерно и повика на генерален штрајк денеска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Франција го блокира пристапот до израелските штандови…
Франција го блокираше пристапот до штандовите на…
Францускиот МНР: Франција е решена да ја…
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро…
Пратеници од Левица остварија средба со францускиот…
ПРАТЕНИЦИ ОД ЛЕВИЦА ОСТВАРИЈА СРЕДБА СО ФРАНЦУСКИОТ…
Франција забранува пушење на сите јавни места…
Пушењето ќе биде забрането од 1 јули…
Франција со порака до премиерот: Мицкоски зема…
*Анализа на француското специјализирано списание „Le Courrier…